X
 25.09.2024 Живот

Старо интервју со Нил Армстронг во кое опишува како изгледа вселената од Месечината

Иако слетувањето на Марс денес е една од главните цели на НАСА, првата голема амбиција на човештвото во вселенското патување беше посета на нашиот најблизок сосед - Месечината.

Неодамна на интернет се појави фасцинантно видео од Нил Армстронг, првиот човек кој стапна на Месечината во 1969 година, како го опишува неговиот историски поглед кон вселената и Земјата од површината на Месечината.

- Земјата е прилично убава од вселената - вели астронаутот во интервјуто за Би-би-си направено во 1970 година.

Новинарот бара од Армстронг да ја сподели неговата уникатна визуелна перспектива на вселената, Земјата и Сонцето. Армстронг го опишува изгледот на облаците над нашата сина планета и „длабокото црнило“ на вселената.

За време на успешната мисија на НАСА на 20 јули 1969 година, командантот Нил Армстронг, пилотот на лунарниот модул - Едвин Баз Олдрин Џуниор и пилотот на командниот модул - Мајкл Колинс го приземјиле „Аполо 11“ во област наречена Море на спокојството. Околу 600 милиони луѓе во живо ги следеле првите чекори направени на Месечината. Во тоа време Армстронг ја опишал површината како „ситно зрнеста… речиси како прав“.

Програмата „Аполо“ траела од 1961 до 1972 година дозволувајќи им на луѓето да слетаат на Месечината шест пати. Враќањето на Месечината е една од актуелните амбиции на НАСА за патување во вселената, заедно со посетата на Марс. Во 2025 година НАСА планира да испрати екипаж на „Артемида II“ на Месечината, првпат по повеќе од 50 години. Програмата „Артемида“ има цел луѓето повторно да стапнат на Месечината до 2026 година, а исто така и да ги однесе првата жена и првата обоена личност на Месечината.



Извор: Mymodernmet.com
Фото: Twitter/Screenshot
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот