Со цел да им помогнеме на матурантите полесно да изберат на кој факултет да се запишат, започнуваме со објавување серија текстови во кои е разјаснето кои предности ги нудат факултетите при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, кои насоки се најдефицитарни, но и што точно може да работат по завршувањето на студиите.
Со професорката д-р Ромина Кабранова, продекан за настава на Факултетот за земјоделски науки и храна, разговаравме за студиските програми што ги нуди факултетот и што ќе работат дипломираните кадри.
Зошто треба матурантите да се запишат на Факултетот за земјоделски науки и храна
Факултетот за земјоделски науки и храна при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје претставува водечка високообразовна, научноистражувачка институција во областа на земјоделството и производството на храна во државата и регионот. Има акредитирани студиски програми усогласени со модерните текови и со Болоњската декларација. Сите тие имаат свои специфичности, па создаваат стручни профили со истакнати вештини и способности на пазарот на трудот. Тоа се насоките по агроекологија, агроекономија, анимално производство, градинарство и цвеќарство, фитомедицина, квалитет и безбедност на храна, овоштарство, лозарство и винарство, поледелство, производство и преработка на земјоделски производи и храна и хортикултура.
Која насока во иднина би била најбарана?
Првпат во 77-годишното работење на Факултетот, во постапка на акредитација е новата студиска програма за дигитално земјоделство, единствена во рамки на државата, на која во академската 2024/2025 година ќе се запише првата генерација на студенти. Тоа се интердисциплинарни студии каде што во наставата, покрај Факултетот за земјоделски науки и храна (како носител на студиумот), учество земаат уште 3 факултети: Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, Факултетот за електротехника и информациски технологии и Машинскиот факултет, сите во состав на УКИМ. Со користење паметните алатки, автоматизација и ГПС-системи за мониторинг и користење интернет со цел собирање и анализа на податоците, следење на синџирот на производство, обработка и преработка до финални производи, синхронизираност и точност во работењето се постигнува висока ефикасност и продуктивност. Денес 70-80% од новата земјоделска механизација е опремена со барем една од компонентите на прецизното земјоделство. Паметно земјоделство (smart agriculture) многу брзо ќе биде главен двигател на економските текови во светот. Станува збор за користење нови технологии (сензори, системи за локација, роботи, вештачка интелигенција) на фармите заради можност за зголемување на квалитетот и квантитетот на земјоделските култури, и во делот на анималното производство, како и оптимизирање на човечкиот труд.
Проф. д-р Ромина Кабранова
Дел од факултетите денес се соочуваат со недостиг на простор или кадар? Како е кај вас?
Со примена на највисоките академски стандарди, на студентите им е овозможено образование со врвен квалитет и стекнување најнови научни, стручни знаења и вештини од областа на агрономијата и сродните науки. Додипломските студии траат 4 години (8 семестри) со стекнување минимум 240 ЕКТС кредити и со звање дипломиран земјоделски инженер. Дипломата е меѓународно призната поради компатибилноста со сродните факултети низ целиот свет и овозможува директен пристап кон професионално вработување. Факултетот обезбедува услови за квалитетна настава и можност за научноистражувачка работа. Просторните услови ги задоволуваат критериумите што треба да ги обезбеди една високообразовна институција на УКИМ: амфитеатри, предавални, лаборатории за студенти, лаборатории за научноистражувачка дејност, вклучување на студентите во програми за соработка со стопанството преку изработка на дипломски и магистерски работи. Пракса преку директни истражувања на терен и во студентските лаборатории на факултетот, а има и 6 современо опремени лаборатории со 47 акредитирани методи. Факултетот поседува и свои обработливи површини - опитно поле во Долно Лисиче - место каде што теоријата се преточува во пракса. Соработката со стопанството е на високо ниво, студентите имаат можност за практикантство во голем број државни институции и приватни компании и мобилност на универзитети и истражувачки центри.
Која насока е најпопуларна, а која најдефицитарна?
На Факултетот за земјоделски науки и храна се запишуваат сѐ повеќе кандидати кои имаат одлични познавања од информатичката технологија, машинството, менаџирањето... Конкурираат средношколци со одлични резултати од средно образование, што е од големо значење во креирањето на идниот земјоделски инженер. Интересот за одредени насоки варира секоја година во зависност од понудата на работни позиции од компаниите, политиките на поддршка од страна на државата, приходите кои се остваруваат на годишно ниво преку бизниси поврзани со земјоделство. Едно е заедничко - сите насоки се поврзани со основата на човековото постоење: храната - неопходна за здрави генерации, зачувувањето на природните ресурси и обезбедување рамнотежа во природата.
Што точно можат да работат студентите кога ќе дипломираат?
Дипломираните студенти имаат отворени врати и во светски рамки поради компатибилните студиски програми со оние на сродните факултети. Нашата држава не прави многу за да ги задржи нашите високостручни кадри тука, за да имаат можност да продолжат да го развиваат својот потенцијал. Неопходно е да се обезбедат поволни услови за работа, а трудот да е соодветно валоризиран. Така младите може да се мотивираат да останат да работат во матичната земја. Неопходно е да се има стратегија во високото образование за потребата од запишување на студенти согласно потребите на стопанството и јавните институции. Производството на храна е од стратешки интерес за секоја држава. Затоа, огромна улога има образованието на идните земјоделски инженери и создавањето услови за нивно усовршување. Значајно е да ја препознаеме важноста на оваа струка и при креирањето на политиките на високото образование да ѝ дадеме приоритет. Можностите за вработување се големи ако се земе предвид дека земјоделско-прехранбениот сектор имал и секогаш ќе има сигурен развој и перспектива. Земјоделските инженери се успешни креатори на политиките за развој во државните институции, научноистражувачките институции, лабораториите за контрола и безбедност на примарното производство и во преработувачките капацитети, образовните институции, банки, осигурителни компании, невладини организации, а голем број од нив започнуваат сопствен бизнис. Многу од нашите поранешни студенти може да се сретнат како успешни научници, наставници, претприемачи или деловни луѓе во земјата и во странство.
Фото: приватна архива