X
 06.12.2020 Живот

Како ќе се изгледа новиот национален образовен систем, што бараат матичните лекари, МАНУ, МПЦ-ОА и УКИМ објавија „Македонски манифест“... Што пишувавме неделава?

Интервју со министерката за образование и наука Мила Царовска, која најавува нов национален македонски образовен систем според искуствата на Словенија, Естонија и Финска, како кризата се одрази врз компаниите, што предвидуваат правилата за однесување на онлајн-час? Матичните лекари бараат подобра организација за тестирање и испитувања за да можат да им се посветат на пациентите, каде ќе студира талентираната матурантка Мила Ивановска, што пишува во „Македонскиот манифест“, документ кој го потпишаа првите луѓе на Македонската академија на науките и уметностите, Македонската православна црква – Охридска Архиепископија и на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Ова се темите што ги истражувавме неделава.



Микропретпријатијата, или компании со не повеќе од девет вработени лица, доминираат на македонскиот пазар. Минатата година биле регистрирани 61.265 компании што опфаќаат до девет вработени лица и тие бележат раст во споредба со претходната година. Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека во 2019 година најголем дел микро и мали претпријатија биле регистрирани во областите трговија на мало и големо, преработувачка индустрија, други услужни дејности и стручни, научни и технички дејности. Случувањата во Македонија и во светот поради здравствено-економската криза која се наметна со ширењето на Ковид-19 се одразија врз голем дел од компаниите, а штетите кај нив зависат, пред сè, од дејноста, а не само од големината, велат упатените.



„Не ни требаат ковид-протоколи туку подобра организација за тестирање и испитувања за да можеме да им се посветиме на сите пациенти“, велат матични лекари. Тие сметаат дека не им се потребни посебни протоколи за лекување пациенти со Ковид-19 бидејќи досегашните протоколи за следење и упатување на заболените во здравствениот систем се сосем доволни. Тие бараат подобра организација на тестирањето за вирусот и за правењето дополнителни испитувања, кои се потребни за да одредат дали некој од заболените ќе биде на домашно лекување или ќе биде препратен во болница.



Министерството за образование и наука неодамна им испрати на училиштата документ во кој се содржани препораки за однесување на наставниците и на учениците за време на наставата на далечина. Во него јасно се наведени правилата на однесување што мора да се почитуваат. Една од препораките е сите камери да бидат вклучени за време на онлајн-часовите. Учениците не смеат да практикуваат препишување и лажно претставување со цел да стекнат предност во однос на другите од аспект на оценување на постигнувањата, наведено е во правилата за однесување.



Недела да биде неработен ден: како размислуваат граѓаните? Во анкетата со свои мислења се вклучиле невработени, студенти, продавачи, угостителски и туристички работници, наставници, професори, фармацевти, информатичари, лекари, медицински лица, сметководители, економисти, правници, управители на компании, доктори на науки итн. Недела треба да биде прогласен за неработен ден - е ставот на 90 отсто од испитаниците на анонимната онлајн-анкета што ја спроведe Факултети.мк, а на која свои мислења и одговори дадоа вкупно 2.016 анкетирани. Само 9 отсто од анкетираните одговориле дека недела не треба да биде прогласен за неработен ден, а помалку од еден отсто рекле дека немаат став за тоа прашање.



Во Скопје сега има толку активни случаи со Ковид-19 колку што имаше во цела држава на крајот од октомври. Како се движеше бројот на заразени во Македонија и регионот во текот на најтешкиот месец од почетокот на пандемијата? Во последните 30 дена на Балканот беа забележани дневни рекорди во бројот на заразени и починати од последици од коронавирусот. Сепак, пристигнаа и добри вести од лабораториите низ светот во кои се работи на потенцијална вакцина, а творците на тие вакцини тврдат дека анализите покажале висока ефикасност во борбата против вирусот. Многу земји во светот воведоа поригорозни мерки поради зголемениот број заразени и починати, а во некои земји во сила се и забрани за движење и полициски час, но во Македонија нема ригорозни мерки какви што имаше на почетокот од пандемијата.

Мила Царовска

Објавивме интервју со министерката за образование и наука Мила Царовска, каде што таа објаснува како ќе изгледа новиот национален образовен модел што се креира во МОН. Иако работите сè уште се на почеток, таа најавува повеќе време во училиште, помалку предмети, повеќе интеракција помеѓу наставниците и учениците и помеѓу самите ученици, кои ќе научат критички да размислуваат, а не само да паметат фактографски... Искуствата ќе ги црпиме од десетина европски земји, меѓу кои Словенија, Естонија и Финска, но ќе се создава наш национален македонски образовен систем

Стефан Митиќ

Стефан Митиќ, студент на Њујоршкиот универзитет во Абу Даби, напиша колумна на тема „Животната средина пред удобноста и пред профитот“. Ако секој поединечно има приоритет да реши да ја заштити животната средина, создава можност за жртвување на материјалистичкиот начин на живот, што ќе создаде општествен притисок врз деловните компании и корпорациите што, пак, ќе ги натера да ги вметнат овие вредности во нивните модели. Доколку поединците активно изберат да бидат еколошки свесни и да ги поттикнат основните неопходни промени, тие ќе создадат подобри политики и ќе влијаат владите да направат структурни промени. На крајот од денот, колку индивидуите се грижат за околината, толку и таа благодарно ќе „врати“.

Мила Ивановска

Една од најнаградувните средношколки од Битола, која само во последните пет години учествувала на 23 натпревари и олимпијади, а од 18 се вратила со награди, моментално аплицира да студира на факултети за физика во Англија, Америка и во Франција, но како опција останува и Природно-математичкиот факултет во Скопје. Мила Ивановска, која е четврта година во гимназијата „Јосип Броз-Тито“ во Битола, првата награда ја добила уште во четврто одделение на регионален натпревар по математика, а сега тешко може да ги изброи сите натпревари на кои учествувала и добила награди. Едноставно, многу се. Круна на успесите е и минатогодишното општинско признание „4 Ноември“ за едногодишно остварување.

Академик Љупчо Коцарев, архиепископот Стефан и проф. д-р Никола Јанкуловски

МАНУ, МПЦ-ОА и УКИМ се огласија со „Македонски манифест“, потпишан од претседателот на МАНУ, академик Љупчо Коцарев, архиепископот охридски и македонски и на Јустинијана Прима, Стефан и ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски.
„Во овие судбински денови за европската иднина на македонската суверена и самостојна Република, ние, легитимните претставници на Македонската академија на науките и уметностите, на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија и на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, изразувајќи ја нашата загриженост за исходот од развојот на настаните поврзани со евроинтеграцијата на нашата држава, условени од апсурдните барања на Република Бугарија, а убедени во фактот дека ги исполнуваме потребните предуслови за отпочнување на преговорите за евроинтеграција, ги повикуваме, и охрабруваме претседателот на македонската држава, Собранието на Републиката, претседателот на Владата, печатените и електронските медиуми, научните, културните и уметничките институции и здруженија, соодветните министерства за образование и наука, за култура и за надворешни работи, собраниските и вонсобраниските политички партии, како и сите граѓани на Македонија...“. Целиот манифест прочитајте го тука.

Петар Младеновски / Фото: Приватна архива

Со какви повреди ќе излезат нашите музичари од оваа пандемија? Третина од професионалните музичари во Велика Британија се очекува да се откажат од оваа професија како последица на пандемијата. Ако овој податок важи за еден од трите најмоќни светски музички пазари, на кое дереџе се дојдени македонските музичари и музички работници? Нема сомневање дека музичката индустрија, пред сè, настапите во живо се едни од најголемите професионални жртви на пандемијата. Има музичари што целиот свој живот го посветуваат на вежбање и надградување, а сега ги огласуваат инструментите за продажба и размислуваат за план Б. За среќа, има и такви на кои музичката чивија им е до толку влезена, што ги прави крајно мотивирани да го продолжат музичкото патешествие.

Дуња Иванова

Дуња Иванова предава пијано во средното и во нижото музичко училиште во Скопје, настапува под отворено небо на плоштадот „Македонија“, во Градскиот парк, на неолитскиот локалитет Врбјанска чука во Пелагонија. Таа е доктор по филозофски науки, а неодамна стана и државен првак во планински велосипедизам. Дуња Иванова вели дека не може да се сети на утро на кое не му се радувала. Едноставно не признава лош ден. Со неа разговараме за наставата по музика во време на пандемија, за визијата да се оди понапред, за вложувањето во себе, за филозофијата на животот.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот