Во далечната 1916 година нафтениот магнат Џон Рокфелер стана првиот потврден милијардер во светот.
Дури во 1999 година светот го доби првиот човек чие богатство надмина 100 милијарди долари, а тоа беше Бил Гејтс. Денес, имаме десет неверојатно богати луѓе чие индивидуално богатство надминува 100 милијарди долари. Прашањето е дали наскоро ќе го имаме првиот билионер и кој ќе биде тој?
Со ова прашање се позанимава веб-страницата Approve.com, која ја анализираше нето-вредноста на 30. најбогати луѓе од 2017 година до денес за да ја пресмета годишната стапка на раст за секој од тие милијардери и да процени колку брзо тие ќе достигнат билион долари.
Илон Маск ќе стане билионер во 2024 година
Не е изненадувачки што првиот што се појави беше извршниот директор на „Tесла“, Илон Маск. Моментално е најбогатиот човек на светот со проценета вредност од 263 милијарди долари. Во последните пет години неговото богатство се зголемува во просек за 129 отсто годишно. Ако продолжи така, ќе му требаат само две години да стане првиот билионер. Неговата нето-вредност би можела да порасне на неверојатни 1,38 билион долари до 2024 година.
Индискиот индустријалец Гаутам Адани ќе влезе во кругот на билионери во 2025 година
Богатството на индискиот индустријалец Гаутам Адани би можело да достигне еден билион долари до 2025 година. Тој е претседател и основач на „Адани груп“, мултинационален конгломерат со седиште во Ахмедабад што се занимава со трговија, недвижен имот, производство на електрична енергија, градежништво и други. Адани моментално е „тежок“ речиси 95 милијарди долари. Под негова контрола е најголемото индиско пристаниште Мундра, како и меѓународниот аеродром во Мумбај.
На сопственикот на „Тик-ток“ му требаат само четири години за да добие билион долари
Фото: Screenshot/YouTube
Магичната ознака од билион долари во 2026 година би можела да ја скрши кинескиот софтверски инженер Џанг Џиминг. Неговата компанија „Бајтденс“ ја поседува мегапопуларната социјална апликација „Тик-ток“. Личното богатство на Џанг во 2022 година се проценува на 44,5 милијарди долари.
Уште еден Индиец во 2029 година ќе стане билионер
Во 2029 година индискиот бизнисмен Мукеш Амбани треба да влезе во кругот на билионери. Тој е претседател и извршен директор на „Релајанс индустрис“, мултинационален конгломерат со седиште во Мумбај и една од најпрофитабилните компании во Индија. Компанијата на Амбани работи во многу сектори - енергетика, медиуми, трговија на мало, телекомуникации, текстил итн. Неговото богатство моментално се проценува на 93 милијарди долари.
Најбогатиот човек во Европа за пет години ќе стане билионер
И францускиот бизнисмен и најбогат човек во Европа, Бернар Арно, би требало да стане билионер во 2029 година. Неговото богатство моментално вреди околу 155 милијарди долари. Арно е извршен директор на конгломератот за луксузни стоки ЛВМХ и поседува брендови како Луј Витон, Кристијан Диор и Живанши.
Фото: Screenshot/YouTube