X
 15.12.2021 Живот

Што претставува еректилната дисфункција, објаснува д-р Нерхим Туфекчиоски


1. Што претставува еректилната дисфункција

Еректилната дисфункција (ЕД) или импотентност е нарушување на сексуалната функција кое се карактеризира со неможност да се постигне или одржи ерекција на пенисот за време на сексуална активност за постигнување задоволителен сексуален акт.
Застапеноста на еректилната дисфункција по возраст е следната:
 20-30 години 5-10%
 40-50 години 20-40 %
 над 50 години 50-70%

Како причини за импотентност може да се наведат постара возраст, висок крвен притисок, дијабетес, пушење, атеросклероза со високи нивоа на масти во крвта, депресија, невролошки нарушувања, хормонален дисбаланс, несакани ефекти на медикаменти, злоупотреба со алкохол и наркотични средства, ниски нивоа на тестостерон во крвта и сл.

2. Анатомија на машки полов орган

Пенисот се состои од корен, тело и глава. Телото е со форма на цилиндар, додека главата има форма на конус.
Изграден е од две кавернозни тела и од долната страна спонгиозно тело во кое се содржи мочниот канал или уретра. Тие се обвиткани со фасција над која има поткожа и кожа. Поткожата содржи слој мазни мускулни влакна преку кои може да се измени површината на кожата во зависност од физиолошката состојба на пенисот, еректирана или флакцидна.
Големината, обемот и консистенцијата на половиот орган се менуваат во зависност од полнењето со крв на кавернозните тела. Пенисот може да врши копулативна функција откако ќе се наполнат со крв кавернозните тела и тој ќе добие исправена состојба и тврда консистенција, состојба која се нарекува ерекција. Ерекцијата на пенисот се постигнува преку три механизми:
- Рефлексна ерекција, која се добива преку директен допир на пенисот
- Психогена ерекција, се постигнува преку еротски и емоционални стимули
- Ерекција по време на сон.
Преку нервите доаѓа до стимулација на крвотокот и хиперемија, односно зголемен проток на крв и зголемување на нивото на азотен оксид (NO), кое води до релаксација на мазните мускули во кавернозните тела, како последица тие се полнат со крв и се добива ерекција.

3. Причини за еректилна дисфункција
За да се постигне и одржи ерекцијата, потребно е:
- Здрав нервен систем кој ќе спроведе нервни импулси во мозокот, ‘рбетен мозок и пенис
- Здрави артерии во или во близина на кавернозните тела
- Здрави мазни мускули и фиброзно ткиво во кавернозните тела
- Адекватни нивоа на азотен оксид (NO) во пенисот.
Еректилна дисфункција може да се појави ако не се исполнети едно или повеќе од овие услови. Важно е да се утврди точната причина за еректилна дисфункција и лекување на заболувања кои може да доведат до неа.


Д-р Нерхим Туфекчиоски

Причините за еректилна дисфункција може да бидат:

3.1 Органски причини

Постојат четири основни типа здравствени состојби кои може да доведат до физички проблеми кои доведуваат до еректилна дисфункција.
Тоа се:
- Состојби поврзани со приток на крв кон и во пенисот, т.н. васкулогени состојби
- Состојби поврзани со нервниот систем, неврогени
- Состојби поврзани со нивото на хормоните, хормонални
- Состојби поврзани со физичката структура на пенисот, анатомски.

Повреди и хируршки интервенции

Повреди на пенисот и хируршки интервенции многу често може да бидат причина за еректилна дисфункција. Исто така, кај тешки повреди на главата кај 15-25% од мажите се јавува еректилна дисфункција.

Васкулогени состојби

Состојби со крвните садови кои може да бидат причина за еректилна дисфункција се:
• Атеросклероза со заболувања на срцето и крвните садови
• Висок крвен притисок
• Дијабетес, болест при која има нарушување како на крвните садови така и на нервите во и околу пенисот.
Неврогени состојби
Примери на неврогени состојби како причина за еректилна дисфункција може да бидат:
• Мултипла склероза, болест која води до трајни оштетувања на периферен и централен нервен систем
• Паркинсонова болест
• Повреди и заболувања на ‘рбетниот столб и ‘рбетниот мозок
• Мозочен инсулт

Хормонални состојби

Хормоналниот баланс е исклучително потребен за нормално функционирање на физиолошките процеси во организмот. Некои нарушувања влијаат и врз ерекцијата, и тоа:
• Хипогонадизам, состојба која се карактеризира со ниски нивоа на полови хормони и нивни прекурзори
• Хипертиреоидизам, зголемено лачење на тиреоидни хормони
• Хипотиреоидизам, намалено лачење на тиреоидни хормони
• Зголемено лачење на хормонот кортизол или внес на лекови кортикостероиди долгорочно кое доведува до т.н. Синдром на Кушинг.

Анатомски состојби

Болест на Пејрони, состојба која доведува до создавање фиброзни плаки на обвивката на кавернозните тела, tunıca albugınea (бела обвивка) која може да доведе до еректилна дисфункција.

3.2 Медикаменти

Одредени медикаменти може да доведат до појава на импотентност, и тоа:
• Диуретици, лекарства кои се користат за срцева слабост, висок крвен притисок и бубрежни заболувања.
• Антихипертензивни лекови од групата на бета-блокери, се користат за намалување на крвен притисок и некои аритмии.
• Фибрати, се употребуваат за намалување на нивото на холестерол.
• Антипсихотици, за лекување психички заболувања, на пример, шизофренија.
• Антидепресивни лекови, се применуваат во лекување на анксиозно-депресивни состојби и некои видови болка.
• Кортикостероиди.
• H2 антагонисти, се користат за лекување на гастроинтестинални тегоби.
• Антиконвулзивни медикаменти, за лекување епилепсија и неврогени конвулзии.
• Антихистаминици, за лекување алергиски состојби.
• Антиандрогени лекови за блокирање на тестостерон.
• Цитостатици, медикаменти за употреба при малигни, автоимуни болести и ревматолошки заболувања.

3.3 Психолошки причини

Психолошки причини кои може да доведат до еректилна дисфункција се:
• Депресија – чувство на тага и потиснатост кое може да трае подолго време.
• Анксиозност – состојба на немир, тревога или страв.
Исто така, истовремено може да има органска и психолошка причина за еректилна дисфункција. На пример, пациент со дијабетес тешко постигнува ерекција, што доведува до чувство на немир поради ситуацијата. Комбинацијата од дијабетес и растревоженост може биде причина за епизода на еректилна дисфункција.
Одредени емоционални состојби влијаат врз можноста да се добие и одржи ерекцијата. Состојби како:
• Проблеми во врската
• Недостиг на сексуално образование
• Сексуални проблеми во минатото
• Сексуално насилство во минатото
може да се причина за еректилна дисфункција.
3.4 Други причини
Во оваа група причини спаѓаат следните:
• Прекумерна употреба на алкохол
• Хроничен замор
• Пушење
• Употреба на наркотици како канабис, хероин или кокаин
• Поодмината возраст.

4. Дијагностицирање на еректилната дисфункција

Сѐ уште не постојат специфични иследувања за да се постави дијагноза еректилна дисфункција. Вообичаено се прават лабораториски анализи, биохемиски анализи на крвта со испитување на хормонски статус. Болести на срце и на крвни садови и дијабетес се сметаат како висок ризик за појава на еректилна дисфункција.
1. Анамнеза
Потребна е детална анамнеза на пациентот за да може да се дојде до повеќе информации со кои ќе се потврди или отфрли можната причина за појава на оваа состојба. За време на прегледот, пациентот треба да се чувствува комфорно, да има целосна доверба во лекарот, да му се остави време да се изјасни за неговата состојба. Лекарот треба да добие информација за:
• Од кога се појавила, колку трае и дали и претходно имал еректилна дисфункција?
• Дали постигнува и може да ја одржи или воопшто не постигнува ерекција?
• Загуба на либидо (желба да има сексуални односи)
• Ерекција во сон, односно дали при будење наутро има ерекција?
• Дали редовно употребува медикаменти и кои?
• Пушење, алкохол и наркотични средства.

2. Физикален преглед
Да се направи инспекција на гениталии за видливи физички недостатоци, гинекомастија, лузни од претходни повреди или оперативни зафати. На физикален преглед треба да се одреди состојбата на надворешните гениталии, тестиси, скротум и перинеум.
3. Лабораториски анализи
Комплетна крвна слика, биохемиски анализи на крв и урина, хормонски статус, микробиолошки анализи на урина и сперма, брисеви од уретра.
4. Имиџинг-дијагностика
Тука спаѓаат ултрасонографија со колор-доплер на артерии на пенис, РТГ-дијагностика, КТ или МР-ангиографија
5. Друго
Тест со инјектирање простагландин Е1, мониторинг на ерекции, директна вибрациона стимулација.
6. Психосоцијална дијагностика

5. Лекување на еректилна дисфункција


Лекувањето на еректилната дисфункција ги вклучува:
• Избор на медикаменти за хронични заболувања кои не предизвикуваат еректилна дисфункција
• Подобрување на начинот на живот
• Ординирање медикаменти за лекување на еректилна дисфункција или примена на локални медикаменти
• Употреба на помагала како вакуум-пумпи и др.
• Хируршко лекување пенилни протези)
• Психотерапија
Во медикаментозна терапија на еректилната дисфункција спаѓаат:
• Тестостерон
• Инхибитори на фосфодиестераза тип 5(PDE 5)
Sıldenafıl
Tadalafıl
Vardenafıl
• Интракавернозни инјекции
Prostaglandın E1
• Интрауретрални медикаменти

Автор: д-р Нерхим Туфекчиоски, спец.уролог, ЈЗО ГОБ „8 Септември“

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот