X
 25.08.2021 Здравје

Што е уринарна инконтиненција? Дефиниција, симптоми, дијагностика и третман

Дефиниција

Уринарната инконтиненција е медицински проблем дефиниран како состојба на неволно истекување на урина и претставува хигиенски проблем кој може објективно да се демонстрира

Современи аспекти на уринарната инконтиненција

Уринарната инконтиненција не е нов медицински и социјален феномен, но релативната важност која се припишува на уринарната инконтиненција е заради тоа што како медицински проблем се зголемува и зачестува. Неколку фактори одговорни за зголеменото внимание кон уринарната инконтиненција се следните:

Жените, а се повеќе и мажите, се поподготвени да зборуваат за својот проблем. Тие сфаќаат дека, во најголем број од случаите, уринарната инконтиненција може да се лекува. Соодветно на тоа, помалку срам и социјални стигми се поврзуваат со дијагнозата на уринарната инконтиненција.

Како што населението старее, потребно е да се посвети поголемо внимание на инконтиненцијата. Уринарната инконтиненција е често главната причина за институционализирањето на постарите лица.

Академскиот интерес за уринарната инконтиненција сѐ повеќе се зголемува кај научниците во базичната, клиничката и истражувачката медицина, што доведе до појава на супспецијализацијата по урогинекологија и женска урологија , како и супспецијализација за уринарна инконтиненција кај мажи

Групите за поддршка на инконтинентните пациенти и фармацевтите ги снабдуваат пациентите со пристап до информации за лекарите кои се занимаваат со оваа проблематика, како и со неопходните медицински продукти потребни во третманот на уринарната инконтиненција

Етиологија

Уринарната инконтиненција не треба да се смета за болест, бидејќи нема специфична етиологија, односно причините за уринарната инконтиненција во повеќето случаи се мултифакторијални, Не постои единствен етиолошки фактор кој може да биде посочен како присутен во секој дијагностициран случај на уринарна инконтиненција. Разни структурални и функционални пореметувања можат да го инволвираат мочниот меур, уретрата, уретерите и околното сврзно ткиво, а да резултираат со уринарна инконтиненција. Пореметувања на нивото на ‘рбетниот мозок и централниот нервен систем можат да бидат фактори коишто во некои случаи влијаат на појавата на уринарната инконтиненција , па дури и примена на поедина фармаколошка терапија . Медицинските коморбидитети исто така се важни. Конечно, некои случаи од уринарна инконтиненција можат да бидат и јатрогени, а некои и психогени.

Следните фактори се најчесто посочени како ризични за појава на уринарна инконтиненција:

- женски пол,
- постара возраст,
- мултипаритет,
- присутност на перинеална
- лацерација од IV степен,
- изложување на окситоцин за време на раѓање,
продолжено
- раѓање, продолжено второ родилно време, крупен плод при раѓање, инструментално завршување на раѓање, бременоста сама по себе,
- менопауза проследена со урогенитален хипоестрогенизам,
- 15 хистеректомија,
- пушење,
- обезитет,
- дијабетес, пореметување на сврзните ткива (особено конгениталните слабости), хроничното кашлање,
- опстипација,
- занимања поврзани со зголемен интраабдоминален притисок,
- конгенитални аномалии на долниот генитоуринарен тракт,
- повреди на ‘рбетниот мозок или конгенитални нарушувања на истиот, пореметувања на централниот нервен систем (CVI, мултиплекс  склероза, синдром на Паркинсон),
- земање на поедини медикаменти (алфа блокери, ACE инхибитори  и др.), претходни хируршки зафати на мала карлица,
- инфекција на уринарниот тракт (особено кај постменопаузални лица), изложеност на радијација при лекување на карлични малигноми,
- уролитијаза, БПХ и др.

Класификација

Уринарната инконтиненција е поделена во две големи групи и тоа на екстрауретрална и трансуретрална уринарна инконтиненција. Екстрауретралната уринарна инконтиненција е онаа која не зависи од протокот на урина низ уретрата, туку урината истекува низ други канали, како кај конгениталните малформации, или пак кај постоперативните фистули (везиковагинални или уретеро вагинални).

Втората група (трансуретрална инконтиненција) е поделена на подгрупи, и тоа на:

1. Уринарна стрес инконтиненција која е поврзана со неволно истекување на урината при зголемен интраабдоминален притисок,

2. Ургентна (императивна) уринарна инконтиненција која е поврзана со нестабилност на детрусорот на мочниот меур,

3. Неврогена уринарна инконтиненција, која е поврзана со невролошки процеси или повреди (некаде позната како функционална уринарна инконтиненција) и 4. Прелевна (overflow) уринарна инконтиненција, која е поврзана со опструкција и ретенција на урината.

Некои автори ја споменуваат мешаната уринарна инконтиненција (mixed urinary incontinence), како посебен ентитет, но всушност истата е комбинација на уринарната стрес инконтиненција со ургентната уринарна инконтиненција.

Дијагностика

Уметноста на дијагностиката на уринарната инконтиненција е да се открие на кое ниво настанало пореметување на физиологијата на микцијата, а тоа нè води до правилна терапија, која ако е исправна впрочем е и успешна. Прогнозата на уринарната инконтиненција е добра во добро развиени здравствени системи, со висок просек на подобрување и излекување на пациентите. Со подобрување во информатичката технологија, со добро обучен медицински персонал, како и напреднати и модерни медицински знаења, пациентите со уринарна инконтиненција не би требало да ги чувствуваат последиците како во минатото.

Анамнеза
Физикален преглед
Ултрасонографија на УГТ
Уринокултура со аб
Цистоскопија
Уродинамика КТ и МРИ

Третман

Без ефективен третман, уринарната инконтиненција нема соодветен успешен исход. Продолжениот контакт на урината со незаштитен перинеум, предизвикува контактен дерматит и оштетување на кожата, што води кон улцерации и секундарни инфекции, како и влошен квалитет на живот. Тоа ни ја потенцира важноста на дијагностиката на уринарната инконтиненција без која нема правилен, а со тоа и успешен третман на овој проблем.

Некогаш се потребни сите познати дијагностички методи за наоѓање на причините, но почесто брзо се доаѓа до вистинската дијагноза со добра анамнеза и преглед, пред сè на карличните органи и мускулатурата.

Успешен третман не е препишување на уринарни влошки и пелени. Правилен третман на основната болест, може да доведе и до лекување на инконтиненцијата; на пример лекување на хроничниот опструктивен бронхит, дијабетот, хипертензијата, дебелината и др. Третманот пак на некои форми на стрес инконтиненција е исклучиво оперативен, но третманот на мешаниот тип и ургентната инконтиненција е можен со моќни и успешни за третман медикаменти кои за жал не се на позитивната листа на лекови кај нас, а се достапни во нашите аптеки.

Пишува: Д-р Влатко Б. Ристов, Специјалист по урологија
Подготвил: Д-р Влатко Б. Ристов, Специјалист по урологија
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје