X
 05.03.2019 Живот

Парите наменети за политичките партии ќе им се даваат на социјално загрозени граѓани

Буџетските средства што во минатото беа наменети за финансирање на политичките партии, босанската општина Кључ оваа година ќе ги пренамени за помош на социјално загрозените граѓани.

Ова е првата локална заедница на подрачјето на Унско-санскиот кантон што донела ваква одлука. На редовна седница на тамошниот Општински совет усвојувањето едногласно беше поддржано од сите советници.

Станува збор за 100.000 конвертибилни марки (околу 51.000 евра) и според зборовите на градоначалникот на Кључ, Неџад Зукановиќ, со тие пари ќе се финансираат различни социјални програми.

- Драго ми е што нашите советници ја изгласаа одлуката и покажаа емпатија кон нашите сограѓани кои се во тешка социјална состојба. Ова се тешки времиња и споменатите средства ќе ни дојдат добро за да можеме да им помогнеме на одреден број наши сограѓани - истакна Зукановиќ.

Тој истакна дека оваа локална заедница во текот на годинава се определила за спроведување програми на мерки за штедење и рационализација, поддршка на стопанството и земјоделството и отворање нови работни места. Инаку, буџетот на Кључ за оваа година изнесува помалку од пет милиони марки, што ја става оваа локална заедница во најмалку развиените на подрачјето на Унско-санскиот кантон.

Во последните неколку години Кључ се соочува со сè помасовно заминување на жителите во странство.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот