Студентите ги заменија плажите со работни обврски во Германија, каде што неделно можат да заработат и над 500 евра, а истовремено можат и да патуваат, да го научат или да го подобрат германскиот јазик и да видат како е да се живее во европска земја.
Во градот останаа само основците и средношколците, студентите заминаа преку лето да работат во Германија, раскажуваат велешани. Професори од Скопје кажуваат дека студентите веднаш по завршувањето на испитната сесија летнале за Германија, а оставиле некои колеги да им ги подигнат оценките од писмените испити. Млади од Битола сведочат дека веќе неколку години печалбарска земја преку лето за нив е Германија, од каде што се враќаат со неколку илјади евра.
Германија стана дестинација број еден за студентска работа на Македонците. Нема официјална бројка колку се заминати летово, но се проценува дека ги има неколку илјади. Повеќето ја средија потребната документација преку компании за посредување уште во текот на академската година, а од 1 до 12 јули заминаа. Таму работат по сендвичарници, чистат по хотели, компании, менуваат постелнини во старски домови, работат на логистика...
Месечно заработуваат од 1.000 до 2.000 евра
За многу од студентите ова се први работни искуства и први заработени пари. Работен час се плаќа во просек по 13 евра и во зависност од тоа колку часа работат дневно, месечно заработуваат од 1.000 до 2.000 евра. За тоа можат само да сонуваат кај нас работејќи по кафулиња, бензински пумпи, бутици... Други заминуваат за да ја запознаат земјата, да прошетаат, да имаат авантура, а трети за да го усовршат јазикот.
- Имајќи предвид дека дури и минималните плати во странство во номинален износ се прилично повисоки од платата што студентот би ја добивал со незавршено образование овде, тоа е главната причина што ја прави привлечна студентската работа. Понатаму, можноста да се помине извесен период од летото во некој голем европски град и да се патува е уште една причина за младите да се одлучат за овој вид работа. Дополнително, многу од нив велат дека и односот од работодавците е доста коректен и тоа е причина плус за привремена работа надвор. Ползата е голема, од можноста за финансиска заработка до осамостојување и стекнување меки вештини преку живеење во странска земја - изјави м-р Иван Дургутов од Здружението за меѓународна младинска соработка „Интерактив“ од Битола.
Иван Дургутов
Кириите се високи, па се сместуваат во студентски домови
Искуствата на нашите студенти главно се позитивни во однос на местата каде што работат, од организираноста на државата, хигиената, возните редови, но не толку добри за сместувањето. Советуваат оние што првпат заминуваат, да земат со себе доволно пари за основните потреби во првиот месец, за храна, сместување и превоз.
- Да се сместите во голем град во Германија во изнајмен стан ќе треба да плаќате по 800 до 900 евра од лице месечно. Тоа за нас е прескапо зашто однапред треба да се платат. Да донесете пари од Македонија за тука да си обезбедите престој. Барајќи поевтино, се сместуваме во хостели каде што плаќаме по 500 до 600 евра од студент или во студентски домови каде што киријата се движи меѓу 400 и 500 евра месечно, а во соба сме неколку лица. Во домовите делиме тоалети, кујна и машини за перење - раскажува студентка од Велес.
Работните места често се далеку, но превозот не доцни
Студенти од Битола велат дека не им е тешко на работното место, туку мачно е да се стигне дотаму. И покрај големата организираност и точност на метроата и автобусите, патуваат со часови. А доодуваат и пеш зашто до локацијата нема превоз.
- Работиме во објект кој е оддалечен два часа до местото каде што сме сместени. Тоа значи будење пред пет часот наутро за во шест да го фатиме превозот, менуваме подземна и надземна железница и пак пешачиме за да дојдеме до фабриката. Месечниот билет за транспорт изнесува 50 евра. Но, барем тука нема доцнење на превозните средства. Може да се случи да задоцни минута-две, а за тоа веднаш добиваме известување на апликација на мобилниот телефон - вели студент од Битола.
Тој раскажува дека нема сообраќаен метеж како кај нас, дел од превозот е подземен, централните градски јадра се ослободени од возила, а за автобусите има посебна линија.
- Не се случува на една постојка да застанат еден зад друг два автобуса кои возат во ист правец само зашто едниот доцнел многу време. Или, пак, да откажат семафори. По улиците нема ѓубре, а на шалтерите се чека ред без протекции - раскажува студентот.
Германија има потреба од работна сила, па брзо и лесно се наоѓа работа
Милчо Дули, претседател на невладината SFERA International, вели дека според нивните истражувања, високиот квалитет на живот кој го нуди Германија и стабилноста ја прават атрактивна дестинација за младите кои бараат подобри услови за живеење и работа.
- Брзо и лесно наоѓање работа. Германија има голема побарувачка на работна сила и на привремени вработувања во лето, што студентите го гледаат како добра опција да најдат лесна работа за месеците кога се слободни. Финансиските можности се значително подобри. Германија нуди повисоки плати за студентски работи во споредба со платите во нашата држава, што им овозможува на студентите да заработат повеќе за покривање на трошоците за студирање и живеење, како и да заштедат нешто. Професионалниот развој е уште една значајна причина. Работата им овозможува да стекнат искуство кое е многу вредно за нивната кариера. Многу работодавци ги ценат меѓународните искуства - вели Дули.
Милчо Дули
Само преку една компанија заминале 500 студенти
Од „Посредник24“, една од фирмите што посредуваат за сезонска работа на студентите во Германија, велат дека секоја година интересот значително се зголемува.
- Германија е дом на многу меѓународни заедници, што значи дека студентите ќе имаат можност да се сретнат и да работат со луѓе од целиот свет, со кои би можеле да разменат идеи за понатамошно кариерно унапредување, па дури и основање бизниси. Оваа сезона преку наше посредништво аплицираа над 500 студенти, вклучувајќи и апликанти од Турција, Србија и Албанија - велат од „Посредник24“.
За да се замине на работа во Германија, потребно е да се има пасош, дозвола за работа, патничко здравствено осигурување и потврда за редовен или вонреден студент.
- Најголем интерес има за поголемите градови, како што се Берлин, Минхен. Франкфурт, Штутгарт, Келн итн. Можат да останат најмногу 90 дена во шенген-зоната - додаваат од „Посредник24“.