X
 24.12.2019 Наша тема

Зошто учебниците ни се како од среден век? Прељубата и абортусот се кривични дела, хомосексуалноста е девијација...

На пет години да се прави ревизија на учебниците по општествените науки зашто општествата се менуваат многу брзо, сметаат професори од средното и од високото образование

Учебниците по општествените науки треба да се ревидираат барем на пет години, сметаат и професорите што ги предаваат и нивните автори. Тие се согласуваат дека овие учебници треба почесто да се проверуваат зашто општествата се менуваат многу брзо. На тој начин и некои застарени прашања за теми од родова еднаквост, на пример, кои се темелат на традиционални погледи, побрзо ќе се надминуваат.

Учебникот по социологија за трета година гимназиско образование (на авторите Нелко Стојаноски, Милева Ѓуровска и Зоран Матевски) изминатиот период крена прашина поради одредени ставови што не се доволно интерпретирани и дообјаснети дури и за годината кога учебникот е првпат објавен - во 2002 година.


Како изгледа корица на средношколски учебник

МОН изјави дека овој учебник е ставен на листа за ревизија за наредната година. Коавторката Милева Ѓуровска, професорка на Институтот за социологија, вели дека реакциите на јавноста не биле баш издржани, но учебникот треба да претрпи измени.

- Не се оградувам како коавтор, но авторот на тој дел (проф. Стојаноски) има искуство во пишување учебници, не знам зошто не се огласи да го одбрани ставот. Спорниот дел за кој се крена јавноста бара интерпретација, не може од едно извадено делче да се суди. Колегата веројатно се ориентирал спрема традиционалните норми. Во нашата популација, кај постарите мажи сѐ уште се многу доминантни стереотипите. Овој дел што е спорен e од учебник преведен на хрватски јазик од англиски социолози, како што е Ентони Гиденс. Колегата го има целосно преземено тој дел, без критички однос на тоа. Факт е дека е лошо интерпретиран, а ставот е земен од странско истражување - вели Ѓуровска.

Таа посочува дека во иднина можеби и треба да се отфрли практиката во средношколските учебници да не се цитира литература. Тоа се правело за да не се обременуваат учебниците. Ѓуровска смета дека учебниците по општествени науки треба да се менуваат почесто, но генерално образовниот систем е малку побавен и има многу бирократски процедури кои придонесуваат за побрзо менување на учебниците.

- Ние се наоѓаме на раскрсница на еден традиционален начин на размислување и нов – кој во нашата средина се случува на експлозивен начин. Плус, досега во општествените науки не е направен ниту еден проект за ажурирање на знаењето на професорите во средното образование. Ако се прави тоа почесто, тогаш професорите ќе можат на друг начин да ги интерпретираат работите - посочува коавторката. 

Со абортусот жената не одговара пред законот, туку лекарот за надрилекарство

Една од рецензентите на учебникот, Невена Арсовска, професорка во гимназијата „Орце Николов“, нељубезно го одби повикот на Факултети.мк.


Целото поглавје на кое реагираше јавноста

„Ако се погледне структурата на кривичните дела што ги вршат жените, доминантни се против честа и угледот (навреди и клевети) 30%, против животот и телото 26,2% и против имотот 19,8%. Покрај овие, тие во помал обем ги извршуваат и следните кривични дела: прељуба, недозволен абортус, уцени, кражби, кривоклетство“.
Ова е еден од проблематичните делови во лекцијата со наслов „Структурата на криминалитетот според полот“, што ја разбранува јавноста. Побаравме коментар и од адвокат кој ги третира овие теми.

- Можеби за некои земји во светот овие дела се кривични, но не е во ред вака да се генерализира, особено кога од книгата треба да учат млади луѓе. Никаде погоре не стои за која земја се однесуваат овие дејствија. Прељуба не е кривично дело во Македонија, а не знам ниту во некоја земја да е, можеби во некоја од исламскиот свет. Жена не извршува кривично дело недозволен абортус, но лекарот што го извршил недозволениот абортус ќе одговара пред законот за „надрилекарство“. Исто така, од 2012 година навредата и клеветата не се кривични дела во нашата земја - објаснува адвокатот Никола Димитровски.

Што вели практиката?

Наставниците најдобро знаат како се развиваат генерациите и какви ставови тие градат за работите што се менуваат. Како тие се снаоѓаат со ставови и недоволно дообјаснети теми во учебниците? Поразговаравме со професорката Надица Таневска-Јанева, која предава во скопската гимназија „Ѓорги Димитров“. Таа е и член на Здружението на социолози, и вели дека неколку пати реагирале до надлежните институции за овој учебник.

- Баш на оваа тема за која се крена прашина пред некој ден разговарав со учениците во сите класови каде што предавам и ги прашав дали имаат дилема со тој дел. Тие ми рекоа: „Не, професорке, вие убаво ни објаснивте дека истото се однесува и за мажите и за жените“, и тие ми споделија дека е добро да се нагласи во учебникот која е поуката. Но, според мене, младите на 16-17 години веќе имаат вредносни ставови и знаат што е добро, а што е лошо, особено што претходно веќе ги изучуваат вредностите, нормите и санкциите, конформизмот и општествената девијација и знаат кое однесување е општествено пожелно. Не сакам да навлегувам во анализа, меѓутоа, ова што го извадиле е една од многуте работи на кои треба да се обрне внимание во учебниците и тоа не само по овој предмет. Овие дилеми што се јавуваат на одредени содржини не произлегуваат од нестручност, ниту се погрешни, туку ги надминуваат времето и околностите кога се пишувани. Лично јас кога предавам не се држам од збор до збор по учебникот, ниту им барам на учениците да знаат сѐ што има внатре. Навистина има држави во Америка каде што абортусот сѐ уште се смета за криминал. Во книгата податоците се извадени од истражување направено во Америка - објаснува професорката.

Според учебникот, дел од старите лица „сами му ставаат крај на својот живот“

Таа укажува дека, за среќа, свеста на учениците, родителите и јавноста е многу сменета за овие теми за разлика од пред десетина години (особено за теми од родова сензибилизација), денес се забележуваат многу помалку стереотипи кај младите во споредба си порано.
- Но, и јавноста треба да е умерена кога критикува, бидејќи она што можевме да го прочитаме деновиве беше непримерно. Јас сум од типот на професори кои дури ниту лични ставови не изнесуваат. Децата треба да ги изградат самите зашто кога им се допаѓа некој професор, знаат да се идентификуваат со него, а тоа не е поентата. Се трудам колку што можам понеутрално да ги пренесам работите, а тие да изградат свој став. Јас работам така, не можам да кажам за сите мои колеги. Овие реакции не произлегоа од децата, туку од родителите. Дилемите што ги имаат учениците ги разрешуваме на час. Не верувам дека заклучокот е неоснован оти е од направено истражување. Такви анализи се прават и денес. Криминалитетот и денес е доминантно машки, односно не постои општество каде што жените прават повеќе криминал од мажите - посочува Таневска-Јанева.

Се спрема претставка

На учебникот и проблематичните содржини реагираа повеќе здруженија што се занимаваат со проблематиката на родовите нееднаквости и дискриминација. Деновиве Мрежата за заштита од дискриминација, на иницијатива на „Коалиција Маргини“, ќе поднесе претставка до народниот правобранител и до Државниот просветниот инспекторат.

- Ние бараме целосна ревизија на учебникот, не само на деловите што ја разбрануваа јавноста. Во последните неколку години доставивме до службите повеќе од 20 учебници од општествени науки за кои сметаме дека треба да се ревидираат, посебно во делот на родовата еднаквост. Идеално би било кога и наш претставник или од други здруженија што се упатени во областа да работи заедно со комисиите во МОН, но засега Законот тоа не ни го дозволува. За жал, во Македонија на образованието сѐ уште се гледа како на трошок, а не како основа за прогрес и како нешто во што треба да се инвестира - смета Ирена Цветковиќ, извршна директорка на „Коалиција Маргини“.


Во истиот учебник и хомосексуалноста се смета за девијантно однесување

Од МОН велат дека имаат потреба од поголема поддршка и помош во процесот на унапредување на содржината на учебниците и тоа најмногу од оние што секојдневно ги применуваат – наставниците и самите ученици.
- Уште во 2017 година Педагошката служба спроведе анкета помеѓу наставниците во основните и во средните училишта со цел да достават сугестии, да укажат на забелешки од сите можни аспекти во врска со содржината на учебниците кои се одобрени и се применуваат во наставата заради пристапување кон нивна корекција и ажурирање. За учебниците за кои добивме забелешки беше спроведен процес на корекција и повторно печатење во 2018 година, но меѓу нив не беше и учебникот кој деновиве е предмет на повеќе медиумски текстови, односно за него не беа доставени забелешки. Забелешки за овој учебник неодамна беа доставени од Бирото за развој на образованието, по барање на МОН за проверка на содржината на учебниците со цел нејзино осовременување, особено на оние што се користат во гимназиското образование (бидејќи се одобрени во периодот од 2001 до 2006 година) - велат од МОН.

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема