Економскиот факултет од Прилеп беше домаќин на 11. Меѓународната конференција на тема: “Digital Transformation of the Economy and Society: Shaping the Future” („Дигитална трансформација на економијата и општеството: обликување на иднината“). Деканот на Економскиот факултет во Прилеп, проф. д-р Драгица Оџаклиеска, во оцените за актуелноста на темата посочува дека 60 насто од домашниот-бруто производ ќе бидат резултат на глобалните активности до 2022 година и нагласува дека сите овие процеси и имликацијата од дигиталната трансформација врз развојот претставуваат клучен предизвик за истражувачите во светот.
Финансискиот експерт Глигор Бишев оценува дека и кај нас дигитализацијата е присутна во речиси сите индустрии, особено во сферата на финансиите. Тој вели дека денес сме сведоци дека најнапредните, динамичните земји сѐ повеќе се дигитализираат и токму тие создаваат најмногу работни места. Ако претходно се сметаше дека нема да овозможи нови вработувања, се покажа спротивното: од една страна, се роботизираат и се автоматизираат одредени мануални процеси, а од друга страна, оние што се високоиновативни и стручни, тие сѐ повеќе бараат човечка димензија, високостручен кадар. Од тој аспект, искуството покажува дека во последните години со порастот на дигитализацијата се создаваат нови, креативни и повеќе платени работни места.
Тој смета дека македонскиот финансиски систем ги следи сите трендови, да може да се отвори сметка по интернет, да има мобилно банкарство, да се плаќа со картичка преку мобилен телефон, преку банкомати, да се вршат меѓународни трансакции.
Од презентираните трудови на Меѓународната конференција непобитни се сознанијата дека во суштината на дигиталната економија се наоѓаат економските активности кои се резултат на милијарди онлајн-конекции кои секојдневно се случуваат меѓу луѓето, бизнисите, податоците и процесите. Главниот столб на дигиталната економија претставува хиперконективноста, или со други зборови, растечката поврзаност меѓу луѓето, организациите и машините, а која поврзаност е резултат на интернетот, мобилната технологија и интернетот на нештата. Дигиталните и мобилните технологии забележуваат неверојатен раст во последните неколку години. Тие продуцираат темелни промени во функционалниот код на економијата и општеството и предизвикуваат радикална трансформација на традиционалните развојни парадигми. Иновациите на производи (стоки и услуги), променливата структура на трошоците и намалувањето на бариерите за влез драстично ги менуваат индустриската структура и бизнис-моделите.
Според податоците на Светскиот економски форум, во текот на следната деценија, 70% од новокреираната вредност во економијата ќе бидат засновани на дигитални платформи. Процените упатуваат на сознанијата дека 60% од глобалниот БДП ќе бидат дигитализирани до 2022 година, односно ќе постои многу мала разлика меѓу дигиталната економија и економијата, како и меѓу дигиталното општество и општеството. Ова продуцира голем потенцијал за Четвртата индустриска револуција да ги зајакне општествата и да извлече голем број луѓе надвор од канџите на сиромаштијата. Сепак, успехот во голема мера зависи од можноста за создавање ефективни партнерства и соработка меѓу сите засегнати страни. Со други зборови, „затворањето на дигиталниот јаз значи многу повеќе од едноставно поврзување“. Зголемувањето на инвестициите за обезбедување пристап до интернет и пронаоѓањето решенија за креирање добар дигитален идентитет има есенцијално значење за соодветно адресирање на овој јаз и заштита на правата на индивидуите во општеството. Уште повеќе, за креирање безбедна и сигурна дигитална средина, потребно е да се воспостават глобални норми и практики кои ќе овозможат ублажување на сајбе-ризиците. Конечно, круцијално значење во затворање на дигиталниот јаз и обезбедување на широко распространети придобивки има развивањето нови механизми за партиципативно управување, кои ќе бидат комплементарни на традиционалната политика и регулатива.
Сите овие процеси и можните импликации на дигиталната трансформација врз развојот претставуваат клучен предизвик со кој денес се соочуваат истражувачите низ светот. Меѓународната конференција под наслов “Digital Transformation of the Economy and Society: Shaping the Future” („Дигитална трансформација на економијата и општеството: обликување на иднината“) всушност овозможи на едно место претставниците од академската заедница и бизнис-секторот да ги споделат нивните знаења, информации, искуства и резултати од истражувањата поврзани со различни аспекти на дигиталната трансформација на економијата и општеството.
На Конференцијата учествуваа голем број еминентни претставници од различни држави и се очекува научните согледувања да придонесат кон креирање адекватни политики.
Економскиот факултет - Прилеп упати благодарност до учесниците на Конференцијата и покажаниот интерес со над 150 трудови, и секако, во рамките на успешната соработка со опкружувањето ја нагласи конекцијата што ја остварува со партнерите-спонзори (Kromberg& Schubert, печатница Гинис, Comfy Angel, Витаминка, Sparkasse Bank,Матадор, Кули конфекција, Прилепска пиварница и хотел Салида) за несебичната поддршка и придонесот во успешната реализација на овој меѓународен настан.
Инаку, Меѓународната конференција „Дигитална трансформација на економијата и општеството: обликување на иднината“, која се одржа на 19 и 20 октомври 2019 г., е прва од серијалот настани со кои почна одбележувањето на 60-годишнината од основањето на Економскиот факултет - Прилеп.