X
 13.03.2020 Образование

Унгарците не ја сакаат новата наставна програма поради извртувањето на историјата

Во Унгарија расте отпорот против изменетата наставна програма чија цел е да го подигне духот на национална гордост кај учениците во училиштата.

Критичарите, вклучувајќи многу ученички и наставнички организации, прават паралели со комунистичкиот период, кога владејачката партија ја наметнувала својата идеологија.

Цилард Деметер е клучна личност во „војната на културата“ за либерализмот на премиерот Виктор Орбан.

Тој ја проучува книгата полна со есеи што го слави 80-тиот роденден на националниот конзервативен драмски писател Ференц Херцег. Рачно напишаната посвета на предниот дел е од националистичкиот лидер за време на војната, Миклос Хорти, кој ја предводел Унгарија во сојуз со нацистичка Германија.

- Му благодарам на Семоќниот што ѝ го подари Ференц Херцег на нашата нација и го сочува со сета негова моќност.

Херцег и другите националистички автори од 30-тите години се задолжителни за читање според новата национална наставна програма што ќе почне да се применува од септември.

Деметер вели дека не бил консултиран за наставната програма, но ја одобрува.

istorija
Фото: Pixabay

- Мора да имаме можност да им го пренесеме нашето наследство на идните генерации. Ако имаме јасна идеја за тоа што мислиме под поимите семејство, работа, почит, љубов и татковина, тогаш сме должни да го пренесеме тоа. Токму со сето ова е поврзано образованието - вели тој.

Истото го потенцира владиниот портпарол Золтан Ковач.

- Не постои такво нешто како неутрално образование. Образовните системи се поврзани со вредности, а меѓу најзначајните вредности се хероите што ни помогнаа да преживееме со векови наназад - изјави портпаролот.

Наставата по историја и литература се епицентарот на спорот.

Луѓето почнаа да отвораат петиции - „за“ и „против“ новата наставна програма. Во моментов противниците се со мала предност со 24.011 потписи „против“, додека 23.010 се за програмата.

Во средното алтернативно училиште „Политехникум“, во 9. област во Будимпешта, репортер од Би-би-си бил на час по историја. Часот почнал со квиз за раниот среден век во Унгарија. 20 ученици се натпреварувале со ентузијазам да одговорат на прашањата преку своите мобилни телефони.

- Она што најмногу ми недостига во новата наставна програма е критичкото размислување. На учениците им се вели: „Верувајте му на наставникот“ наместо да се охрабрат работите да ги доведуваат во прашање и да размислуваат сами - вели наставничката Ерика Ердеи.

Една нејзина колешка посочи друг проблем.

- Ќе се предава само унгарска историја во континуирана форма - глобалната историја само на фрагментиран начин, само доколку има некакво влијание врз Унгарија - вели наставничката.

Претседателот на здружението на унгарски наставници по историја, Ласло Миклоси, е еден од организаторите на отпорот против новата наставна програма.

- Оние што ја напишаа оваа наставна програма, и без сомнение оние што ја нарачаа од нив, сакаат да го слават славното минато. Тие сакаат повторно да го допреме минатото за да го направат подобро отколку што беше. Тоа е извртување на историјата - вели тој.

Тој е особено навреден од предлогот дека треба да се потенцираат победничките битки, а поразите да се омаловажат.

- Зарем не е возможно да се научат работи и од поразот? - прашува тој.

Противниците тврдат дека измените треба да се повлечат веднаш затоа што го оштетуваат националното единство и културата, и го трујат јавното размислување.

Од поддржувачите се бара да ја поддржат новата наставна програма едноставно затоа што децата мора да бидат воспитани да ја сакаат својата земја.

Во говорот на 16 февруари премиерот Орбан ја стави националната гордост во центарот на вниманието.

- Клучот за висок напредок е обновување на националната самодоверба. Така, во 2010 година си поставивме цел да си докажеме себеси, а секако и на светот, дека и понатаму сме некој, а не она што изгледавме дека сме, кукавички молејќи за заеми од ММФ и пари од Европската Унија. Програмата беше едноставна. Требаше да открие кои сме навистина, да покажеме дека сме Унгарци со илјада години христијанска државност, монументални културни достигнувања, десетина Нобелови награди, 177 олимписки златни медали, убав главен град, врвни технолошки и ИТ-професионалци и рурална Унгарија благословена со аграрна генијалност.

Извор: BBC
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование