Над илјада рецепти за хронична терапија за еден ден препишале матичните лекари со новата реформа во ПЗЗ, информира денеска министерот за здравство Фатмир Меџити.
Тој ја посети поликлиниката „Јане Сандански“ во Скопје, каде што разговараше со дел од матичните лекари и пациенти во врска со предностите од новата реформска мерка во Примарната здравствена заштита (ПЗЗ).
Процесот на работа со пациентите на кои им се препишува хронична терапија воопшто не е сложен, јасните насоки напишани во клиничките патеки им ја олеснуваат работата на матичните лекари, така што имаме одличен старт на реформата. Во текот на вчерашниот ден, според податоците од „Мој термин“, 506 пациенти добиле терапија за своето хронично заболување од матичен лекар. Биле препишани 1.073 лекови.
Со оваа мерка, со која овозможивме терапијата која ја препишуваа специјалисти сега да ја препишуваат матичните лекари, направивме суштински промени и унапредувања за пациентите и за здравствените работници, истакна министерот.
Тој потсети дека со новата реформска мерка пациентите со дијабетес, астма, ХОББ, намалена функција на тироидна жлезда и хипертензија не мора да одат на Клиника за да им се продолжи или да им се препише хронична терапија, тоа може да го направат кај својот долгогодишен лекар.
Предностите на оваа мерка се што пациентите не се изложуваат на трошоци, туку терапијата за своето хронично заболување може да ја добијат кај својот матичен во местото каде што живеат.
Извор: МИА