X
 25.12.2018 Технологија

Листа на која технолошките компании не би сакале да се најдат

Гигантската социјална мрежа „Фејсбук“ беше изгласана за компанија на која корисниците најмалку ѝ веруваат, според неодамнешната анкета спроведена од „Форчн“. Благодарение на лошото ракување со приватноста на податоците, таргетирањето на рекламите и пропагандата, корисниците имаат најмалку доверба во неа.

Според анкетата, само 22 отсто од Американците му веруваат на „Фејсбук“ кога станува збор за нивните лични податоци во споредба со сите други големи технолошки компании. Од друга страна, „Амазон“ со 49 отсто е рангирана на највисоко место, а веднаш по неа се „Гугл“ (41 отсто), „Мајкрософт“ (40 отсто) и „Епл“ (39 отсто).

- „Фејсбук“ е на дното во однос на довербата на луѓето во чувањето на нивните лични податоци. Кризата на „Фејсбук“ продолжува - вели Џон Герзема, извршен директор на „Харис Пол“.

1

Анкетата била спроведена од страна на „Харис Пол“ во име на „Форчн“ во средината на октомври, а учествувале над 2.000 возрасни лица. Овој очигледен недостиг на доверба е лоша вест за „Фејсбук“, а главно се должи на факторите лидерство, етика, доверба и јавна слика. Исто така, скандалот со „Кембриџ аналитика“ годинава, во кој податоците на 87 милиони корисници биле споделени без нивна дозвола, заедно со протекувањето податоци во септември, кога околу 50 милиони податоци на корисниците биле изложени поради напад на мрежата, придонел за нискиот ранг на „Фејсбук“.

Според анкетата, само 59 отсто од испитаниците изјавиле дека имаат „малку доверба“ во водството на Закерберг кога станува збор за етичка употреба на информациите и податоците за приватност. Со 77 отсто, извршниот директор на „Амазон“, Џеф Безос, се најде на прво место, а веднаш по него е Тим Кук, извршниот директор на „Епл“ со 72 отсто. На трето место е Сатја Надела, извршен директор на „Мајкрософт“ со 71 отсто, а на четврто Сундар Пичаи со 68 отсто, извршен директор на „Гугл“.

- Тоа би била оценка 3 или 2 во основно училиште - вели Герцем.

„Фејсбук“ одби да коментира за анкетата. Наместо тоа, укажа на неодамнешните забелешки на Закерберг, кога тој рече дека „Фејсбук“ продолжува да инвестира во безбедноста и нејзините одбрани се подобруваат.

Не само корисниците на „Фејсбук“, туку и некои од главните инвеститори во компанијата се разочарани од Закерберг. Минатиот месец неколку големи инвеститори предложија да се отстрани Закерберг од претседателското место на компанијата.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија