X
 26.07.2018 Наша тема

Скопје се изгради од самопридонесот на Југословените. Колку би чинела штетата денес?

Некои велат дека штетата изнесувала околу 3,5 милијарди динари, други дека точната сума не може да се пресмета поради последиците од катастрофата што се чувствувале долго време по ударот

Благодарение на самопридонесот на Југословените, Скопје се издигна од правот по катастрофалниот земјотрес што го срамни со земја пред точно 55 години, вели професорот Љубе Трпески, економист и поранешен гувернер на Народната банка.
- Тоа беа огромни пари. Имаше и фондови, но главните пари за изградба на Скопје дојдоа преку самопридонесот. Секој граѓанин на Југославија му помогна на Скопје – вели тој.

Првата насловна страница на весникот „Нова Македонија“

Земјотресот, кој на 26 јули 1963 година во 5:17 часот го погоди Скопје со јачина од 6,1 степени според Рихтеровата скала, усмртил 1.070 жители на градот, а 4.000 биле повредени. Биле урнати 15.800 стана, 28.000 биле оштетени, а илјадници луѓе останале без покрив над главата.
Новинарот Дејвид Биндер, дописник за весникот „Њујорк тајмс“ од овој регион, долетал во Скопје неколку часа по стравотниот потрес. Тој напишал:

Новинарот Дејвид Биндер, дописник на „Њујорк тајмс“

- Отворени дупки каде што порано биле покриви. Прав од малтер и цигли го покриле градот – напишал во извештајот Биндер, кој денес има 87 години.


Колку би чинела штетата денес?

Земјотресот предизвикал огромни штети. Според неофицијални податоци, во тоа време вкупното национално богатство на Скопје се проценувало на околу 4 милијарди динари. Некои велат дека штетата изнесувала околу 3,5 милијарди динари, други дека точната сума не може да се пресмета поради последиците од катастрофата што се чувствувале долго време по ударот.

Разурнатото скопје   Фото: Википедија

На прашањето дали може да се утврди колку би изнесувале 3,5 милијарди тогашни југословенски динари во денешна противвредност, Трпески вели дека е речиси невозможно.
- Имаше многу инфлации – вели тој.

Денеска многу организации и граѓани, на различни места, со пригодни програми ќе се потсетат на трагедијата. Град Скопје ја организира манифестацијата „Зборува Скопје“, која трае веќе неколку дена.
- Сите настани се тематски врзани со скопскиот земјотрес и претставуваат извесно видување на овој настан од 26 јули 1963 година низ очите на младите уметници и нивното реконструктивно доживување на оваа трагедија – велат од Градот.

Фото: Википедија

Традиционално, Црвен крст од Скопје организира крводарителската акција, а ќе биде положено цвеќе пред Споменикот на загинатите во земјотресот на Градските гробишта во Бутел. Организацијата на жените на град Скопје ќе одржи поетско читање, а Здружението на акцијашите од студентскиот дом „Стив Наумов“ ќе организира марш до Музејот на Скопје, каде што во 20 часот ќе биде отворена изложбата „Од братство и единство `63 до Скопје `63“.

Урбани герила-акции во градот

Група урбани уметници од Центарот за современи уметности организираат аудиоакција точно во 5:17 минути на пет различни локации што ќе нè потсетат на точното време на трагичниот настан.
- „Разбуди се Скопје“ е герила аудиоакција. Идејата е на еден можеби и по малку груб начин да се потсетат граѓаните на Скопје на трагедијата и да се додаде една нова димензија на јубилеите на земјотресот. Едновремено, сметаме дека оваа традиција на будење на градот на 26 јули, која од 1964 година сè до раните 90-ти постоеше во Скопје, претставува извонреден начин на потсетување на граѓаните за жртвите на катастрофалниот земјотрес, кој речиси целосно го уништи градот и го измени неговиот лик, но едновремено и го трасира патот кон модерно Скопје – велат урбаните герилци.



Акциите ќе бидат спроведени кај Музејот на град Скопје, Музејот на современата уметност, Порта Влае и од возило „лада“ по булеварот „Партизански одреди“.
Во Музејот на современа уметност ќе биде отворена изложба на дела од грчки автори. Во Младинскиот културен центар, пак, ќе има проекции на серијата „Досие Скопје“ и богата музичка програма.

На тој начин ќе се потсети и на добротворните акции за изградба на МСУ и донациите на светски уметници кои му подарија свое дело на урнатиот град. Еден од нив е и шпанската легенда - уметникот Пабло Пикасо.

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема