22.04.2021
Живот
Филипче: Сертификат за вакцинација или негативен ПЦР-тест за патување во Грција
Министерот за здравство Венко Филипче на ТВ „Сител“ посочи дека нашата држава веќе има изготвено сертификат, по насоки на ЕУ, со посебен код кој ќе им послужи на граѓаните да патуваат во Грција, откако тамошните власти ќе донесат и официјална одлука за тоа, пишува во соопштението од Министерството за здравство.
Според најавите што Филипче ги доби од грчкиот министер за туризам Теохарис, се очекува тоа да се случи на 14 мај. Освен сертификат за вакцинација, граѓаните што не се вакцинирани ќе може да патуваат и со потврда за негативен ПЦР-тест кој може да го направат во една од 20. лаборатории што имаат дозвола од Министерството за здравство.
- Тоа што би требало да се бара при премин на границите е потврда за примена вакцина, за што ние имаме спремна потврда со соодветен код кој ќе биде прифатен на сите гранични премини. Тој сертификат е подготвен и на почеток на следната недела ќе им се издава ретроактивно на сите лица што се ревакцинирани. Доколку граѓаните не се вакцинирани, вториот услов е негативен ПЦР-тест. Ние имаме листа од 20-ина овластени лаборатории кои стручната Комисија на МЗ и дел од Комисијата за заразни болести утврдиле дека работат по соодветни стандарди и со издаден ПЦР-тест од тие лаборатории, се разбира доколку е негативен, граѓаните ќе имаат можност да влезат во Грција. Сега чекаме и официјална потврда, а секако ја следиме и епидемиолошката состојба - изјави Филипче.