X
 24.08.2024 Живот

Како финансискиот стрес влијае врз врските меѓу луѓето?

Во светот, финансискиот стрес и неизвесноста се зголемуваат во услови на рецесија и долготрајни кризи што произлегуваат како последица од последната пандемија. Според индексот „Галуп“, 57 отсто од Американците во САД изјавиле дека се умерено или многу загрижени поради тоа што немаат доволно пари за да го одржат својот животен стандард, а студијата на Американската психолошка асоцијација покажала дека 72 отсто од учесниците изјавиле оти парите се значаен извор на стрес за нив.

Децениските истражувања ги истакнуваат погубните ефекти од чувството на стрес и загриженост за финансиите. Финансискиот стрес влијае врз расположението на луѓето бидејќи грижата за нечија финансиска состојба или економската несигурност воопшто е поврзана со чувството на поголема вознемиреност, стрес, лутина и тага - и помалку безгрижност или среќа. Финансискиот стрес може да влијае и врз капацитетот на луѓето да размислуваат рационално и да обрнуваат внимание. Во студиите за оценување на способноста да се обрне внимание на конфликтни информации, оваа способност била ослабена во моменти кога парите биле проблем.

Исто така, познато е дека финансискиот стрес често предизвикува проблеми во односите, зголемувајќи ги финансиските конфликти во домот. На пример, во една студија која следела парови во текот на три недели, секојдневните чувства на финансиски стрес биле поврзани со помало задоволство од врската не само кај личноста која се чувствувала под стрес, туку и кај партнерот. И влошеното расположение и намалената способност за обрнување внимание може да влијаат врз интеракциите со блиските во односите - луѓето можеби нема да го забележат поддржувачкото однесување на нивниот партнер, или може негативно да ги толкуваат двосмислените однесувања. На пример, некој што е загрижен и под стрес за својата финансиска состојба може да ги протолкува прашањата на партнерот како критика („Дали ја заклучи вратата?“ може да се гледа како обвинение, а не како пријателски потсетник).

Која е врската помеѓу финансискиот стрес и степенот до кој луѓето пријавиле дека забележале оти нивниот партнер дејствува како поддршка, или пак дејствува на голем број негативни начини (како што се задевање, занемарување или изразување недоверба). Во две студии, учесниците кои повеќе се грижеле за финансиите го доживувале својот партнер помалку како поддржувач и пријавиле повеќе негативно однесување (задевање, занемарување или изразување недоверба) од негова страна. Исто така, во студијата било побарано од партнерите на учесниците да пријават какви однесувања применувале во исто време, за да ги споредат однесувањата што едниот партнер ги забележал и однесувањето што другиот рекол дека го сторил. Партнерите не пријавиле дека постапувале поинаку, што укажува на тоа дека финансискиот стрес ја сменил перцепцијата на луѓето кон понегативно гледање на однесувањето на нивниот партнер.

Можеби чувствата на загриженост, вознемиреност и тага, заедно со финансискиот стрес, ги наведуваат луѓето во врската да обрнат повеќе внимание на негативното, или помалку внимание на позитивното однесување од нивниот партнер. Исто така, може да значи дека имањето финансиски грижи може да го промени толкувањето на двосмислените изјави кои можеби се добронамерни, но се сфаќаат како критика, задевање или изразена недоверба.

Генерално, овие студии покажуваат дека финансиските грижи во блиските односи може да ги наведат луѓето да ги гледаат постапките на нивниот партнер преку темни очила. Односите може да функционираат подобро, особено во време на финансиски стрес, доколку партнерите размислуваат за алтернативни, потенцијално бенигни интерпретации на навидум негативните постапки во односите едни со други.

Извор: psychologytoday.com

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот