X
 31.01.2019 Здравје

Со е-рецепти до лек во која било земја-членка на ЕУ

Кога патуваат во друга земја-членка на Европската Унија, жителите на земјите од ЕУ што користат лекови препишани од страна на лекар мора со себе да носат и хартиени рецепти. Ако случајно во таа друга земја им притреба препишаниот лек, тие со хартиен рецепт можат да одат и да го земат од локална аптека. Но, Финска и Естонија отидоа чекор понапред. Имено, финските пациенти можат да одат во аптека во Естонија и да си го земат лекот со е-рецепта.

Европската комисија неодамна се пофали дека оваа иницијатива се однесува на сите е-рецепти издадени во Финска и на аптеките во Естонија што потпишале договор.

- Новоста е во тоа што е-рецептите во аптеките кои учествуваат во иницијативата се видливи преку електронски пат во рамките на новата инфраструктура за дигитални услуги на е-здравството и пациентите веќе не мора да носат хартиени рецепти - објаснија од Брисел.

Станува збор за погодно нешто. Финците што патуваат во Естонија веќе не мора да размислуваат дали понеле доволна количина од лековите што им се неопходни или, пак, дали го зеле рецептот за лекот.

Според информациите на Комисијата, во оваа нова инфраструктура за дигитални услуги на е-здравството учествуваат 22 земји-членки и се очекува сите тие да почнат со размена на е-рецепти до крајот на 2021 година. Но, десет од нив би можеле со размената да почнат до крајот на оваа година.

Во таканаречениот прв бран, покрај Финска и Естонија, во размената би требало да се вклучат и Хрватска, Португалија, Кипар, Чешка, Малта, Грција, Белгија и Луксембург. Се очекува Италија и Унгарија да пристапат кон размената во првата половина на 2020 година. Во Словенија оваа услуга би требало да стане достапна на почетокот од 2022 година.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје