X
 24.11.2017 Култура

Вистинската приказна за „Црниот петок“

Има смисла тоа што терминот „црн петок“ се однесува на еден ден од годината кога компаниите за малопродажба даваат огромни попусти. Денот по Денот на благодарноста луѓето одат низ продавници и ги искористуваат предностите на најголемите сезонски попусти. Но вистинската приказна на „Црниот петок“ е малку покомплицирана и потемна.

Првата запишана употреба на терминот „црн петок“ не била искористена за купување, туку за финансиска криза: поточно, падот на златото на американскиот пазар, на 24 септември 1869 година. Двајца озлогласени безмилосни финансиери од Вол стрит, Џеј Гулд и Џим Фиск, работеле заедно за да купат што повеќе од златото на нивната држава, надевајќи се дека подоцна ќе го продадат и ќе извлечат неверојатен профит. Тој петок во септември заговорот конечно бил откриен, испраќајќи ја берзата во пропаст и банкротирајќи ги сите - од барони на Вол стрит до земјоделци.

Најчесто повторуваната приказна на традицијата на „Црниот петок“ поврзана со купувањето вели дека после цела година работење во загуба (работење во црвено), продавниците наводно заработувале голем профит (работење во црно) на денот по Денот на благодарноста, бидејќи купувачите трошеле толку многу пари на попустите. Иако е точно дека трговските компании ги забележувале загубите со црвено, а профитите со црно кога ги пресметувале, оваа верзија за потеклото на „Црниот петок“ официјално е прифатена, но сепак не е вистина.

Во последниве години се појави уште еден мит кој дава особено лош пресврт на традицијата, тврдејќи дека уште во 19 век сопствениците на јужните плантажи можеле да купат робови на попуст еден ден после Денот на благодарноста. Иако оваа верзија наведе некои трговци да го бојкотираат денот, не постојат основи за оваа приказна.

Вистинската приказна за „Црниот петок“ потекнува од 50-тите години на 20 век. Во овој период полицијата во Филаделфија го користела овој термин за опишување на хаосот што следувал еден ден по Денот на благодарноста, кога цела толпа приградски купувачи и туристи го преплавувале градот во пресрет на големиот фудбалски настан што се одржувал во сабота секоја година. Не само што полицајците од Филаделфија не можеле да земат слободен ден туку и морале да работат исклучително долги смени поради толпата народ и сообраќајот.

До 1961 година „Црниот петок“ веќе бил познат низ Филаделфија, иако трговците неуспешно се обиделе да го сменат од црн во голем, со цел да се отстранат негативните конотации. Терминот се проширил низ цела земја многу подоцна. Во доцните 80-ти години трговците пронашле начин да го претворат во нешто позитивно. Резултатот бил „црвено-црниот“ концепт споменат претходно.

Оттогаш, еднодневната продажба се претвори во четиридневен настан и предизвика многу други „малопродажни празници“, како што се „Мал бизнис сабота/недела“ и „Сајбер-понеделник“.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура