X
 25.04.2018 Образование

Успешен УКЛО ТРИВИУМ

На третиот по ред натпревар во ораторство УКЛО ТРИВИУМ, кој се одржа на тема: Quo vadis, студенту? Правата на студентите во 21-от век!, учествуваа петнаесет студенти од неколку единици на УКЛО.

1

За најдобри оратори од страна на жири-комисијата се прогласени студентите: Снежана Секуловска од Правниот факултет, прво место, Ирена Митревска-Димовска од Педагошкиот факултет, второ место, и Сара Димеска од Економскиот факултет, трето место. Тројцата најдобри оратори ќе го претставуваат УКЛО на Собирот на македонските универзитети што го организира Европското движење во Република Македонија по повод одбележувањето на 9 Мај, Денот на Европа.

За покажаните говорнички вештини и умешност, покрај дипломи, УКЛО на најдобрите оратори им доделува и парични награди.

2

Инаку, присутните студенти, професори и гости од името на УКЛО и ректорот, проф. д-р Сашо Коруновски, ги поздрави проректорот, проф. д-р Виолета Маневска. Таа по повод пригодата истакна „...со Тривиумот УКЛО воспоставува една суптилна, модерна нишка со младите, за нивните права, потреби, нивните мислења и ставови и дека УКЛО ТРИВИУМ е можност студентите да го заземат своето централно место, клучното место што им припаѓа како во Универзитетот така и во општеството. Во таа смисла, студентските беседи и говори што произлегуваат од ораторскиот жар се очекува да овозможат да се слушне гласот на младите: не само како размислуваат студентите, туку и да помогнат во трасирањето на приоритетите и својствените за нив визионерски и авангардни погледи“.

3

ТРИВИУМОТ од страна на УКЛО се оценува и како одлична можност студентите да ги подобруваат вештините за јавно говорење, аргументирано и стилско изразување.

Настанот традиционално се одржува во рамките на одбележување на Денот на основањето на УКЛО, 25 април.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование