X
 25.01.2019 Живот

Чешкиот парламент изгласа оданочување за црквите

Долниот дом на чешкиот парламент изгласа оданочување на исплатите што црквите ги добиваат како надоместок за запленетиот имот во текот на комунистичкото владеење, што беше клучно барање на сегашната Чешка комунистичка партија за поддржување на малцинската влада од левиот центар.

Пратениците од владејачката партија - Акција на незадоволните граѓани (АНО) на премиерот Андреј Бабиш и нивните коалициски партнери, социјалдемократите, им се придружија на комунистите и крајнодесничарската партија Слобода и директна демократија, па предлог-законот помина со 106 гласа. Инаку, Долниот дом има 200 пратеници.

Обесштетувањето на црквите, но во најголема мера на Католичката црква, започна во 2013 година и изнесува околу 78 милиони евра годишно, во времетраење од 30 години.

Тоа го покрива црковниот имот, кој бил запленет од страна на комунистичките власти по Втората светска војна, а властите не можеле да го вратат според законот за реституција бидејќи, на пример, во меѓувреме се промениле сопствениците.

Законот мора да добие зелено светло и од Сенатот, односно Горниот дом на парламентот, а некои пратеници веќе најавија дека ќе бараат оцена на уставноста.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот