X
 24.09.2017 Наука

Земјотресите можат да предизвикаат појава на светла на небото?

Со векови луѓето тврделе дека гледаат мистериозни светла на небото кога имало земјотрес. Се верувало дека овие приказни се митови сè до средината на 20 век, кога фотографии потврдиле дека ваквите појави се реални. Тоа довело до низа теории за причините поради кои се појавуваат, сè до 2014 година кога истражувачки тим донел одреден заклучок.

На 7 септември 2017 година земјотрес со јачина од 8,1 степени според Рихтеровата скала го погоди брегот на Мексико. Тоа беше најсилен земјотрес во земјата во изминатиот век. Освен деструктивноста и последиците, уште нешто го привлече вниманието на светот. Мексиканците тврделе дека чудни светла се појавиле на небото за време на земјотресот, за кои многумина верувале дека се НЛО или дека доаѓа апокалипсата. Светлата биле сини и зелени. За што се работело?

Научниците имале сознанија за вакви појави, но најчесто не ги поврзувале со земјотресите. Но, кога во 1965 година имало земјотрес во Нагано, Јапонија, луѓето имале камери, па конечно феноменот бил признаен од научниците. Се сомневале дека се работи за некакви електрични полиња кои се формираат за време на движењето на карпите, но било многу тешко да се докаже тоа.

Во 2014 сепак имало напредок. Тим од истражувачи анализирал услови на 65 земјотреси при кои се појавиле светла на небото. Се анализирале земјотреси дури до 17 век. Увиделе дека речиси 95 % од сеизмичката активност се случува помеѓу тектонски плочи, а 85 % од светлата се пријавени за време на земјотреси кои се случиле кога една тектонска плоча се крши, состојба позната како „континентален рифтинг“. Таков земјотрес се појавува само во 5 % од случаите.

Што всушност се случува? Земјотресите започнуваат во кората на Земјата – потресот се случува само кога стресот кој се одвива во кората се ослободува. Но, пред да се случи, според експериментите, стресот ги крши поврзувањата помеѓу пар на негативно наелектризирани кислородни атоми. Тие атоми се ослободуваат и течат низ пукнатите во карпата и нагоре кон површината, каде што акумулираат. Истражувачите сметаат дека тие групи на кислородни јони на „воздушните џебови“ им пренесуваат електрично полнење, претворајќи ги во блескава плазма.

Ова може да ги објасни не само светлата туку и зошто тие се појавуваат пред и по потресот – тектонскиот стрес може да се гради за неколку минути, часови, па дури и денови. Ако научниците се во право, овие светла можат да бидат знак за предупредување пред да се случи земјотрес.
Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука