X
 20.12.2023 Живот

Вештачката интелигенција не може да биде пронаоѓач на патенти, пресуди британски суд

Американски компјутерски научник денеска загуби правна битка да регистрира пронајдоци создадени од неговиот систем за вештачка интелигенција (ВИ) во историски случај во Велика Британија за тоа дали вештачката интелигенција може да поседува патенти.
Стивен Талер сакаше да добие два патенти во Велика Британија за пронајдоци за кои тврди дека се создадени од неговата „машина за креативност“ наречена ДАБУС.

Британската канцеларија за интелектуална сопственост го одби неговото барање за регистрација на патенти врз основа на тоа дека пронаоѓачот мора да биде човек или компанија, а не машина. Талер поднесе жалба до британскиот Врховен суд, кој денеска едногласно ја отфрли неговата жалба бидејќи според британскиот закон за патенти, „пронаоѓачот мора да биде физичко лице“.

- Оваа жалба не се занимава со поширокото прашање дали треба да биде можно да се патентираат техничките достигнувања направени од машини кои работат автономно користејќи вештачка интелигенција - наведе судијата Дејвид Кичин во пресудата на судот.
- Ниту, пак, се осврнува на тоа дали значењето на терминот „пронаоѓач“ треба да се прошири … Да вклучи машини кои користат вештачка интелигенција за да создадат нови и неочигледни производи и процеси за кои може да се смета дека нудат поголеми придобивки од веќе познатите производи и процеси - додаде тој.

Талер загуби слична правна битка претходно годинава во САД, каде што Врховниот суд одби да ја разгледа жалбата на одбивањето на американската канцеларија за патенти и трговски марки да одобри патенти за пронајдоци на неговиот систем за вештачка интелигенција.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот