X
 25.04.2024 Живот

За совети во кариерата, генерацијата З повеќе ѝ верува на вештачката интелигенција отколку на шефовите

Кому ќе му верувате ако ви даде совети за кариерата - на вашите шефови и менаџери или на вештачката интелигенција?

Ако ја прашате генерацијата З, односно младите луѓе родени во периодот од 90-тите години до почетокот на минатата деценија, одговорот е прилично изненадувачки бидејќи тие повеќе ѝ веруваат на технологијата. Барем така покажува неодамнешното истражување спроведено од компанијата за развој на кариерата и човечки ресурси ИНТО и истражувачката компанија „Воркплејс интелиџенс“.

Речиси половина од нив, или 47 отсто, велат дека добиваат подобри совети за кариерата од Чет-ГПТ отколку од нивните шефови. Интересно е што истото истражување покажало и дека 44 отсто од младите планираат да се откажат од својата работа во наредните шест месеци.

Иако истражувањето покажа дека младите луѓе повеќе ѝ веруваат на технологијата отколку на нивните претпоставени, интересно е што кога станува збор за употребата на вештачката интелигенција на работа, постарите вработени, односно милениумците и генерацијата Х, ја користат почесто од генерацијата З. Причината за ова е што постарите вработени се чувствуваат принудени да научат како да користат алатки засновани на вештачка интелигенција за да бидат во чекор со помладите колеги и деловните трендови. Од друга страна, младите кои пораснале со интернетот и мобилните телефони во свои раце имаат многу поголеми очекувања од технологијата и знаат дека можат брзо да ја променат доколку алатките што ги користат не им одговараат.

Мира Гренланд, една од директорките во ИНТО, нагласува дека задоволството на вработените и нивната лојалност кон компаниите во кои работат не е поврзано само со нивните приходи, туку и со поддршката и советите што компаниите им ги даваат на своите вработени. Честопати не мора да биде ништо револуционерно, но понекогаш е доволен само совет за следење деловен профил на социјалните мрежи, поткаст или слично, каде што вработените ќе слушнат добри совети поврзани со напредокот на нивните кариери.

Еден од важните чекори за да се постигне тоа се однесува на едукацијата на самите менаџери, вклучувајќи и едукација за нивните комуникациски вештини и односи со вработените. Исто така, важни се повремените состаноци лице в лице со вработените поврзани со напредокот на нивните кариери. Ваквиот однос кон вработените создава подлабока поврзаност со нив и работниците добиваат впечаток дека нивните работодавци навистина се грижат за нив и за нивните потреби и барања.

Доколку ваков однос не постои меѓу вработените и работодавците, тогаш вработените се обраќаат кон технологијата како извор за совети за работа и кариера. Но, она што е важно да се нагласи е дека иако вештачката интелигенција може да извршува некои задачи како луѓето и советите од чет-ботови понекогаш се повеќе ценети, технологијата тешко може да го разбере човечкото однесување и неговата непредвидливост, како и спецификите на поединците.

Извор: CNBC
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот