Енергетската криза предизвикана од руската инвазија на Украина доведе до најголем пад на животниот стандард во Германија, по Втората светска војна, како и пад на производството споредлив со кризата во 2008 година. Ова го истакнуваат двајца поранешни економски советници на тамошната влада.
Колку пари можете да заработите во земја каде што многу Балканци одат за да заработат?
Неуспехот да се заштити германската индустрија од скокот на цените на енергијата може да ги претвори 20-тите години од овој век во „изгубена деценија за Германија“ и дополнително да го поттикне подемот на екстремно десничарската партија Алтернатива за Германија (АФД). Ова е заклучокот од работниот документ на двајца економски експерти кои некогаш биле советници на владејачката партија во Германија, а објавени во Форумот за нова економија.
Платите во најголемата европска економија паднаа во 2022 година – што е најголем пад забележан уште од 50-тите години, предупредуваат тие.
Економијата се намали за 0,3 отсто во последниот квартал од 2023 година и се очекува повторно да се намали во првиот квартал на 2024 година. Тоа би значело техничка рецесија. Мрачна е и прогнозата на Меѓународниот монетарен фонд за 2024 и 2025. Германскиот економски раст во 2024 и 2025 година се очекува да биде помал од оној на која било споредлива напредна економија, освен од оној на Аргентина.
Но, имајќи предвид дека е четврта по големина економија во светот, луѓето во Германија и понатаму заработуваат значително повеќе од светскиот просек. Колку, всушност, можете да заработите, како се споредуваат германските плати со другите европски земји и какви се разликите во платите по гранки?
Колку заработуваат Германците?
Во просек, германските работници годишно заработуваат 51.876 евра бруто (аритметички просек на вработените со полно работно време), или 4.323 евра месечно (бруто), според податоците на германскиот завод за статистика. Просечниот нето-приход за целата мината година бил 26.271 евро.
Но, таквата плата често е недостапна за продавачите, негувателите или оние што се грижат за деца и млади луѓе.
Највисока плата во април 2023 година заработиле вработените во секторот финансиски услуги и осигурителни услуги – 5.841 евро (бруто), а потоа следува секторот информации и комуникации, со плата од 5.779 евра. Приходите во јавниот сектор во просек изнесувале 4.323 евра. Во градежништвото просечната плата била околу 3.600 евра бруто.
Но, во секторот земјоделство, шумарство, рибарство, како и во угостителството, платите се релативно ниски - само околу 2.800 евра.
Јазот во платите меѓу мажите и жените е ист како во 2002 година.
Покрај секторот во кој работите, на висината на платата во голема мера влијае и полот, но и местото каде што работите. Дури и повеќе од триесет години по обединувањето на Германија, видлив е диспаритетот на приходите меѓу западот и истокот на Германија. Сојузните држави од истокот се на дното на рангирањето, а граѓаните имаат највисока просечна плата во Хамбург.
Жените во просек заработуваат 12,7 отсто помалку од мажите за истата работа, а ситуацијата речиси не е променета од 2002 година. Според пресметките на онлајн пазарот на труд, жените во Германија заработуваат во просек 5.750 евра помалку од мажите.
Германските плати во споредба со остатокот од Европа
Студијата на ГФК од крајот на минатата година, која го зема предвид расположливиот нето-приход на Европејците, покажува дека просечната нето-плата на жителите во Европа во 2023 година била 17.688 евра на годишно ниво. Највисока плата имаат граѓаните на Лихтенштајн, каде што просечниот жител лани заработил четири пати повеќе од европскиот просек - 68.843 евра. На второ место е Швајцарија со 49.592, а по неа е Луксембург со просечна годишна нето-плата од нешто помалку од 41.000 евра.
Германија, пак, со просечна годишна плата од 26.271 евро, се најде на деветтото место од 42 земји на европската ранг-листа, зад Ирска, каде што платата е повисока за 600 евра, и Австрија, каде што е повисока за 400 евра.
Севкупно, само 16 земји во 2023 година имале нето-приход поголем од европскиот просек, а Шпанија била под линијата. Украина сѐ уште е на дното со 2.478 евра, што е само 14 отсто од просечната плата во Европа.
Извор: 6yka.com
Фото: Freepik