X
 25.07.2019 Живот

Немаат струја, греење, дури ни книги, но авганистанските девојчиња се извонредни ученички

Девојчињата почнаа да се собираат во седум часот наутро, пристигнувајќи од неколку различни правци во малото училиште на дното на долината.

Сите носат сини училишни униформи и бели марами на глава и скоро секоја од нив пешачела час или повеќе, за да стигне до училиштето. На возраст се од 7 до 18 години.

До 7.45 часот сите се најдоа во дворот на „Рустама“, училиште во зафрлениот агол на авганистанската област Јакавланг, Авганистан. „Рустам“ е единственото училиште во овој крај, а го посетуваат 330 девојчиња и 146 момчиња.

Во него нема струја, греење, компјутер ниту фотокопир. Нема ни книги; наставниците сами ги создаваат лекциите и задачите. Часовите се одржуваат во седум простории направени од студен камен и шест големи шатори.

Сепак, 60 од 65 деца од „Рустам“ во 2017 година биле примени на авганистанските универзитети, а дипломирањето на факултетите изнесува дури 92 отсто. Две третини од децата запишани на универзитетите се девојки.

Во „Рустам“, девојчињата и момчињата, за разлика од другите авганистански училишта, на часови одат заедно.

- Мажите и жените се еднакви. Имаат ист мозок и исто тело - вели Мухамед Садик Насири, директор на училиштето. Тој додава дека на момчињата и девојчињата им се зборува дека помеѓу нив нема разлики, дека сите заедно подоцна ќе одат на факултети и дека е важно да научат да се почитуваат едни со други.

Еден ден пред крајот на пролетниот семестар, Бадан Јоја, една од петте жени вработени во ова училиште, со уште седум мажи наставници, држи час по математика во еден од шаторите. Парче картон обоен во црно служи како табла. Бадан го праша одделението, што главно се состоело од девојчиња, кој предмет најмногу го сакаат.

- Математика - одговорија тие.

Тоа не е чудно во „Рустам“: 40 отсто од прашањата на приемниот испит за факултет се математички. А девојчињата се извонредни.

Во 11. одделение, најдобра ученичка по математика е 17-годишната Шарбано Хакими. Шарбано исто така е најдобра и на часовите по информатика каде девојчињата неодамна учеа за оперативниот систем „Виндоус“. Само една од нив дома има компјутер.

- Она што го сакам најмногу на светот е лаптоп - вели Шарбано.

Кога талибанците го окупираа Авганистан, на девојчињата им беше забрането да одат на училиште, а жените остануваа дома и го воделе домаќинството, особено во руралните средини.

Овдешната страст кон образованието е своевидна реакција на тој период, сметар 28-годишната Бадан Јоја. И самата почнала да оди на училиште кога паднале талибанците; имала 11 години и не знаела да чита ниту да пишува.

- Моравм да почнам од нула. На учениците им зборуваме за талибанците и што ни направија нас, им кажуваме дека тие сега имаат можност што треба да ја искористат. И тие слушаат. Слушаат за тоа и дома, од своите мајки и тетки - вели Бадан.

avganistan
Фото: Pixabay

Девојчињата во „Рустам“ се исклучително мотивирани.

- Искрено, девојчињата се подобри од момчињата; посериозни се - вели директорот Насири.

Амина е главно девојче во целото училиште. Таа има среќа, вели, затоа што нејзиниот татко е образован, иако мајка ѝ е неписмена.

Таа ќе биде прва од осумте браќа и сестри што ќе заврши средно училиште. Сака да се запише на Академијата Мавуд во Кабул и еден ден да стане лекарка. И Шарбано мечтае да стане лекарка, особено затоа што нејзината мајка има проблем со видот, а татко ѝ е целосно глув.

- Не сум образован. Јас сум обичен работник на поле. Но не сакам тие да имаат ваков живот - вели Гулам Хусеин, таткото на Шарбано.

Од единаесет деца, еден син и две ќерки веќе ги запишале на факултет.

- Многу сум горда на нив - вели Зенат, мајката на Шарбано.

Нивното семејство им даде предност на девојчињата, кога станува збор за школувањето. Деветгодишниот Али им помага на родителите дома, а дванаесетгодишниот Реза работи на поле.

- А многу сакаат да одат на училиште. Можеби наредната година - вели Зенат.

Од друга страна, сите ќерки одат на училиште.

Еден ден, директорот на училиштето, Насири, забележал дека една од неговите ученички се крие зад другите девојчиња затоа што нема униформа. Нејзиното семејство беше премногу сиромашно за да ѝ овозможи униформа. Затоа Насири купи парче син материјал од најблискиот пазар; Бадан Јоја од материјалот ѝ направи туника на девојчето.

Насири ги позајми парите за материјалот. Тој месечно заработува помалку од 200 долари. Освен што во последните шест години управува со училиштето, тој со неговата сопруга Роја издржува четири ќерки и двајца синови. Сопругата ја запознал во времето кога земјата била окупирана од талибанците; тој ја научил да чита и пишува.

- Разговаравме и одлучивме да оди на училиште. За децата е подобро ако нивната мајка е образована - вели Насири.

Нивната најстара ќерка заврши средно училиште четири години пред својта мајка. Роја оваа година ќе добие диплома, а наредната ќе полага приемен за факултет.

- Израсна шест деца. Сега се грижи за себе - додава тој.

Стотина метри спроти „Рустам“, пасат овци, а во близина се наоѓаат пастирите. Една од нив носи син фустан сличен на училишна униформа, но прекриен со прашина. Нејзиното име е Никбакт. Вели, има 13 години. Со себе носеше молив и тетратка во која вежба.

- Го сакам училиштето, но никој немаше дома, па морав јас да ги однесам овците да пасат - вели таа.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот