Конечно е откриено потеклото на „изгубениот град“ кој бил пронајден блиску до Закинтос.
- Го истраживме подводниот локалитет и заклучивме дека всушност, воопшто не станува збор за остатоци од цивилизација - во прашање е природна геолошка појава, предизвикана од подводни гасови - изјави Џулијан Ендрус, водечки автор на истражувањето кое е објавено во списанието „Marine and petroleum geology“.
Она што на нуркачите им изгледало како поплочени подови и столбови, всушност се дела на мајката природа и постојат од 2,65 до 5 милиони години.
- Хемиските анализи покажаа дека станува збор за природна творба, создадена во Плиоценскиот период - додава Ендрус.
На експертите уште по откривањето на „градот“ им било чудно што немало остатоци од монети, алат и други предмети кои обично се наоѓаат на ваквите локации, но сепак сакале да ги почекаат комплетните резултати од тестовите пред да донесат конечен заклучок.
- Научниците не можеа со сигурност да кажат дали се работи за природна појава бидејќи ваквите творби обично не се наоѓаат во толку плитки води. Најголемиот број слични откритија биле направени на длабочина од неколку стотици, па и илјада метри, додека оваа структура се наоѓа на длабочина од само неколку метри - заклучува Ендрус.