X
 25.08.2024 Здравје

Дали е потребно често да се мери крвниот притисок дома?

Студија објавена во списанието „АХА журнал“ ги анализирала податоците од 7,7 милиони мерења на крвниот притисок направени во текот на 4 години во здравствениот систем на „Јејл њу хејвен“. Авторите откриле дека во текот на приближно 13 посети на лекар, притисокот може да варира за 10 mmHg во систолниот притисок, што може значително да го отежне следењето на ефективноста на третманот.

Што значат бројките на апаратот за мерење на крвен притисок?


Вредностите на крвниот притисок се изразуваат со два броја: систолен (горен) и дијастолен (долен) притисок. Систолниот притисок го мери притисокот на крвта на артериите кога срцето пумпа крв до органите и ткивата, додека дијастолниот го мери притисокот во артериите кога срцето мирува. Идеалниот систолен притисок треба да биде помал од 120, а дијастолниот помал од 80 mmHG.

Резултатите од студијата го покренале прашањето дали некои пациенти треба да го следат нивниот крвен притисок дома за подобро да се процени соодветната доза и ефективноста на терапијата.

- Знаеме дека пациентите не поминуваат многу време во ординација. Самата посета на лекар и болничка или амбулантна средина може да доведе до покачен крвен притисок кај некои луѓе. Го забележуваме ова класично зголемување на крвниот притисок мерено во ординација, т.н. „страв од белиот мантил“, кое се намалува кога пациентот си оди дома - истакнал д-р Џозеф Ебингер, заменик-директор за коронарна интензивна нега во болницата „Седарс-Синаи“ во Лос Анџелес.

Зошто притисокот се разликува кај докторот

Важно е да се препознае дека мерењето на крвниот притисок на лекар може да не го одразува вашиот вистински дневен притисок.

- Мерењето на притисокот во лекарската ординација е само слика на ситуацијата во тој момент. Има разлики во мерењето на притисокот наутро и навечер. Еднократното мерење не покажува како притисокот варира во текот на денот, а тоа не треба да се заборави - вели д-р Јуан Лу, водечки автор на студијата и доцент на Медицинскиот факултет при „Јејл“.

Голем број фактори можат да влијаат врз варијацијата на притисокот во текот на денот:

-Промени во надворешната температура кои влијаат врз проширување и контракција на крвните садови.
-Времето за земање на терапијата за притисок.
-Стрес и брзање (или долго чекање) при посета на лекар.
-Неправилно инсталиран уред за мерење притисок.
-„Синдром на бел мантил“: привремено зголемување на притисокот поради анксиозност при посета на лекар.

Кој треба да го мери крвниот притисок дома и колку често?

Сите пациенти не треба редовно да го мерат својот крвен притисок дома, но оние на кои им е дијагностицирана хипертензија, или оние со благо покачен крвен притисок треба да го прават тоа редовно. Исто така, постарите лица и оние што се изложени на ризик од кардиоваскуларни болести поради семејна историја или претходни проблеми со срцето треба да го мерат својот крвен притисок дома.

Пациентите што започнуваат со домашни мерења треба да го мерат крвниот притисок неколку пати на ден во текот на една недела - во исто време. Прекумерното мерење може да предизвика анксиозност, што може да резултира со зголемување на крвниот притисок. Откако ќе се навикнат на процесот, се препорачува мерење еднаш дневно, во исто време.

Како правилно да го измерите крвниот притисок дома?

За прецизно мерење на притисокот дома, треба да го сторите следното:

-Испразнете го мочниот меур и одморете се 5 минути пред мерењето.

-Седнете со нозете на подот, без да ги прекрстувате, со раката на ниво на срцето.

-Правилно ставете ја манжетната на уредот за мерење крвен притисок на раката.

-Избегнувајте одвлекување на вниманието како што се возбудливи емисии или спортски настани.

-Одморете 1-2 минути помеѓу мерењата и земете го предвид повисокиот резултат.

-Мерете секој ден во исто време.

Кои се ризиците од висок крвен притисок?

Високиот крвен притисок или хипертензија може да има сериозни ефекти врз нашето тело, вклучително и оштетување на органите како што се мозокот, срцето и бубрезите, што може да доведе до мозочен удар, срцев удар, срцева слабост и откажување на бубрезите.

Како да се контролира крвниот притисок?

Промените во животниот стил се првиот чекор во лекувањето на хипертензијата, вклучително и намалување на внесот на сол, редовно вежбање и управување со стресот. Кај некои пациенти, овие промени можеби не се доволни и ќе бидат потребни лекови.

- Пациентите често престануваат да земаат лекови за крвен притисок бидејќи не чувствуваат никакви симптоми на хипертензија. Сепак, лековите за притисок мора постојано да се користат - вели д-р Лу.

Доколку почувствувате несакани реакции на лекот, задолжително информирајте го вашиот лекар бидејќи можеби ќе треба да најдете друг лек или да ја приспособите дозата што ви одговара подобро.

- Одамна знаеме дека високиот крвен притисок е присутен кај голем број луѓе, но и лесно решлив фактор на ризик за срцеви заболувања. Колку повеќе работиме на превенција и контрола на крвниот притисок, толку подобри ќе бидат резултатите - заклучил Ебингер.

Извор: eklinika.telegraf.rs

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје