X
 10.02.2021 Наука

Отпрвин сите беа скептични, зошто сега се зголеми интересот за руската вакцина?

Откако рускиот претседател Владимир Путин во август oбјави дека Русија ја одобрила првата вакцина против Ковид-19, до денес се променија многу мислења. Со оглед на тоа што вакцината не ги помина сите фази на клинички испитувања, голем дел од луѓето и научната заедница беа резервирани и скептични.

Но, откако оваа недела во престижното медицинско списание „Лансет“ беше објавено дека „Спутник V“ штити од Ковид-19 приближно исто колку и американските или европските вакцини, работите драстично се променија, пренесува „Блумберг“.

Руската вакцина неодамна беше одобрена од најмалку 20 земји, вклучително и Унгарија, која е членка на Европската Унија, додека клучните пазари како Бразил и Индија се на чекор до одобрување.

Сега Русија е насочена кон пазарот на ЕУ, која се соочува со недостиг на вакцини.  Во глобалната борба против пандемијата, која однесе над 2 милиона животи за повеќе од една година, трката за пласирање вакцини доби геополитичко значење. Така, Русија стана една од ретките земји што создадоа ефикасна одбрана од Ковид-19.

Колку е ова важно и значајно за Русија, покажува и самото име на вакцината, именувана по првиот сателит лансиран во вселената – во 1957 година Советскиот Сојуз го постигна првиот триумф во вселенската трка со САД, пишува „Блумберг“.

Вакцината се произведува во повеќе земји

Списанието „Лансет“ објави дека руската вакцина покажала ефикасност од 91,6 отсто во текот на последната фаза на клиничките испитувања, спроведена врз повеќе од 20.000 учесници.

Сега Русија се соочува со друг вид предизвик – производство.

Имено, ограничувањата во производството се најголемиот проблем на сите производители на вакцини, бидејќи глобалната побарувачка далеку ја надминува понудата.

Русија, која им вети бесплатни дози на своите 146 милиони жители, почна со производство минатата година, а вакцината во моментов се произведува во неколку земји, вклучувајќи ги Индија, Јужна Кореја и Бразил.

Оваа недела близок соработник на турскиот претседател Ердоган потпиша договор за производство на „Спутник V“ во Турција, иако земјата веќе склучи договор за купување 50 милиони дози кинеска вакцина од „Синовак бајотек“ и 4,5 милиони дози од вакцината „Фајзер“ – „Бајонтек“.

vakcina
Фото: Freepik

Русите и понатаму скептични

И покрај големиот успех на глобално ниво, побарувачката за руската вакцина на домашен терен е доста мала бидејќи граѓаните сè уште се скептични кон изјавите на владата. Имено, Путин малку ги збуни своите граѓани кога во декември изјави дека ќе почека за вакцинирање сè додека не се потврди дека е безбедна за луѓето на негова возраст (68 години).

Путин сè уште нема излезено со изјава дали ја примил вакцината, но неговиот став и рускиот скептицизам не ги спречија другите народи да почнат со нарачки.

Мексиканскиот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор на 25 јануари, еден ден по објавувањето дека се заразил со коронавирус, му се заблагодари на посветениот Путин што вети 24 милиони дози „Спутник V“ во наредните два месеца. Три дена подоцна, боливискиот претседател Луис Арсе го поздрави првиот пакет од руската вакцина на аеродромот во Ла Паз.

Аргентина ја почна својата програма за масовна вакцинација откако до јануари доби повеќе од половина милион дози од „Спутник V“. Ѝ се придружија Никарагва, Парагвај и Венецуела.

„Спутник V“ и ЕУ

За разлика од „Фајзер-Бајонтек“, „Спутник V“ може да се чува во конвенционален фрижидер и не е потребен замрзнувач, што ги олеснува и транспортот и дистрибуцијата во посиромашните земји или оние со потопла клима. Две дози на руска вакцина чинат околу 20 долари, што значи дека е поевтина од поголемиот дел од конкуренцијата. Иако е поскапа од „Астра зенека“, се покажа дека е поефикасна во одбраната од коронавирусот.

vakcina
Фото: Freepik

Русија побара од европските регулатори да ја одобрат вакцината „Спутник V“, а германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека руската вакцина може да се користи во ЕУ доколку биде одобрена од Европската агенција за лекови.

Унгарија веќе издаде итно одобрување и потпиша договор за 2 милиона дози од „Спутник V“, од кои првите 40.000 беа испорачани во вторникот.

- Вакцината не може да биде политичко прашање. Човек може да избере помеѓу западни и источни вакцини само ако има доволно на пазарот - рече премиерот Виктор Орбан.

Главниот уредник на „Лансет“, Ричард Хортон, изјави дека постапката за одобрување на руската вакцина од страна на Европа може да трае неколку месеци.

Иако руските власти соопштија дека очекуваат оваа вакцина да биде достапна за 700 милиони луѓе, се поставува прашањето за брзината на производството.

- Мора да бидеме реални. Со оглед на нашите други обврски, нема да можеме да ја снабдуваме Европа пред мај, освен Унгарија -  изјави Кирил Дмитриев, извршен директор на рускиот државен фонд за директни инвестиции, кој го поддржа развојот на „Спутник V“ и е задолжен за нејзината меѓународна дистрибуција.

Извор: B92.net  | Bloomberg
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука