Програмата со еден час неделно по музичко и ликовно образование и макотрпниот процес на учење во паралелни училишта со редовното тераат дел од учениците да се запишат во други средни, а не во уметничките
Учениците во шесто или седмо одделение имаат само еден наставен час неделно по музичко и ликовно образование. Наставниците што предаваат уметност сметаат дека тоа е премалку за да се влијае врз уметничкиот развој на децата. Тие предупредуваат дека идните генерации ќе станат помалку способни да разликуваат кич или шунд од вистинска уметност. Ова, пак, влијае и врз нивниот избор на средно училиште и го намалува приливот на ученици во некои од уметничките школи во државата, а ги насочува кон гимназиските паралелки.
- Нашето училиште осма година учествува на Државната изложба на детски ликовни творби во Битола и петта година имаме најдобра колекција. Секоја година имаме наградени ученици кои земаат прва награда. Презадоволен сум како ликовен педагог, но жално е што младите имаат по еден час ликовно неделно. Даваме ̍сѐ од себе и постигнуваме резултати. Но, приоритет им се дава на новите наставни содржини, има нови предмети, а ликовно се запоставува сѐ повеќе. Жално е што од два часа стигнавме до еден. Децата немаат време кога да се изразат, а знаеме дека изразувањето и фантазијата се многу важен дел од нивниот развој - вели ликовниот педагог Ристо Јосифовски од Основното училиште „Гоце Делчев“ во Кавадарци.
Да ѝ се даде приоритет на уметноста во наставата
- Наместо на школо да ги развиваат способностите, децата што се талентирани по ликовно или по музичко мора да посетуваат додатни школи за цртање, пеење, хорови, приватни часови за инструменти... И сето тоа го плаќаме. Порано имавме по два часа од двете уметности, односно четири неделно, а таа настава беше релаксирачка за сите ученици, да се опуштат, да креираат, да нацртаат, да се изразат, а не да имаат само предмети што бараат бубање - вели Весна Најденовска, мајка на седмоодделенка од Охрид.
Ваквата ситуација, а и макотрпноста во совладувањето одредени уметнички дисциплини преку дополнителни училишта кои се следат паралелно со основното доведува до одлив на учениците од уметничките училишта.
Во Средно музичко во Битола лани од 34 места се пополниле само 13
Државното музичко училиште во Битола, со традиција од 75 години, каде што музичко образование стекнале едни од најпознатите музички ѕвезди во земјава, како Тоше Проески, Кире Костов, Милица Шперовиќ, Славе Димитров и многу други, минатата година кубуреше со ученици. Наместо 34, се запишаа само 13, а од училиштето сметаат дека тоа е последица на намелениот наталитет.
- Лани драстично беше намален бројот. Имавме само 13, а претходно 34 ученици и пополнети бројки, а доаѓаат деца и од други градови. Лани имаше општо помал број на деца, повеќето училишта имаат дефицит на ученици. Тоа се ученици родени во 2006 година, генерација од која и во основните училишта се направија паралелки со помал број. Инаку, отсекогаш имало интерес за нашето училиште зашто Битола има и голем број ученици што одат во нижото музичко - вели директорот Кирил Стојчевски.
И годинава за упис се огласени 34 места, што не е многу ако се земе предвид дека во градот има и нижо музичко училиште кое учениците го следат паралелно со основното училиште.
- Ќерка ми свиреше пијано од прво до седмо одделение. На крај мораше да се откаже зашто обврските во музичкото училиште се зголемуваа, а во редовното основно немаше разбирање за нејзиниот дополнителен ангажман. За жал, по седум години, кои ѝ зедоа добар дел од детството, го остави пијаното и се запиша во гимназија - вели Славица Најдовска, родител на поранешна ученичка од нижо музичко училиште во Битола.
Други родители што имаат деца во средно музичко велат дека тие не би го менувале училиштето за ништо друго зашто имаат јасна цел пред себе да станат врвни музичари иако денес во општеството приоритет им се дава на други занимања, како што е информатиката.
Во „Лазар Личеноски“ за десет години интересот удвоен
За разлика од музичкото, од Државното училиште за ликовна уметност и дизајн „Лазар Личеноски“ се пофалија дека секоја година расте интересот за упис. Но, тоа е единственото училиште од ваков вид во државата, па во него се запишуваат ученици од цела Македонија, за разлика од музичките кои ги има во неколку градови.
- Интересот за упис во училиштето бележи пораст споредено со претходните години. Од 2010 година досега дури за 50 проценти е зголемен интересот. Тоа се должи на новиот наставен план, нови предмети, нов објект, опрема. Дури педесет проценти од запишаните ученици се од внатрешноста - вели директорот Димитар Филиповски.
Во ова училиште има повеќе насоки - сликарски, мултимедиски, вајарски, графички дизајнер, па за ентериер, мебел и индустриски производи и други. Во музичките училишта, пак, претежно се учи за музичар теоретичар и музички изведувач на инструмент или соло-пеење. Во „Лазар Личеноски“ годинава ќе бидат огласени 102 места за упис, во Државното музичко училиште во Битола 34, во „Тодор Скаловски“ во Тетово 68, во „Сергеј Михајлов“ во Штип 68, во Државниот музичко-балетски центар „Илија Николовски-Луј“ 170.
Интересот за јазично-уметнички подрачја во гимназиите е стандарден
Дел од учениците талентирани за уметност, особено од внатрешноста, сепак се одлучуваат средното училиште да го продолжат во гимназиските паралелки, најчесто на јазично-уметничкото подрачје Б. По матурирањето дел заминуваат на уметнички академии, а другите во текот на средношколските денови се преиспитуваат дали да студираат друга научна дисциплина.
- Во паралелките од јазично-уметничките подрачја нема намалување, стандарден е бројот на запишани ученици секоја година. Општествено-хуманистичките подрачја бележат тренд на намалување, а јазично-уметничките не. Бројката на ученици по насоки не се дефинира однапред, туку според интересот на учениците. Тој е најголем за природно-математичко подрачје Б, од каде што заминуваат на медицина, биологија, хемија, а чисто за математика има тренд на намалување - вели Фанија Наумовска, директорка на гимназијата „Јосип Броз-Тито“ од Битола.
Фото: приватна архива