X
 03.10.2016 Економија

"Генијалната" идеја на Саудиска Арабија


Саудиска Арабија


По 84 години постоење, пресметката на платата во Саудиска Арабија ќе се врши по грегоријанскиот календар, а не како досега по хиџретскиот.


Саудиска Арабија го прифатила грегоријанскиот календар како основа за пресметка на платата за државните службеници во рамки на мерките за штедење.

Оваа држава, во 1932 година кога била основана како кралство, го прифатила лунарниот исламски календар за сметање на времето. Исламската година е пократка од грегоријанската за 11 дена.

Преминот на грегоријанскиот календар се случил после одлуката на владата за намалување на трошоците во време на ниска цена на нафтата.

„Платите, надоместоците, наградите, месечните парични примања и други слични парични исплати за државните службеници ќе бидат усогласени со фискалната година на државата, прецизирана со кралскиот указ“, се наведува во членот 14 од одлуката.

Оваа заливска земја минатата седмица со кралски декрет првпат им ги намалила платите на државните службеници.

Кралскиот декрет пропишува дека платите на министрите во Саудиска Арабија се намалуваат за 20%, а надоместоците за домување и превоз за членовите на советот Шура за 15%.

Платите на пониските државни службеници ќе бидат замрзнати, а ќе се задржува надоместот за прекувремена работа и за годишен одмор.

Платите и надоместоците за државните службеници сочинуваат 45% од јавната потрошувачка во 2015 година, а изнесуваат 128 милијарди долари, што довело до буџетски дефицит од рекордни 98 милијарди долари во минатата година. Во месец април, престолонаследникот Мохамед бин Салман го претставил планот за реформите со кои се намалуваат трошоците на владата и се намалува зависноста од приходите од нафтата.

„Визија 2030“ е иницијатива на престолонаследникот, која има за цел да ги намали платите во јавниот сектор на 40% од буџетот од почетокот на идната деценија и да ја зголеми вработеноста во приватниот сектор.        
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија