X
 24.06.2024 Наша тема

Александра Ацеска предава во средно училиште во Кина и неодамна имаше своја изложба: „Да се стане активен уметник тука не може преку ноќ, потребен е голем труд“

Македонската уметница Александра Ацеска, по потекло од Прилеп, која дипломирала и магистрирала на Факултетот за ликовни уметности при УКИМ во Скопје, веќе четири години живее во Кина и постигнува успеси на професионален план. 

Таа неодамна ја имаше својата права самостојна изложба „Флорален лимбо“ (Floral Limbo) во Сан Та Музејот на уметност во Гуангџоу, Кина, а предава во средно образование на едно од најстарите IB училишта во Кина, кое е меѓу првите 10 во земјата по квалитетот и успехот на учениците. Нејзините ученици аплицираат за најдобрите универзитети во светот и многу е горда на нивниот успехот.

- Во Кина сум повеќе од четири години, но се преселив во Гуандонг, провинцијата каде што живеам сега, пред три години. Пред да дојдам во Кина немав никакви планови каде ќе живеам во иднина и никогаш не замислував дека ќе дојдам тука, на Далечниот Исток. Кога слушнав за можноста да живеам и да работам во Кина, едноставно ми изгледаше како правилна одлука. Секогаш сум имала почит кон источната филозофија и естетика, па по низа „случајни“ настани, патот ме доведе во провинцијата Фуџијан, која беше мојата прва стапка во Кина во 2019 година - раскажува Ацеска.



Ќе продолжам да предавам без оглед на напредокот во уметничката кариера

Доби вработување во Гуандонг кантри гарден училиште (Guandong Country Garden School), каде што ги предава интернационалните програми IB (international baccalaureate) и AP (Advanced Placement). Вели дека многу си ја сака работата со ученици и дека дури и да не мора да заработува, сепак би избрала да предава.

- Мислам дека сум многу среќна што работам со млади и потенцијални умови, а она што ми носи најмногу радост е тоа што можам да го видам нивниот напредок, како и развојот на нивниот личен стил. Моите ученици аплицираат за најдобрите универзитети во светот и многу сум горда на нивниот напредок и нивната отпорност на препреки. Поради исполнетоста што ја чувствувам благодарение на моите ученици, мислам дека ќе се придржувам до предавањето без оглед на тоа колку напредувам во мојата уметничка кариера - додава Ацеска.

Најважното е дека го правам она што го сакам - создавам

Дипломирала на ФЛУ во 2017 година и никогаш не се посомневала во изборот на професијата. Вели дека секогаш имала самодоверба и став дека без разлика што ќе се случи, ќе успее со уметноста. За време на пандемијата ги заврши постдипломските студии онлајн, а летото 2023 година се врати во Македонија за да ја одбрани тезата.



- Додека учев и создавав дела, паралелно работев со полно работно време и искрено не верувам дека ова би било можно без мојата неверојатно добра менторка м-р Жанета Вангели, која ме поддржуваше, охрабруваше и ми помогна да ги реализирам и материјализирам моите идеи. Мојот приоритет е уметноста, а сѐ друго е на второ место. Секако, постојат компромиси што треба да се направат, но во мојот случај тоа секогаш е пресметан ризик. Најважното е дека го правам она што го сакам - создавам. Тоа е она што ми е важно и мене и на моето семејство - додава уметницата.

Прва самостојна изложба „Флорален лимбо“ во Сан Та Музејот на уметност во Гуангџоу

На 1 јуни година ја отвори својата прва самостојна изложба со повеќе од 60 слики и цртежи, не вклучувајќи ги и оние во двете уметнички инсталации. Инспирацијата за поголемиот дел од делата ѝ дошла од внатрешни и надворешни состојби што ја поттикнале да твори, како и од идеите и филозофиите што ги разгледувала во овој период.



- Длабоко сум инспирирана од кинеската естетика, особено од уметноста на калиграфијата. Влијанието е очигледно во дел од моите дела. Во периодот на истражувањето за постдипломската теза ги проучував филозофијата и техниките на кинеските калиграфски мајстори, а нивниот пристап кон експресивната употреба на линиите има длабоко влијание врз мојот уметнички процес. Покрај тоа, експериментирав со создавање уметнички дела користејќи кинески туш и други локални материјали. Источните филозофии што ме инспирираа, како и симболиката што ја оличуваат, станаа сѐ повидливи во мојот уметнички израз - раскажува уметницата.

Во Кина може да се успее како уметник, но треба многу да се работи

Раскажува дека како земја со рапиден развој на економијата, Кина е многу добра платформа за удобен живот како уметник. Кинезите генерално се заинтересирани за западната уметност и добива позитивни и охрабрувачки реакции од посетителите.

- Можам да речам дека овде ми е добро, а сум и добро платена, така што навистина немам за што да се жалам. Но, секако, секој почеток е тежок, а станувањето активен уметник во странска земја, особено во Кина, не е нешто што може да се случи преку ноќ. Ми требаа три години и повеќе неуспешни обиди за да ја направам оваа изложба во стилот и квалитетот кој го имав замислено. Затоа, можам само да кажам дека заедницата е отворена за новитети, но потребна е голема работа за да се постигне замислената цел - вели таа.



Далеку од родниот крај, но врзана за Македонија

Од 2019 година досега успеа да ја посети Македонија само двапати, главно поради пречките што ги наметнуваше пандемијата. Со текот на времето станува сѐ поносталгична.

- Многу ми недостигаат моите пријатели, семејството и, најмногу од сè, самата земја. Ми недостига природната убавина на Македонија - раскошните предели, водите, небото и препознатливите звуци и мириси што некогаш ги земав здраво за готово. Ова лето пак ќе се вратам дома, иако само за кратка посета. Некогаш некои луѓе едноставно се предодредени да живеат далеку од својот роден крај, но сепак нивните срца остануваат врзани за таа света земја - вели Ацеска.



Фото: приватна архива
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема