X
 23.05.2021 Наша тема

Повеќе работа, помали плати, доцнења, откази, стрес и притисок... Пандемијата ги дотепува работничките права

Работниците се жалеле и на неосновано трансформиран работен однос од неопределено време во работен однос на определено време, но и за притисоците врз работниците да потпишат спогодбен престанок на работниот однос

Поради пандемијата, синдикатите алармираат дека изминатава година е забележано намалување на работничките права, или поточно прекршување на веќе утврдените законски права, меѓу кои и неисплата на плати, злоупотреба на државната помош, притисок врз работниците да потпишат спогодби за прекин на работен однос, но и непочитување на Законот за безбедност и здравје при работа... Укажуваат дека од особено значење е државата доследно да ги спроведува законите бидејќи секое непочитување на законите остава простор за нови манипулации.

- За жал, мора да констатираме дека има намалување на работничките права, односно прекршување и големо непочитување на веќе загарантирани права на работникот согласно законите и колективните договори. Откако сме во пандемија, има неисплата на плати, злоупотреба на државната помош за плати, притисок врз вработените да потпишат спогодби за прекин на работен однос, непочитување на Законот за безбедност и здравје при работа и низа други. Сето тоа се должи на многу фактори, од кои најголемо влијание има непочитувањето на законите од страна на Владата и институциите бидејќи секое прекршување треба да биде пријавено и санкционирано, а сега се соочуваме со несанкционирање не прекршување на правата на работниците, што остава простор да се прават злоупотреби и да се оставаат работниците во многу незавидна економско-социјална положба. Секако, свој удел има и пандемијата, но сметаме дека треба да се најде начин како на крај целата штета да не падне на грбот на работникот, затоа постојат државата и институциите - да ги заштитат своите граѓани - укажуваат претставниците на Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС).

Тие потенцираат дека за да се подобрат состојбите и да има доследно почитување на законите, организирале повеќе протести во различни временски услови кои не ги спречиле да го искажат незадоволството.

- Последниот протест, организиран во време на пандемија, беше инициран од членови кои сметаат дека веќе е претерано. Слоганот „Доста е - Претеравте“ во најкратки црти го искажува гневот од угнетувањето на работникот и немањето право да се уживаат основните човекови и работнички права. Се надеваме дека во најскоро време Владата ќе излезе со реакција, бидејќи во спротивно искажува дека воопшто не е заинтересирана за оние за кои таа постои и ние ќе продолжиме помасовно и пожестоко да одговараме на овој молк на Владата сѐ до исполнување на нашите барања, кои се легитимни, согласно закон и се веќе извојувани и заслужени права кои се скратуваат. Нашата цел е унапредување на работничките права и нивно подигнување на едно повисоко ниво, но, за жал, ние сѐ уште се бориме да го зачуваме она што го имаме и што ни е загарантирано со закон - посочуваат од КСС.

Ни треба нова процена на ризик за секое работно место

Од Синдикатот истакнуваат оти за подобрување на правата на работниците, неопходно е да се почитува Законот за безбедност и здравје при работа кој, според нив, постојано се избегнува. Укажуваат дека согласно Законот, треба да се направи нова процена на ризик на секое работно место и повеќе да се ангажираат инспекциските служби за да се санкционира секое прекршување на законите и колективните договори.



Зголемен број претставки

Претставниците на Сојузот на синдикатите на Македонија укажуваат дека од самиот почеток на здравствено-економската криза, која сѐ уште трае, имаат значителен раст на претставките од работниците и имале значително зголемени обврски во насока на заштита на правата на работниците.
- Најголемиот број обраќања во 2020 година, над 40 отсто, се во врска со неосновано намалени плати, неисплатени плати, додатоци, надоместоци, регрес за годишен одмор и придонеси од плата. Карактеристично беше упатувањето на работниците дома со образложение од работодаввите дека нема работа поради здравствената криза или дека нема услови таа да се организира според државните протоколи, притоа на овие работници им беше намалена платата и не се почитуваа уредбите на Владата за право на платено отсуство. ССМ во соработка со Државниот инспекторат за труд навремено интервенираше и со тоа кај таквите несовесни работодавци беа спроведувани инспекциски контроли и беа задолжувани да им ја исплаќаат платата на работниците утврдена согласно договорите за вработување. Многубројни обраќања се однесуваа на непочитување на правото на платено отсуство на хронично болни работници, родители со деца до 10 години, бремени работнички и слично - објаснуваат од ССМ.

Тие воедно укажуваат дека имале голем број поплаки поради неисплатени плати на работниците иако биле обезбедени средства од Владата за помош на компаниите, поради што доставиле барање државните субвенции за плата на работниците дирекно да се исплатуваат на сметките на работниците.

- На барање на ССМ интервенираше УЈП, јавно беа објавени компаниите што не им исплатиле плата на вработените, а на наше инсистирање, со оглед на тоа што системски не беше возможно финансиската поддршка за исплата на платите да оди директно на сметката на работниците, УЈП им ги блокира сметките на несовесните работодавци и ги префрлаше парите на сметката на работниците за плата, а беа преземени мерки за казнување на несовесните работодавци. Отказите се 40 проценти од обраќањата во ССМ, а евидентирани се откази во чевларската индустрија, металната индустрија и угостителството. Во неколку наврати бележиме незаконити откази на договорите за вработување на претседатели на синдикалните организации во компаниите. Преземени се сите активности за нивна заштита, во тек се и судски постапки во врска со незаконитото постапување кон синдикалните претставници, затоа што тоа дирекно влијае на сузбивање на синдикалното организирање и дејствување, а во два случаи Државниот трудов инспекторат и Судот ги вратија на работа синдикалните претставници - дополнуваат од ССМ.

Од Синдикатот посочуваат, исто така, дека работниците се жалеле и на неосновано трансформиран работен однос од неопределено време во работен однос на определено време, но и за притисоците врз работниците да потпишат спогодбен престанок на работниот однос. Исто така, дополнуваат дека работниците се жалат на упатување на годишен одмор или принуден одмор без решенија, како и обраќања за предвремено раскинување на договорите за дело, за непријавена работа, за привремените вработувања преку приватните агенции и други.

Фото: Фрипик
Подготвил: Петранка Огнаноска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема