Според албанските медиуми, има пет жртви и над 150 повредени, но се стравува дека бројката ќе биде поголема. Земјотресот беше почувствуван и во Македонија
Албанскиот премиер Еди Рама во првата реакција по силниот земјотрес што ја погоди земјата оценува дека ова е драматичен момент, но оти заедно ќе се справат со него.
- Ова е драматичен момент, треба да ја зачуваме смиреноста, да бидеме еден до друг и заедно да се справиме со состојбата. Ние ќе сториме сѐ и со нашите големи пријатели ќе ја надминеме оваа ситуација. Храброст! Трпение! Солидарност - напиша Рама на „Фејсбук“.
Има и жртви, па затоа Рама додава дека целата држава е на нозе.
- Од силниот земјотрес има сериозни последици и, за жал, загубивме животи. Сите државни структури се во функција уште од првите моменти по потресот. Интензивно се работи на неколку фатални места во Драч и Туман за да се спаси секој можен живот - наведува Рама, кој од рано утринава е во Драч.
Според албанскиот Институт за сеизмологија, во период од четири часа регистрирани се повеќе од 100 потреси.
Според албанските медиуми, има пет жртви и над 150 повредени, но се стравува дека бројката ќе биде поголема.
Првата жртва беше повозрасна жена во Туман, кај Фуш Круја, која живеела во станбена зграда која е целосно урната. На самото место сѐ уште се расчистува, а во меѓувреме спасени се две деца.
Според министерката за здравство Огета Манастирлиу, повредени се 150 лица, главно со скршеници и набиеници.
Министерството за образование соопшти дека поради актуелната состојба, денеска настава нема да има во училиштата во Драч, Тирана и во Лежа.
Инаку, по силниот земјотрес во 3:56 со јачина од 6,4 степени според Рихтеровата скала, речиси со идентична јачина, 6,3 степени регистриран е потрес во 7:20 часот.
Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет соопшти дека изутринава се регистрирани серија земјотреси, чии епицентри потекнуваат од соседна Република Албанија, од подрачјето на Драч на 170 километри југозападно од Скопје.
Најсилниот од оваа серија е земјотресот во 3 часот и 54 минути со локална Рихтерова магнитуда од 6,3 степени што беше почувствуван и на целата територија на Македонија.
Според досегашните податоци, земјотресот е почувствуван со интензитет од V степени според Европската макросеизмичка скала во Охрид, Струга, Дебар, Гостивар, Тетово, IV-V степени во Скопје, Кичево, Битола и со интензитет од III-IV степени во источните делови на земјава.
Извор: МИА