Преживеаните од пожарите во Грција, кои зедоа најмалку 74 животи, опишаа како биле принудени да одат кон морето бегајќи од пламен кој како да бил испуштен од пламенофрлач.
- Пламените нѐ бркаа сѐ до водата - вели еден човек.
Во меѓувреме, телата на 26 возрасни и деца, кои очигледно умреле гушкајќи се, беа пронајдени во близина на морето. Додека трае потрагата по исчезнатите, направена е и интернет-страница за да им се помогне на роднините да си ги најдат блиските. Роднините на исчезнатите таму поставуваат фотографии од исчезнатите со надеж дека ќе ги најдат.
Стотици пожарникари се борат со пламените, распламтени од ветриштата со брзина до 100 километри на час, кои го уништија Мати, туристичко место популарно кај локалните туристи, особено пензионерите и децата што одат на кампување. Голем број патишта и рути за евакуација се блокирани од пожарите.
Еден од преживеаните, Никос Ставринидис, истакна дека и покрај климата во автомобилот, сѐ уште можел да ја почувствува жештината однадвор додека се возел по автопатот.
- Се возевме по патот минувајќи низ чад, а потоа пламените беа покрај автомобилот. Сите куќи на ридот покрај автопатот беа целосно изгорени - раскажува тој.
Ова е најголемата катастрофа во Грција од 2007 година, кога десетици луѓе ги загубија животите откако полуостровот Пелопонез беше зафатен од пожари.
Грчкиот премиер Алексис Ципрас прогласи тридневна жалост и вонредна состојба и истакна дека сите итни служби се мобилизирани.
Известувањата од терен се трогателни. Стотици изгорени автомобили и куќи, тела на луѓе што не успеале да се спасат од огнените јазици кои може да се видат и на само 15 метри од морето. Повеќето од нив се туристи кои се обиделе да најдат засолниште, но не успеале. Очајните фамилии што се обидувале безбедно да стасаат до морето биле заробени од ѕидовите од чад и оган. Други, пак, починале во зградите или во автомобилите.
- Се обиделе да најдат рута за бегство, но за жал овие луѓе и нивните деца не стигнале навреме. Инстинктивно, гледајќи го крајот како се приближува, тие се прегрнале - истакна Никос Економопулос, челник на грчкиот Црвен крст, по пронаоѓањето на 26. тела на отворено.
Стотици луѓе што успеале да стасаат до морето биле земени од крајбрежната стража и од приватни бродови.
- Ни го гореше грбот и нурнавме во водата. Реков дека мораме да трчаме за да се спасиме - објаснува Костас Лаганос, еден од оние што успеале да му избегаат на огнот.
Жителите велат дека ова е библиска катастрофа во Мати.
Италија, Германија, Полска и Франција испратија авиони, возила и пожарникари, а Шпанија и Кипар понудија помош, но со прогнозите за затоплување, тие се во трка со времето да ги стават пожарите под контрола.
Иако причините за пожарот се непознати, грчките власти се сомневаат дека тој можеби бил подметнат од пиромани кои сакале да ограбат напуштени домови.
- Петнаесет пожари почнаа истовремено на три различни фронта во Атина - истакна портпаролот на грчката влада, Димитрис Цанакопулос, кој додаде дека Грција побарала дронови од САД за да детектира сомнителни
активности.