X
 29.06.2017 Култура

(Бе)смисленоста на постоењето: дали животот е вреден за живеење?

Во 1968 година, тогаш 40-годишниот Стенли Кјубрик дал интервју за неделникот „Плејбој“, чие уредништво очигледно не било подготвено, судејќи според  добиените одговори на поставените прашања.

Најпопуларниот и најпродаваниот машки неделник, таа година го интервјуирал најталентираниот режисер во Америка. Тешко е да се процени што всушност сакале да дознаат со ова интервју на Кјубрик – но како финален производ  добиле одговори за егзистенцијална медитација и (бе)смислата  на човечкото постоење.

Во еден момент, „Плејбој“ го прашал Кјубрик – што мисли, дали животот е вреден за живеење, а одговорот што следел е еден од најнезаборавните моменти во печатеното новинарство, па и во историјата на интервјуирањето.

Плејбој: Ако животот нема смисла, дали е вреден да се живее?

Кјубрик: Да, за оние кои некако можат да се носат со фактот дека е приверемен. Бесмислата на животот го тера човекот самиот себе да си создаде значење. Децата го започнуваат животот со смисла за чудо, да почувствуваат радост во едноставните работи – како што лисјата раззеленуваат. Но, како што растат, свеста за смртта и распаѓањето почнува да влијае врз нивната свест, и тогаш суптилно еродираат во своето уживање во животот, нивниот идеализам и претпоставката за бесмртност.

Како што созрева детето, гледа смрт и болка насекаде, и почнува да ја губи вербата во ултимативната добрина на човекот. Но доколку има силен разум и е среќно, може да побегне од самракот на душата во повторно раѓање на животниот елан.

И покрај својата свесност за бесмисленоста на животот, човекот може да создаде ново чувство на смисла и афирмација. Можеби никогаш нема да го врати истото  чувство на чудо со кое се раѓа, но тој може да го обликува животот во нешто далеку потрајно и поодржливо.

Онаа работа што е најзастрашувачка кај универзумот е дека тој не е непријателски настроен, туку е индиферентен, рамнодушен. Ако можеме да се усогласиме со тоа, и да ги прифатиме чудата на животот во границите на животот и смртта, без оглед колку непостојаниот човек е во состојба да го направи тоа – нашето постоење како вид може да има вистинско значење и исполнување.

Во огромната темнина, мораме да ја пронајдеме својата светлина.

Одговорот на Кјубрик разоружува со својата отвореност, во својата предност на долгото гледање во амбисот, токму како што тоа го кажал Ниче.
Читајќи ги овие зборови, ставете се себеси во некој вид сон, надреалистичка држава во која величината на празнотијата просто ви дише во вратот. И повторно, на крај, со зборовите на Стенли Кјубрик, еден од најголемите режисери во историјата на филмот, пронајдете храброст за прифаќање на просторот каде се чувствувате задоволни со тоа што генерирате сопствено светло во океанот на црнилата.

Дали сте ги сфатиле како што треба или не, зборовите на Кјубрик го потврдуваат, го афирмираат животот. Уживајте во нив!

Таа година, Стенли Кјубрик ја редефинираше научната фантастика како жанр. Со филмот 2001: A Space Odyssey, Кјубрик го создаде своето ремек-дело кое никој никогаш не го надминал. А тешко и дека некој ќе ги надмине и неговите видувања за (бе)смислата на животот.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура