Делови од Европа повторно се затвораат, јавниот живот е ограничен и многумина се прашуваат зошто некои места се затворени, а други остануваат отворени?
Во Германија растат нервозата и лутината: угостителите се плашат за својата егзистенција, организаторите на концерти и слични настани демонстрираат, уметниците и културните работници страдаат, во спортот се зборува за „катастрофа“, а германските претприемачи предупредуваат на „смртен удар“ за десетици илјади мали и средни фирми.
Според истражувањата на германскиот неделник „Шпигел“, повеќе од 62 отсто од Германците сметаат дека затворањето на земјата е неопходна мерка. Но, истовремено голем дел не се согласуваат. Ова е поврзано со делумно контрадикторните изјави и информации за местата на инфекција во последните неколку недели. „Дојче веле“ ги анализираше фактите и открива што е познато, а што не е познато за местата на зараза со Ковид-19.
Каде најчесто се заразуваат жителите на Германија?
Повеќето од сегашните инфекции во Германија се случиле во рамките на приватни собири. Според Институтот „Роберт Кох“, заклучно со 27 октомври, приватните домаќинства се најчестите места на инфекција. Исто така, голема и моментално растечка област на инфекција има во домови за стари лица, а потоа на работните места. Стапката на инфекција е многу помала во областа поврзана со слободното време и токму оваа област е под силно влијание на карантинот во земјата.
Бројот на инфекции во здравствените установи, како што се болници, амбуланти или лекарски ординации, е релативно мал, но оваа бројка значително се зголемува во последно време. Слично е со училиштата, градинките или домовите за бегалци. Рестораните, хотелите и пансионите имаат многу мал удел во инфекциите во Германија, а се најтешко погодени од новите мерки.
Се чини дека во Германија ризикот од инфекција во јавниот превоз е уште помал. Тоа се должи и на остриот пад на бројот на патници во автобуси и возови. Голем дел од инфекциите се случуваат на места кои Институтот „Роберт Кох“ не ги дефинира подетално и ги става во една категорија наречена „останато“.
Дали местата на инфекција се исти како и во првиот бран?
Не, постојат значителни разлики: за време на првиот бран на пандемијата во Германија старските домови беа поголем извор на инфекција отколку приватните домаќинства. И медицинскиот сектор, особено болниците, и домовите за бегалци беа почести места за инфекција отколку сега.
Фото: Freepik
Училиштата и градинките не играа никаква улога во пандемијата во пролетта. Ова е логично бидејќи за разлика од сегашното „лесно заклучување“, тие беа затворени тогаш. Работното место во пролетта имаше подредена улога и сега е одговорно за значително повеќе случаи.
Начинот на пренесување зараза во Германија е променет во споредба со првиот бран. Ова делумно може да се објасни со преземените мерки, но сите фактори што влијаеле ќе можат да се идентификуваат кога ќе има повеќе податоци за сегашното зголемување на бројот на инфекции во Германија.
Училиштата и градинките остануваат отворени. Дали е тоа оправдано?
Владите на Германија и на Франција одлучија да ги држат
училиштата и градинките отворени и покрај големите ограничувања во јавниот живот. Ова, меѓу другото, е оправдано со големата важност на образованието во општеството.
Ако се погледнат само чистите бројки, се чини дека ова е разумна одлука. Дури и ако училиштата и градинките играат улога во преносот на инфекција, таа е релативно мала. Според Институтот, во само неколку случаи се забележани инфекции во образовните институции.
Фото: Freepik
Слично е и во други земји: во Ирска училиштата се одговорни за појава на коронавирус со нешто помалку од 7 отсто од случаите, во Шпанија тоа е 6 отсто. Ова делумно се должи на фактот дека младите луѓе се помалку погодени од вирусот отколку постарите: процентот на заразени под 18 години во Европа во август беше помал од 5 отсто.
Колку се релевантни овие податоци?
За жал, податоците на Институтот во моментот се прилично нецелосни. Статистиката од Институтот бележи само документирани случаи со две или повеќе меѓусебно поврзани инфекции.
- Само околу четвртина од вкупно пријавените случаи на Ковид-19 спаѓаат во оваа категорија - вели Институтот.
На прашањето на „Дојче веле“ за останатите 75 отсто од инфекциите во Германија, од Институтот известуваат дека немаат дополнителни информации. Ниту Европскиот центар за превенција и контрола на болести нема податоци за местата на инфекција.
Тоа значи дека три четвртини од инфекциите во Германија не се документирани во однос на местото на зараза. Од една страна, ова се должи на комплексноста на сигурно утврдување на кое место се појавила инфекцијата, бидејќи некои луѓе остануваат асимптоматски неколку дена, а потоа сепак ќе им се појават симптоми
. Следењето на изворот тогаш е речиси невозможно.
Од друга страна, недостатокот на веродостојни и целосни информации го отежнува прецизниот одговор на пандемијата - и тоа не само во Германија.
Но, податоците од другите земји покажуваат слични трендови како што забележа и Институтот „Роберт Кох“. Истражувања во Јужна Кореја исто така гледаат на приватните домаќинства како на жаришта на инфекции, каде што едно лице има шест пати поголема веројатност да биде заразено со Ковид-19 отколку другите блиски контакти, а едно кинеско истражување проценува дека учеството на домаќинствата во ширењето на инфекцијата е 69 отсто.
Извор:
Detusche Welle
Фото: Freepik