Полнач за мобилен телефон, слободен приклучок за струја или лозинка за WiFi мрежа сè почесто се „итни“ прашања на кои им се дава приоритет при исполнувањето на секојдневните обврски. Рестораните, кафулињата и секој јавен простор сè почесто се „цени“ и добива предност при изборот на место во зависност од тоа колку може да понуди добар интернет и простор за полнење на уредите.
Свесноста за зависноста од прекумерна изложеност на технологија е ниска и сè уште е табу-тема отворено да се зборува за тоа, но сè почесто сме сведоци за обид за „дигитална детоксикација“ или „апстинирање од социјалните мрежи“ и како луѓето од нашето опкружување почнуваат да бараат одговор за тоа колку навистина се зависни од мобилните уреди.
Стравот дека ќе бидете без сигнал или батерија на мобилниот телефон кога најмногу ви е потребен и не очекувате се заеднички симптоми за номофобија – состојба на претерана грижа за мобилниот телефон што најчесто се манифестира со проблеми со дишењето, треперење и морници.
Терминот номофобија доаѓа од англиските зборови „no mobile phobia“ и, иако сè уште не е официјално прифатена како болест, во Англија се проценува дека веќе околу 13 милиони Британци боледуваат од ова психичко нарушување.
Според психолозите, лицата кои страдаат од номофобија не можат да прифатат мобилниот да не им биде на дофат на рака или да останат без батерија и покажуваат симптоми, како што се вртоглавица, тешко дишење и неможност за комуникација, нервоза и паника.
Номофобијата не познава генерации и додека во светот сè поголем е бројот на луѓе кои не знаат какво е детството без пристап до интернет и технологија, денеска мобилните ги користат сите возрасти еднакво, како за работа и полесна комуникација така и за забава, фотографирање и организирање на секојдневниот живот.
Mалолетниците во просек дневно поминуваат повеќе од девет часа на интернет
Девет проценти од малолетниците во просек дневно поминуваат повеќе од девет часа на интернет, 41,2 процент од два до пет часа, а до два часа 36,1 проценти, покажува анкетата на Агенцијата за електронски комуникациии, спроведена од 23 до 31 мај годинава.
Педесет и шест проценти од домаќинствата со малолетни лица кои пристапуваат на интернет не се свесни дека постои софтвер за родителска контрола што на децата ќе им овозможи безбеден интернет. Таков софтвер имаат инсталирано само осум проценти од домаќинствата што се свесни дека постои,
Повеќе од половина (54 проценти) од испитаниците што немаат таков софтвер се заинтересирани да го инсталираат во иднина, но мнозинството (91 процент) од нив не знаат каде можат да го набават.
Според извештај на УНИЦЕФ, секое четврто дете на претшколска возраст и над половина од децата кои одат во училиште поседуваат барем по еден дигитален апарат, најчесто паметен телефон, лаптоп и таблет.
Технологијата влијае на социјалниот живот на сите генерации
Интернет-платформите и алатки ја олеснуваат и ја забрзуваат директната комуникација меѓу луѓето, но сè почести се коментарите дека поголем дел тинејџери веќе не знаат да комуницираат директно во четири очи и многу полесно се изразуваат онлајн. Некогашните „луди“ роденденски забави сега се претворени во индивидуална дружба на секој со својот смартфон. Достапноста на технологијата и онлајн зависноста паралелно со предностите наплаќа скап данок. Имаме млада генерација со ограничени капацитети за изразување, со осамено и неснаодливо однесување во друштво, а зависни од сервираното на интернет.
Тинејџерите минуваат сè повеќе време на интернет и користат смартфони. Социјалните медиуми им овозможуваат на тинејџерите да бидат во контакт со своите врсници и истовремено да бидат во радиус на своите родители. Тинејџерите на 15-годишна возраст во земјите од Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) минувале 146 минути на ден онлајн преку неделата во 2015 година, што е зголeмување од 105 минути во 2012 година.
Психологот Софи Васон од приватното средно училиште „Харврад Вестлејк“ во Лос Анџелес, како што пишува „Економист“, смета дека некои тинејџери ги користат социјалните медиуми како алтернатива за директната комуникација во четири очи. Со тоа, посочува, немаат можност да развијат длабоки емоционални врски со своите пријатели. Васон верува дека социјалните медиуми го зголемуваат јазот меѓу тоа што тинејџерите го чувствуваат за себеси и што тие мислат дека нивните пријатели сакаат тие да бидат. Онлајн сите секогаш се среќни, изгледаат добро и се забавуваат.
Технологијата добар пријател, но лош учител на децата
Технологијата го олеснува начинот на надзор, а родителите ги следат мобилните на своите деца и им пишуваат често со цел да знаат каде се. Без разлика дали причина за тоа се мобилните, надзорот од родителите или притисокот за добри оценки и успешна кариера, сегашните тинејџерите сè повеќе изгледаат осамено во споредба со претходните генерации.
Педагозите и психолозите се согласни во препораките за балансирана и контролирана употреба на технологијата, во што посочуваат дека е круцијална улогата на родителите.
Како што посочува проф. д-р Елена Ризова од Институтот за педагогија при Филозофскиот факултет – Скопје, од една страна, технологијата во голема мера го унапредува квалитетот на живеење, но од друга страна, таа носи низа последици што се одразуваат меѓу другото и на различни сфери од развојот на децата и адолесцентите.
Проблемот, посочува, се наоѓа во прекумерното и неконтролирано користење на технологијата, која не оди во прилог на развојот на децата и адолесцентите, туку го попречува.
– Децата од вториот милениум се родени во „технолошки бум“ и за нив современите технички уреди како мобилни телефони, таблети, ајпади и слично се ништо друго освен алатки што се составен дел од учењето, забавата и слободното време. Затоа, сметам дека е погрешно мислењето дека треба во целост да се исфрлат од животот на децата. Она што е потребно е балансирана и контролирана (од страна на родителите и/или старателите) употреба - вели Ризова.
Фото: Pixabay
Зависноста од прекумерна изложеност на технологија сè уште табу-тема
На последиците од сè поретката директна комуникација помеѓу младите укажува и невропсихијатарката од Психијатриската болница Скопје, Павлина Васкова.
– Не е ист квалитетот на директната комуникација и на таа преку интернет. Дури и во разговор по телефон дознавате нешто за личноста од спротивната страна, како на пример бојата на гласот - вели Васкова.
Како што посочува, зависноста од прекумерна изложеност на технологија, интернет, игри, за што во дел од државите се формирани посебни центри за лекување, групи за поддршка, кај нас сè уште не се третира како болест. Досега, како што вели, до неа никој не се обратил за стручна помош за оваа проблематика ниту, пак, слушнала дека некои нејзини колеги имале такво искуство. И покрај тоа, потенцира, факт е дека зависноста од технологијата е сè поприсутна, а неретко и самите родители од старт ги изложуваат децата на неа и тогаш кога тоа не е потребно.
– Најлесно е да се нахрани дете додека гледа цртан филм или со играње на мобилен или таблет. Ваквата слика е честа. Треба да се практикува директна комуникација, семејството да поминува повеќе време заедно со заеднички активности и да не се остава технологијата да го исполнува целосно слободното време - укажува Васкова.
Тодор Стојчевски, косопственик на Агенцијата за односи со јавност „Чептер 4“, посочува дека не постои област каде што технологијата не дава позитивен придонес, но наспроти ова, сè повеќе се говори и за негативните (д)ефекти што ги создава технологијата. Сведоци сме на современи физички и психолошки болести што се појавуваат благодарение на технологијата (искривување на ‘рбетниот столб, проблеми со видот, немање внимание, дефокусирање). Дефинитивно, сè повеќе луѓе имаат проблем и со зависноста од технологија.
– Денес може да се случи да ги заборавите лековите дома и нема да се вратите да ги земете, иако тоа може да влијае на вашето здравје, но сигурно ќе се вратите дома да го земете заборавениот мобилен телефон. Или да почуствувате мирна атмосфера во дом каде што има деца, токму поради нивната преокупираност со мобилните уреди и игри. За жал, почнаа да се отвораат и болници за лекување зависници од технолошки игри. Може да забележите луѓе кои се движат по улица и се „подготвени“ да ве згазат затоа што „буљаат“ во својот мобилен телефон. Да видите група луѓе кои заедно седат на маса и не зборуваат, односно секој комуницира со својот мобилен уред. Денес е ин постојано да сте онлајн, но никако не сте актуелни доколку практикувате „жива“ комуникација со луѓето - наведува Стојчевски.
Сите овие процеси, додава, влијаат на развојот на општеството, во целина и на развојот на личноста, како поединец. Лекот за ваквата состојба е во умереноста. Да, вели, треба да се практикува технологија, но во ограничено време. Да се биде умерен во сè.
Извор: МИА