Изненадена сум колку на мажите во нашата земја, за која се смета дека живеат луѓе со конзервативни, балкански предрасуди, не им пречи да посетат жена уролог. Дури понекогаш инсистираат да бидат прегледани или оперирани од жена уролог бидејќи сметаат дека жените со повнимателни и поодговорни. Мислам дека жените во тој поглед имаат повеќе предрасуди и претпочитаат да ги прегледа жена, вели Маја Софрониевска-Главинов, една од жените уролози кај нас
Доц. д-р Маја Софрониевска-Главинов е една од жените уролози кај нас. Специјалист е по општа хирургија и урологија. Работи на Универзитетска клиника по хируршки болести „Св. Наум Охридски“ во Скопје и предава на Факултетот за медицински науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. На прашањето колку кај нас се чести жените уролози и зошто тие поретко се одлучуваат за оваа професија, вели:
- Живееме во 21 век и тежнееме кон полов баланс, а со самото тоа не можеме да ги делиме професиите на машки и женски. Урологијата е прекрасна хируршка дисциплина која опфаќа широко поле за работа, од амбулантска дијагностика, преку инвазивни дијагностички процедури, минимално инвазивни и отворени хируршки процедури, така што има простор секој да се најде тука. Среќна сум што интерес за оваа професија имаат и жени и македонската уролошка фела веќе се збогатува со нив - истакнува нашата соговорничка.
Дали мажите имаат предрасуди кон жените уролози?
- Изненадена сум колку на мажите во нашата земја, за која се смета дека живеат луѓе со конзервативни, балкански предрасуди, не им пречи да посетат жена уролог. Дури понекогаш инсистираат да бидат прегледани или оперирани од жена уролог бидејќи сметаат дека жените со повнимателни и поодговорни. Се разбира, јас не размислувам така, стручноста и професионализмот се индивидуални карактеристики, но само го пренесувам размислувањето на пациентите. Понекогаш повозрасните пациенти се резервирани, но досега не ми се случило некој да одбие да го прегледам. Мислам дека жените во тој поглед имаат повеќе предрасуди и претпочитаат да ги прегледа жена – вели д-р Софрониевска-Главинов.
Како би ја оцениле генералната свесност за машкото здравје? Колку се запознаени со ризиците? Колку се отворени во разговор?
- Во изминатата деценија сведоци сме на зголемување на свесноста за машкото здравје, што претпоставувам се должи на кампањата „Мовембер“. Од 2004 година добротворната организација Movember Foundation одржува настани за да ја подигне свеста за здравствените проблеми на мажите низ светот. Кај нас оваа иницијатива се проширува малку подоцна, но секоја година се става сѐ поголем акцент. И тоа резултира со поголема свесност за здравјето на мажите, пред сѐ, здравјето на простатата и на тестисите. Мажите се сѐ поотворени за споделување на своите проблеми и попосветени во изнаоѓање решение за проблемите што ги имаат – вели докторката.
Колку се грижат за своето машко здравје?
- Свесноста за сопственото здравје ја манифестираат претежно мажите над 45-тата година, почесто во споредба со помладите. Повторно ќе кажам, тоа се должи на кампањата „Мовембер“, но и на рутинските систематски прегледи кои станаа задолжителни во организациите каде што работат. На овие прегледи се уочуваат првите знаци на заболувањата и пациентите веднаш се преупатуваат кај уролог. Ова е многу важно затоа што раното дијагностицирање на секое заболување значи и подобар исход во лекувањето и оздравување – вели д-р Софрониевска-Главинов.
Доволно ли е само во текот на „Моември“ да се зборува за машко здравје...
- Како што споменав погоре, добро е што постои „Мовембер“ за да го актуализираме машкото здравје, но не смееме да дозволиме тоа да остане само во тој месец. Во таа смисла, уролозите во нашата земја преку Здружението на уролози организираат стручни секции, работилници и конгреси на кои се поканети и матични доктори и други специјалности со цел да ја подигнеме свесноста за машкото и здравјето воопшто. Заклучоците и новите стратегии за дијагностика и третман потоа се дисеминираат и допираат до пациентите, што резултира со рана дијагностика и излекување дури и кај малигни болести, особено карциномот на простата. На тој начин покажуваме дека сме целосно посветени, не само во ноември, туку преку целата година на подигнување на свесноста за машкото здравје – раскажува докторката.
Голем број градови и места немаат пристап до уролог. За термин на клиника може да се чека со месеци. Како го оценувате овој недостаток? Потребна ли е поголема достапност?
- Чекањето термин подолго време покажува дека свесноста за сопственото здравје е значително подигната, што е за поздравување. Од друга страна, ние како лекари сме преоптоварени со пациенти и немаме можност да прегледуваме неограничен број пациенти. Со измените на Законот за здравствена заштита, за среќа, овозможена е дополнителна дејност која овозможува пациентите да си закажат дополнителен преглед кај уролог во попладневните часови или за викенд и со тоа да го скратат времето на чекање. Во моментов тоа е единствениот начин да се зголеми достапноста во сите клиники што имаат уролошка специјалност, вклучително и Универзитетската клиника по хируршки болести „Св. Наум Охридски“ во која работам – вели д-р Софрониевска-Главинов.
Голем е бројот и на мажи што немаат посетено уролог, особено во помалите места... Какво отстапување на „машкото здравје“ треба да се забележи за да се посети лекар?
- Вистина е дека особено во руралните средини посетата на уролог сѐ уште се смета за табу-тема. Во истражување што го направивме неодамна заклучивме дека пациентите од руралните средини многу подоцна откако ќе им се појават првите симптоми на заболувањето доаѓаат на преглед кај уролог. Ова најверојатно се должи на предрасудите и сфаќањата што ги имаат, а можеби и на недоволната информираност бидејќи пораките од кампањата не може да допрат секаде. Затоа е многу важно и матичните лекари да ги советуваат, што верувам дека го прават, но тоа наидува на различен прием кај пациентите – споделува докторката.
Какви совети имате за мажите?
- Важно е да знаат дека здравјето е секогаш на прво место, независно дали се жени или мажи. При секое отстапување од „нормалното“ здравје треба да побараат консултација прво кај матичниот лекар, кој ќе ја направи првата процена и доколку има потреба, ќе ги упати кај уролог или воопшто каде што има потреба. Дефиницијата за „нормално“ здравје е многу индивидуална, но секој што ќе забележи отстапување во однос на сопственото физичко и психолошко здравје треба да побара помош – советува д-р Софрониевска-Главинов.
Фото: приватна архива