Времето поминато во разговор на телефон е поврзано со ризикот од хипертензија, покажува ново истражување спроведено од кинески научници. Според наодите, доколку користите мобилен телефон за вербална комуникација повеќе од 30 минути неделно, го зголемувате ризикот од добивање висок крвен притисок за 12 отсто.
- Бројот на минути што луѓето ги поминуваат разговарајќи на мобилен телефон е важен за здравјето на срцето, а повеќе минути значи поголем ризик за проблеми - вели професорот Џијанхуи Чин од Јужниот медицински универзитет во Гуангџоу.
Речиси три четвртини од светското население постаро од 10 години поседува мобилен телефон, а 1,3 милијарди возрасни лица на возраст од 30 до 79 години имаат висок крвен притисок. Хипертензијата е главен ризик-фактор за срцев и мозочен удар и главна причина за прерана смрт во светот. Мобилните телефони емитуваат ниски нивоа на радиофреквенции, што се поврзува со зголемен ризик за висок крвен притисок по краткотрајна изложеност.
Новото истражување ја анализирало врската помеѓу воспоставувањето и примањето телефонски повици и новонастанатата хипертензија користејќи податоци од 212.046 лица на возраст од 37 до 73 години без хипертензија.
Било заклучено дека корисниците на мобилни телефони имале 7 отсто поголем ризик од хипертензија во споредба со оние што не ги користат, а оние што зборувале на своите мобилни телефони 30 минути или повеќе неделно имале 12 отсто поголема веројатност да развијат висок крвен притисок во споредба со учесниците што поминале помалку од 30 минути на телефон. Резултатите биле слични кај жените и мажите.
Анализата покажала и дека ризикот од хипертензија се зголемувал со бројот на минутите поминати во разговарање преку мобилен телефон.
- Нашите наоди посочуваат дека разговорите на мобилен телефон можеби нема да влијаат врз ризикот од развој на висок крвен притисок сѐ додека неделното време за разговор е помалку од половина час. Потребни се дополнителни истражувања за да се потврдат резултатите, но дотогаш се чини разумно да се сведат повиците на мобилен телефон на минимум за да се зачува здравјето на срцето - заклучуваат кинеските истражувачи.
Извор:
Bug
Насловна фотографија: Pixabay