Кога велиме дека народот е виновен, тогаш тоа би значело дека за овој проблем нема одговорни инстанции – според тоа никој не е одговорен, бидејќи народот како целина не може да се санкционира, вели проф. д-р Милева Ѓуровска
Македонија е природно убава земја, во тоа се согласуваме и ние што живееме во неа, а и странците што ќе ја посетат. Но, природната убавина не е доволна ако се соочиме со реалноста на немарливоста на нашиот народ и на нашиот систем со проблемот на фрлањето ѓубре и справувањето со отпадот. На оваа тема ги заслужуваме сите критики за лошо однесување.
Фото: Борче Поповски
Зошто толку лошо се однесуваме кон нашата животна средина? Се обидуваме да одговориме во соработка со професорките од Институтот за социологија, Милева Ѓуровска и Весна Димитриевска.
Темата со отпадот не треба да биде споредна во општеството
Една социо-културна анализа поврзана со отпадот покажува дека оваа тема не треба да биде споредна (не важна) како што е сфатена во нашиот социјален контекст. Кој сака да размислува и да се ангажира за нешто што треба да биде исфрлено, непосакувано и непожелно за гледање? Токму поради ваквиот пристап имаме ѓубре насекаде: на улиците, на плажите, во реките, по ливадите, планините. И слабото ветре ќе ги закити дрвјата со илјадници пластични кеси, а низ реките ќе пристигнат острови од пластични шишиња - вели проф. д-р Милева Ѓуровска. Според неа, не е доволно да се констатира само ниската свест на народот.
- Многу скоро влетавме во овој свет на амбалажи за еднократна употреба и досега незначително се работеше на креирање јавни политики за справување со огромната количина отпад што ја создава едно потрошувачко општество. Развиените индустриски држави институционално дејствувале уште во 18 век за да се справат со големиот отпад кој произлегува од индустријата и домаќинствата во градовите. Биле потребни стотина години за да се изградат соодветните системи за управување со отпадот кои и денес постојано се приспособуваат на развојните тенденции и на новите технологии, од кои произлегува нов вид многу токсичен отпад кој треба да биде посебно третиран - вели Ѓуровска.
Проф. д-р Милева Ѓуровска
Таа е децидна дека треба да се креираат правила, со што ќе се гради и односот кон отпадот и создавањето инфраструктура и соодветна организација за селекција и складирање на отпадот (текстил посебно, стакло, хартија итн.).
- Кога велиме дека народот е виновен, тогаш тоа би значело дека за овој проблем нема одговорни инстанции – според тоа никој не е одговорен, бидејќи народот како целина не може да се санкционира. Правилата не се учат брзо, а уште побавно се практикуваат, но се чини дека кога луѓето ќе ја почувствуваат грижата на надлежните и сериозниот пристап на државата (општините) кон овој проблем, поинаку ќе се однесуваат - смета Ѓуровска.
фото: Борче Поповски
Според проф. Весна Димитриевска, не станува збор за ниска свест на народот, туку недоволното „почитување“ на природата. Таа вели дека со правилна и доследна едукација ќе има подобрување на ситуацијата.
- Јас воопшто не преферирам казни. За мене е прифатлива правилна и доследна едукација. Едукација, адаптирана за сите граѓани. Едукација - не поврзана со некој проект, која ќе биде еднократна (додека трае проектот), туку долготрајна - вели Димитриевска.
Фото: Не биди ѓубре
Мора да се создадат и да се применуваат ефикасни јавни политики за справување со отпадот и буџет за нивна реализација, во спротивно, секоја политика е најмалку читана книга со добри идеи, вели проф. Ѓуровска.
- Законските решенија треба да им обезбедат на граѓаните наједноставни начини за селекција на отпадот, бесплатни вреќи за складирање и прецизна организација на преземање на отпадот - тоа е начин кој ќе им укаже на граѓаните дека секој на свој начин треба да се грижи за отпадот. Сортирањето на отпадот ги прави луѓето активни чинители во управувањето со отпадот, а со тоа се гради свест за значењето на јавната сфера - вели Ѓуровска.
Казната не дава добри ефекти
Односот на луѓето кон отпадот во суштина е одраз на односот што го имаат кон убавото, среќата, естетското, цивилизираното, хармонијата. Ако ова чувство е далечно, не може да се очекува дека спонтано би се развила свест за тоа што ќе правиме со ѓубрето, прецизира Ѓуровска.
- Несфатливо е зошто некој што реновира куќа го исфрла отпадот на само 500 метри оддалеченост од живеалиштето. Казнувањето не е најдобриот начин за зголемено учество на граѓаните во управувањето со отпадот. Кога доаѓа од страна на институциите, казната не дава добри ефекти какви што дава споредувањето со другите слични граѓани. Подобро е наместо казнени експедиции, судови и обвинители, да се вработуваат повеќе луѓе кои ќе одржуваат хигиена, како и луѓе што ќе работат на приближување и социјализација на граѓаните за значењето на јавното добро. Она што недостига на овој план се социолошки истражувања кои ќе нѐ снабдат со аргументи за тоа каков е односот на луѓето кон отпадот, кои мерки би биле стимулативни за активирање на граѓаните во овој домен и сл. - завршува Ѓуровска.
Дали не е крајно време да се фокусираме и на рециклирањето на отпадот. Управувањето со отпадот во развиените држави претставува цела стопанска гранка која вработува значителен број луѓе, вели Ѓуровска.
- Се чини дека кај нас сѐ уште не е увидена потребата од зголемување на човечките ресурси во одржувањето на јавната хигиена. Во некои држави 90% од ѓубрето се рециклира. Еден од најдобрите методи за постигнување успех во сортирањето на отпадот, особено во услови кога населението има низок животен стандард, е повраток на амбалажата и дел од ѓубрето кое се рециклира со извесна парична компензација. Социолошките анализи покажуваат дека една добро развиена организација на собирањето на отпадот во точно определено време, од врата до врата, дава солидни резултати. Се препорачува местата за складирање на отпадот да не се подалеку од 50-60 метри од живеалиштата, да бидат чисти и уредни за да не бидат одбивни за граѓаните - смета професорката.
Проф. Весна Димитриевска додава дека луѓето со понизок животен стандард живеат со неможност да ги задоволат основните животни потреби на достоинствен начин.
- Тие се недоволно едуцирани и начинот на размислување за општествените потреби малку е далечен за нив. Тие повеќе размислуваат како да „преживеат“ на индивидуалнo ниво. Треба да се истакне дека тие негуваат специфична култура на живеење - вели Димитриевска.
Ѓуровска опфаќа уште еден интересен аспект, а тоа е дека управувањето со отпадот е тесно поврзано со ставот на граѓаните кон климатските промени и аерозагадувањето.
Позитивен пример - децата извидници чистеа отпад
- Истражувањата покажуваат дека граѓаните што развиле свест за значењето на животната средина и за последиците од климатските промени биле значително посветени на селектирањето на отпадот и активно учествувале во одржувањето чиста околина. Нашата земја спаѓа меѓу државите каде што аерозагадувањето е највисоко во светски рамки, но иницијативите се од вербален, декларативен карактер, што влијае врз генералниот став на целата популација - завршува Ѓуровска.