Отсуството на процедура со јасни, мерливи и недискриминирачки критериуми за реконструкција на образовните објекти не е во согласност со член 7 и 16 од Законот за јавна внатрешна финансиска контрола и не дава разумно уверување за објективниот избор на објекти што треба да бидат приоритетни, забележале ревизорите
Министерството за образование и наука (МОН) нема изготвено процедура со јасни, мерливи и недискриминирачки критериуми кои ќе ги одредат приоритетите во инфраструктурните зафати, констатирале државните ревизори во нивниот последен извештај за извршена ревизија на дел од елементите на финансискиот извештај на оваа институција.
- Тие критериуми треба да се изготват преку утврдување на потребата од интервенција, демографскиот фактор, односно бројот на ученици, условите за работа, степенот на развиеност на регионот и други индикатори. Со утврдување на критериумите ќе се создадат услови да се изврши евалуација и објективен избор на објектите опфатени со инвестиционите вложувања во образовната инфраструктура. До денот на ревизијата, воспоставена е практика, субјектите до Министерството да доставуваат барања за одобрување финансиски средства за реконструкција и санација на објектите.
Одделението за капитални инвестиции ги разгледува, врши увид на терен, подготвува извештај од извршениот увид и дава мислење за потребата, но не учествува во изборот, односно нивната селекција, ниту пак од страна на одговорното лице од Министерството има формирано комисија за таа цел - констатирале ревизорите.
Отсуството на процедура со јасни, мерливи и недискриминирачки критериуми за реконструкција/санација на образовните објекти не е во согласност со член 7 и 16 од Законот за јавна внатрешна финансиска контрола и не дава разумно уверување за објективниот избор на објекти што треба да бидат приоритетни во однос на потребата и видот на интервенции, а почитувајќи ги начелата на рамномерен регионален развој, стои во извештајот.
Ревизорите препорачуваат одговорните лица во Министерството да изготват процедура со прецизно утврдени критериуми врз чија основа ќе се врши евалуација и избор на објекти за инвестициони вложувања во образовната инфраструктура, имајќи ги предвид насоките за дефинирање критериуми од Проектот за одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој.
- За изградба и реконструкција на основните и средните училишта, ученичките и студентските домови, во 2019 година се реализирани активности во износ од 115.850 илјади денари, што претставува 36 отсто искористеност во однос на одобрените 321.895 илјади денари буџетски средства за овие намени. Од вкупно реализираните активности, 97.986 илјади денари, или 85 отсто се однесуваат на продолжување на почнатите градби од минати години, а 17.864 илјади денари или 15 отсто се однесуваат на започнување нови градби/доградби и надградби на објекти во 2019 година. Низок е степенот на реализација на програмските активности - потенцираат ревизорите.
Во најголем дел, утврдиле тие, ова е резултат на ненавремено започнување или прекини на градежните активности (делумно обезбедени услови за почеток на градежните работи, необезбедена дозвола за градење, дел од договорите се склучени во зимските месеци во кои временските услови често не дозволуваат изведба на градежните работи, ненавремено назначување лице за следење на реализација на договорите) и непредвидени работи во текот на извршувањето, што го отежнуваат целиот процес на реализација на динамичките планови. Поради тоа, роковите за реализација на изведбените работи согласно основните договори повеќекратно се пролонгираат и по неколку години.
- Слабата реализација на програмските активности има влијание врз постигнувањето на основните стратешки цели за кои е наменето финансирањето, а тоа се подобрување на условите за изведување на наставата од основното и во средното образование и подобрување на сместувачките капацитети во ученичките и студентските домови - се додава во извештајот.