X
 27.09.2018 Живот

Професии и вештини што ќе ни бидат потребни во иднина

Иако работата ја избираме според она што нѐ интересира, а не според побарувачката на пазарот на трудот, сепак, треба да се земе предвид фактот дека во блиска иднина ќе дојде до промени во бизнис-секторот, па така ќе се намали потребата за некои професии.

Повеќето луѓе веруваат дека во текот на наредните 50 години роботите и компјутерите ќе заменат поголем дел од работните места на луѓето. Светскиот економски форум уште во 2016 година процени дека до 2020 година работното место, поради автоматизацијата, ќе го изгубат повеќе од 5 милиони луѓе и дека овој број постојано ќе се зголемува. Професиите што некогаш биле сигурни - канцелариски, административни, производство, па дури и професии поврзани со законот, најмногу ќе бидат погодени. Затоа, ако сакате да бидете конкурентни на пазарот на трудот во 2025 година, еве кои професии и вештини ќе се бараат.

profesii

ИТ-секторот

Веројатно не е никакво изненадување, но технолошките вештини во 2025 година ќе бидат и тоа како барани. Но, Дејвид Филдер, директор на истражувањето во Институтот за иднина, истакнува дека е особено важна способноста за управување со голема количина информации што секојдневно ги процесираме.

- Бидејќи информациите што дневно ги добивате се зголемуваат, способноста да управувате со нив, а да не сте преплавени со информации е клучна - вели Филдер. Меѓу бараните професии во овој сектор се програмерите и аналитичарите за истражување на пазарот.

Медицински работници

Според истражувањето на британскиот Центар за подобро стареење, до 2024 година 18 милиони луѓе ќе бидат на возраст од 60 години и повеќе, што е за 3,1 милиони луѓе повеќе во споредба со 2014 година. Исто така, истражувањето укажува дека женското дете родено денес има 50 отсто шанси да ја доживее 100-тата година.

Бидејќи луѓето живеат сѐ подолго, можеме да заклучиме дека ќе дојде и до пораст во секој аспект на здравствениот сектор. Особено кога станува збор за побарувачката за негуватели. Огласите за работа во западните земји покажуваат дека негувателите се во дефицит и се најбарани. Затоа, имајте на ум дека медицинските сестри или негувателите се професии што ви се потребни за иднината.

Продажба


Маркетингот и продажбата го окупираа нашиот свет. Сѐ се врти околу рекламите, новите производи и услуги што на најдобар начин сакаат да ги прикажат новите производи. Дигиталниот маркетинг пред неколку години доживеа голем бум и побарувачката за него сѐ уште е голема, а судејќи според прогнозите, нема ни да застане. Затоа, вештината за медиумска писменост, односно сфаќање како функционираат различните медиумски платформи и начините на кои најдобро може да се комуницира со нивна помош ќе бидат од суштинска важност. Меѓу најбараните професии ќе биде специјалист за маркетинг, претставник на продажба и претставник на продажба во служба на корисниците.

Наставници и тренери


Подготвеноста за учење е нешто што уште сега е неопходно, но ќе биде и во иднина. Светот толку брзо се движи и се развива, што му е потребно општество кое секогаш ќе биде подготвено за учење нови работи. Технологијата се менува, а со неа и нашето знаење за работите. Така, идните наставници, професори и тренери ќе мора да бидат во чекор со современите методи бидејќи некоја метода на подучување што функционирала пред 20 години денес се смета за застарена. Покрај тоа, некои професори и понатаму ја користат бидејќи не се подготвени да го прифатат фактот дека времето и науката се менуваат и е потребно да се биде во тек со промените.

Економија и претприемништво


Приспособливоста и бизнис-проникливоста се главни карактеристики што ви се потребни за оваа работа, а притоа сфаќањето на претприемништвото е клучно - тоа денес го знае секој што работи во приватна компанија. Разбирањето на самите процеси е важно, а токму милениумците се најдобар пример за брза трансформација и приспособување на разни проекти. Меѓу најбараните професии во ова подрачје се финансиските аналитичари, ревизорите и сметководителите.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот