X
 24.06.2025 Живот

Ова се најплатените работни места во Германија

Германија е трета по големина економија во светот, со проектиран БДП од 4,74 билиони долари (4,12 билиони евра) во 2025 година. Според процените на ММФ од април годинава, земјата се наоѓа меѓу 20. земји со највисок БДП по жител, со износ од 55.911 долари (47.206 евра).

Германија е и главна дестинација за доселување во рамките на ЕУ според „Евростат“, вклучувајќи ги и пристигнувањата од земји надвор од ЕУ. Дел од тие луѓе се високо квалификувани и сонуваат за добро платени работни места.

Кои се најплатените професии во Германија и колку изнесуваат просечните годишни примања?

„Јуроњуз бизнис“ направи анализа на највисоките плати во Германија користејќи два извори кои ја прикажуваат различно состојбата на пазарот на труд.

Првиот извор е базата на податоци за бруто-примања од Сојузната статистичка служба од април 2024 година. Иако податоците се прикажани месечно, тие се пресметани на годишно ниво со множење со 12.

Дополнително, „Јуроњуз“ ги разгледа и огласите за работа од глобалната платформа „Индид“, со информации за годишни примања за периодот од мај 2024 до април 2025 година.

Најдобро платени сектори: авијација, здравство и правосудство


Според Сојузната статистичка служба, авијацијата е најплатениот сектор во Германија, со медијална годишна бруто-плата од 336.000 евра. Вообичаените примања во овој сектор започнуваат од 132.000 евра.

Во здравствениот сектор, медијалната плата се движи меѓу 108.000 и 156.000 евра, додека во правосудниот сектор платите се од 84.000 до 144.000 евра.

profesija
Фото: Euronews

Во наука и истражувања платите се движат од 72.000 до 120.000 евра, а веднаш зад нив се ИТ и инженерскиот сектор, односно од 72.000 до 114.000 евра. Добро се платени и вработените во јавната администрација, со медијални плати од 60.000 до 114.000 евра.

Најслабо платениот сектор е трговија и услуги, каде што медијалната годишна плата се движи од 30.000 до 42.000 евра.

Просечната месечна бруто-плата во април 2024 изнесувала 4.634 евра, што на годишно ниво е 55.608 евра.

Пилотите со највисоки примања во Германија

Пилотите имаат највисоки медијални годишни примања во земјата, со разлики зависно од искуството и конкретната улога. Тие што извршуваат комплексни авијациски задачи имаат медијална плата од 342.072 евра, со просек од околу 337.152 евра.

1
Фото: Euronews

Инструкторите за летање со сложени задачи се на второ место, со годишна медијална плата од 281.592 евра. Меѓу 50. најплатени професии се и четири други авијациски улоги: надзор и контрола на воздушен сообраќај - 147.996 евра (5. место), пилоти во комерцијална авијација - 139.524 евра (6. место), пилоти - 122.484 евра (12. место) и техничка контрола на воздушен сообраќај - 109.188 евра (20. место).

Здравството со една петтина од највисоките плати

Здравствените професии доминираат на листата со највисоки плати, со што 11 работни позиции се во првите 50. Највисоко рангирани се менаџерите во човечката медицина и стоматологија, со годишна плата од 165.576 евра (3. место).

Технички позиции во лабораториска медицина и радиологија следуваат веднаш зад нив, со медијални плати од 131.556 и 129.012 евра. Лекарите, особено хирурзите, заработуваат околу 118.668 евра годишно. Општите лекари во сложени улоги може да очекуваат примања од околу 100.000 евра.

Судии, обвинители и адвокати со слични примања

Менаџерите во правниот сектор се на четвртото место, со медијална плата од 149.280 евра. Судии во сложени случаи се на 38. место, а веднаш зад нив се обвинителите и адвокатите со слични позиции, со годишни примања од околу 95.000 евра.

Како што може да се очекува, менаџерски позиции од различни области се присутни меѓу највисокоплатените. Се издвојуваат сектори како универзитети, технички истражувања, компјутерски науки, јавна администрација, ИТ-системи, развој на софтвер, сметководство, деловна организација и медиумско управување.

Овие менаџери вообичаено заработуваат над 100.000 евра годишно, а ниту еден не е под 90.000 евра.

Магионичари и илузионисти изненадуваат со позицијата


Една од најизненадувачките појави на листата се магионичарите и илузионистите, кои се наоѓаат на 8. место со годишна плата од 134.316 евра.

Вработените во служби за национална безбедност исто така се меѓу првите 50, со плати нешто над 90.000 евра.

Најплатени работни места според огласите за работа


Според огласите на „Индид“, професијата со највисоки примања е корпоративен даночен советник, со медијална плата од 145.000 евра. Потоа следуваат професии во продажба: директори и шефови на продажба, со плати од 107.500 до 138.243 евра.

Адвокатите за работно право заработуваат 105.000 евра, додека општите адвокати околу 93.334 евра.

Високоплатени работни места во иднина

Со развојот на вештините и професиите, очекувано е и најплатените позиции да се менуваат. Професии како етичари за вештачка интелигенција, инженери за генеративна вештачка интелигенција, аналитичари на климатски податоци и клучни улоги во одржлив развој се сè побарани и веројатно ќе се најдат на врвот.

Извор: Euronews.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот