X
 20.11.2019 Наша тема

Кога мажите да почнат со уролошки прегледи и на колку време се прават, објаснува Ивица Стојаноски, хирург-уролог

За превенција од карциномот на простатата, кој е втор најчест карцином во машката популација, првиот преглед треба да биде на 40 години кај мажите што спаѓаат во ризична група, 50 кај мажите што спаѓаат во неризична група, а се прави еднаш годишно, вели д-р Стојаноски

Болки во долниот дел на карлицата, често мокрење, проблеми со мокрење, слаб проток на урина, крв во урината, болна ејакулација, болка во долниот дел на грбот и коските, губење на апетитот, губење на тежината се дел од симптомите што се поврзуваат со карцином на простата. Колку порано се открие, толку се поголеми можностите за негово лекување. Но ова не е единствената болест и состојба кај мажите за која најгласно се зборува во ноември. Д-р Ивица Стојаноски, хирург-уролог во скопската градска болница „8 Септември“, вели дека расте свеста кај мажите и се крши табуто кога станува збор за превентивен преглед кај уролог. Тој е добитник на втора награда на Уролошкиот конгрес на Југоисточна Европа на тема: „Подобрување на детекцијата на карцином на простата со МРИ спектроскопија кај пациенти со претходна негативна биопсија, а растечки ПСА“.

Кога зборуваме за машкото здравје, честопати предоминантно се потенцира карциномот на простатата, кој во основа е втор по честота во машката популација. Но мажите не боледуваат само од карцином на простата. Не е мал процентот на карциномот на тестисите, психичките нарушувања, како и процентот на самоубиства.

Свеста за сопственото здравје кај машката популација значително е подигната, особено во последната деценија. Најголемиот процент од мажите прават редовни превентивни уролошки прегледи. Грижата за сопственото здравје е подигната на едно повисоко ниво.



Како да се мотивираат мажите да одат на преглед?

- Постојаните трибини и активностите на граѓанските асоцијации, од една страна, и активноста на медиумите во потенцирањето на потребите од редовни превентивни прегледи на мажите, од друга страна, видливо почнаа да даваат резултати. Машкото здравје престана да биде табу-тема во домот и во работната средина.
Но, мислам дека најголема заслуга во овој поглед имаат здравствените работници. Првиот контакт пациентите го имаат со своите матични лекари, кои се најодговорни за првичното детектирање на здравствениот проблем. Но имајќи ги предвид сите специфики на машкото здравје, менаџирањето на здравствениот проблем кај мажите е одговорност на уролозите, кои со своите непосредни контакти со пациентите во текот на секојдневната работа го изнесуваат значењето на уролошките прегледи за превенцијата и раното откривање, пред сè, на карциномот на простатата.

На која возраст треба да се оди на превентивен преглед на простата?

- Скринингот на карциномот на простатата, според новите препораки, се базира на индивидуалниот ризик. Скрининг значи тестирање за карцином на простата кај мажите дури и ако немаат симптоми. Специфичен простатичен антиген (ПСА) и дигитален ректален преглед (ДРЕ) се два теста што се користат за скрининг за карцином на простата. Двата се користат за рано откривање на карцином. Сепак, овие тестови не се совршени. Абнормалните резултати со кој било тест може да се должат на бенигно зголемување на простатата (BPH) или инфекција, наместо од карцином. Карциномот на простата што е откриен рано, кога сè уште е ограничен на жлездата, има подобри шанси за успешен третман.
Кога станува збор за карциномот на простатата, првиот преглед траба да биде на 40 години кај мажите што спаѓаат во ризична група (од 40 до 45 кај црнците), а 50 кај мажите што спаѓаат во неризична група. Ризична група се мажите кај кои во семејството е откриен карцином на простата, како и оние чија работна средина е асоцирана со канцерогени ризици. По 70 година скринингот не е облигаторен.

На колку време се прават превентивните прегледи?

- Превентивните прегледи се прават еднаш годишно.

При кои симптоми или знаци мажите треба да побараат преглед кај уролог?

- Карциномот на простатата најчесто е латентен тип на карцином. Обично расте бавно и е ограничен на самата простата каде што може да не предизвика сериозна штета и потребно е да поминат повеќе години истиот да стане „клинички сигнификантен“, односно да се развие во болест која активно треба да се третира. Меѓутоа, додека некои видови карцином на простата растат бавно и може да има потреба од минимален третман или третман со активно следење, други видови се агресивни и можат брзо да се шират. Токму поради ваквите карактеристики на карциномот на простатата се прави скрининг кај мажите.
Во раната фаза карциномот на простата често нема симптоми. Кога ќе се појават симптоми, тие можат, но и не мора да бидат како оние при зголемена простата (БПХ). Најчести симптоми што се јавуваат во подоцна фаза се: болки во долниот дел на карлицата, често мокрење, проблеми со мокрење, слаб проток на урина, крв во урината, болна ејакулација, болка во долниот дел на грбот и коските, губење на апетитот, губење на тежината.



Зошто е битно навреме да се откријат можните здравствени проблеми?

- За да може да се превенираат и навреме да се лекуваат. Навремената дијагноза е најважна за третманот на пациентот. Кога карциномот на простатата ќе се дијагностицира навреме, може рано да се третира, со цел да се запре или забави ширењето на болеста. На тој начин може да дојде до целосно излекување на болеста или продолжување на животот кај напреднатите стадиуми.

Што мислите, како се развива урологијата во земјава?

- Урологијата во нашата земја е на високо ниво благодарение на добрата едукативна база на универзитетските центри.
Во ГОБ „8-ми Септември“ се работат сите уролошки хируршки интервенции, почнувајќи од целокупните ендоуролошки процедури до минимално инвазивните хируршки техники. Од пред една година во нашата институција се воведе и лапараскопијата како минимално инвазивна хируршка метода во лекување, пред сè, на малигните заболувања. На овај начин на пациентите им стануваат достапни модерни хируршки методи во лекувањето на карциномот на надбубрег, бубрег, уретер и простата. Во оваа насока сакам јавно да му се заблагодарам на доц. д-р Сотир Ставридис, кој несебично работи со нас во насока на имплементирање на сложените хируршки интервенции.
Подготвил: Наташа Бошковска-Златкова / natasa.boskovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема