X
 10.11.2022 Наша тема

Карциномот на тестисите е најчест кај мажите во репродуктивниот период, помеѓу 20 и 40-годишна возраст, вели урологот, д-р спец. Александар Трифуновски

Движењето „Мовембер“ не претставува цикличен годишен моден тренд препознаен само по пуштањето мустаќи. Тоа, пред сѐ, се однесува на посветување внимание на машкото здравје, негово зачувување, како и превенирање на појава на болести, или поконкретно болести во понапреднат стадиум вели хирургот-уролог, д-р спец. Александар Трифуновски

Мажите, за разлика од жените, многу потешко и поретко одат на лекар, особено на превентивни прегледи, а забораваат да прават и самопрегледи. Според лекарите, ретко кој маж оди кај нив ако нема тегоби. Токму поради тоа, „Мовембер“ е едномесечна кампања за собирање пари и свест за здравствените проблеми кај мажите, како што се рак на простата, карцином на тестиси и проблеми со менталното здравје, на пример, депресија и анксиозност.

Идејата за „Мовембер“ е родена во 2003 година во Мелбурн, Австралија. Во првиот предизвик во „Мовембер“ 30 пријатели се предизвикуваа меѓусебно да ги растат мустаќите цел месец, едноставно да видат дали можат да го вратат стилот на популарност. Изненадени од способноста  нивните мустаќи да предизвикаат започнување разговор, основачите решија да го прикачат предизвикот на достојна, но занемарена причина - здравјето на мажите.

- Движењето „Мовембер“ не претставува цикличен годишен моден тренд препознаен само по пуштањето мустаќи. Тоа, пред сѐ, се однесува на посветување внимание на машкото здравје, негово зачувување, како и превенирање на појава на болести, или поконкретно болести во понапреднат стадиум. Секако дека би било подобро доколку тоа внимание би траело подолго од календарското траење на месецот - вели урологот, д-р спец. Александар Трифуновски од Универзитетската клиника за урологија во Скопје.

 

Секој маж треба еднаш годишно да оди на уролошки преглед

Свеста за сопственото здравје кај машката популација значително е подигната, особено во последната деценија. Сепак, сѐ уште постојат низа непознати кај мажите кога станува збор за тоа колку често треба да се проверуваат, како и на кои болести се најподложни во одреден период од животот и сл.

- Секој маж треба, во просек, еднаш годишно да оди на уролошки преглед. Велам во просек затоа што помладата популација не мора толку често да е присутна во уролошката амбуланта, освен ако нема фамилијарна оптовареност со овој тип заболувања или други ризик-фактори. За разлика од младите луѓе, повозрасните барем еднаш годишно треба да се проверуваат поради тоа што инциденцата на појава на одредени заболувања е повисока доколку лицето е повозрасно - вели д-р спец. Трифуновски.

Редовните прегледи придонесуваат за навремено откривање

Голем дел од мажите често не се запознаени со тоа што претставува уролошкиот преглед и кои се неговите придобивки. За жал, често се детектира и дијагностицира болест во напреднат, понекогаш и неоперабилен стадиум, што не би било случај ако лицето редовно и навремено правело проверки и контроли.

- Рутински уролошки тест подразбира клинички преглед на регии од телото кои се достапни за надворешен преглед, лабораториски анализи (кои го прикажуваат функционалниот капацитет на одредени органи, односно бубрезите, и воопшто на целото тело), анализа на простата -специфичниот антиген – ПСА и некоја имиџинг-техника, најчесто ултрасонографија - ЕХО на урогениталниот систем. Во зависност од добиените резултати може да се постави индикација за дополнителни иследувања. Основната придобивка од редовните прегледи е навремена детекција на болест во ран, излечлив, односно курабилен стадиум – додава д-р спец. Трифуновски.

Карциномот на тестисите е најприсутен помеѓу 20 и 40-годишна возраст

Стравот кај мажите кога станува збор за оваа тема се концентрира, пред сѐ, на ракот на простатата, на тестиси и сл. Голем дел од мажите не знаат до која старосна граница не треба да стравуваат од вакво нешто, а по која старосна граница се најзагрозени, и кои се раните знаци на овие болести, со цел да се дијагностицира навреме.

- Простатичниот канцер најчесто се јавува кај повозрасната популација, најчесто по 50. година од животот со некои исклучоци и нема некои карактеристични знаци и симптоми по кои би бил препознаен. За разлика од оваа патолошка состојба, карциномот на тестисите е најприсутен кај млада популација –  во репродуктивниот период, помеѓу 20 и 40-годишна возраст, а најчесто се манифестира како тврда палпабилна маса на тестисите. Скринингот на простата во смисла на откривање на карциномот на простата најдобро е да почне да се прави над 45-годишна возраст - објаснува д-р спец. Трифуновски.

Ракот на простатата знае да биде генетски наследен

Генетската фамилијарна оптовареност има доста јако влијание како ризик-фактор за појавување на ракот на простатата. Можеби контролата за појава на болеста кај секој поединец е ограничена, но затоа можноста да се спречи појава на напреднат стадиум на болеста е голема доколку се вршат навремени прегледи и контроли.

- Како и сите карциноми, така и на простатата започнува како малигна алтерација на нормално, во овој случај простатично ткиво, на која ѝ претходи генетска мутација во клетките. Ако има член во семејството кој боледувал од ова болест (татко, брат), можноста за појава на болеста е поголема. Ризикот е обратнопропорционален на возраста, значи повисок е ризикот доколку возраста на појава кај член од семејството е пониска. Други ризик-фактори за појава на болеста се исти оние што важат за појава на сите болести воопшто, затоа превенирањето се состои во избегнување на лошите, а акцентирање на здравите животни навики - вели д-р спец. Трифуновски.

Секоја безболна тврда формација на тестисот изискува внимание

Одредени професии ја зголемуваат можноста за појавата на рак на тестисите, преку зачестени повреди на тестисите кои условуваат процеси на регенерација и репарација на ткивото. Процеси кои во еден момент може да излезат од физиолошките механизми на контрола на организмот и да резултираат со појава на туморско ткиво.

- Карциномот на тестисите, како што веќе напоменавме, се јавува почесто кај помлада популација и треба да се потенцира превенирање на појава на напреднат стадиум на болеста, кога веќе ни се ограничени можности за превенција на појавата на болеста воопшто, но сепак треба да ја нагласиме улогата на здравиот начин на живот, избегнување цигари, алкохол и други штетни навики. Мажите можат да извршат самопреглед на органите (тестисите) кои се достапни за преглед и тоа со пипање, а најчесто при капење или туширање. Понекогаш и партнерот, односно партнерката ги открива промените... За да нема забуна, секоја безболна тврда формација на тестисот изискува внимание и понатамошна доинвестигација - завршува д-р специјалист Трифуновски.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Подготвил: Никола Петровски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема