X
 05.03.2016 Образование

Интервју со Теодор Довичински, студент на најиновативниот универзитет во светот

Теодор Довичински е студент на „Минерва“, универзитет со креативен и уникатен пристап кон образованието. Студентите на овој универзитет добиваат практични знаења наместо да се фокусираат само на теоретскиот дел, а поинаков и методот на оценување. Освен тоа, студентите ја менуваат земјата на студирање во текот на студиите повеќепати. Теодор е студент таму веќе речиси една година. Разговараме со него за неговите искуства надвор од Македонија и за студиите од кои е дел.


Факултети.мк: Зошто се одлучи за студии надвор, а не во Македонија?

Теодор: Главната причина поради која се одлучив да студирам надвор од Македонија се можностите кои студирањето во САД ги нуди. Една од најголемите разлики која ја имам забележано е можноста за работа и контакт со професионалци од огромен број на професии уште за време на студиите. Ова креира широка платформа за усовршување како и вработување по дипломирањето што е вистинска предност за секој студент.

Факултети.мк: Универзитетот „Минерва“ е нов, но ветува многу во поглед на иновативната програма за студирање. Што мислиш за овој метод?

Теодор: Предавањата во Минерва се базирани на активен семинарски метод, каде што учениците се главните носители на активностите за време на часот. Секоја група се содржи од максимум 19 студенти што овозможува директен контакт со професорите и постојана инволвираност. За разлика од традиционалниот метод на студии каде студентите се оценувани преку испити, Минерва ги оценува студентите секојдневно преку активностите на часовите и практичната и есејска употреба на различните вештини. Овој метод осигурува континуирано учење и поттикнува практично и креативно размислување, што сметам дека е голема предност бидејќи ја акцентира важноста на активно користење на концептите во контраст на теоретскиот модел на учење.


Факултети.мк: Што од таму би сакал да го сретнеш на македонските универзитети?

Теодор: Со студиите во Минерва почнав веднаш по завршувањето на средно училиште, така што немам многу искуство со унверзитетските студии во Македонија. Сепак мислам дека две главни подобрувања кои македонските унверзитети би можеле да ги имплементираат се ставање поголем акцент на активно учење и практично искуство, како и можност за индивидуален контакт со професорите.

Факултети.мк: Дали размислуваш за враќање по студиите или останување таму?

Теодор: Се уште немам конкретни планови за по завршувањето на студиите. Отсекогаш сум сакал да патувам, а со Минерва ја имам можноста да го поминам секој дел од студиите во 7 различни држави. Првата година е во Сан Франциско, но секој следен семестар е во различeн град и држава почнувајќи со Берлин и Буенос Аирес во втора година, Сеул и Бангалор во трета и Истанбул и Лондон во последната, четврта, година од студиите. Верувам дека ова глобално искуство ќе ми овозможи да пронајдам каде би сакал да продолжам по дипломирањето во Минерва.

Факултети.мк: Која е твојата порака за студентите овде?

Теодор: Секој од нас има различна визија за идеалниот метод на образование. Во денешно време, за среќа имаме бесконечен број на можности во зависност на личните желби. За сите оние кои се отворени за промена од традиционалниот образовен систем, Минерва нуди можност за учење на критично и креативно размислување и ефективно комуницирање и интеракција, паралелно со патување во 7 различни држави за време на студирањето.

Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование