Човековото тело е прилично морничаво. Нашиот имунолошки систем може да се сврти против нас, скелетите со кои се маскираме за да изгледаме страшно всушност се внатре во нас цело време, а можеме и да развиваме тумори. И тоа не обични тумори, туку тумори со заби.
Овие тумори со заби се наречени тератоми, што на грчки значи чудовишни тумори. Тератомите не се познати само по забите. Тие се познати и по тоа што содржат различни видови ткива: коски, мускули, коса и елементи на нервен систем. Откривани се и тератоми со очи, а кај едно 16-годишно девојче бил откриен бениген тератом со добро организирано церебрално ткиво сместено во коскен оклоп, слично на череп.
Нејзиниот тератом бил невообичаено развиен, но на многу начини бил типичен зрел тератом. Зрелите тератоми може да бидат големи и болни. Тие можат да бидат и трајни. Се случува и одново да израснат откако ќе бидат отстранети. Но, тие обично не се опасни. Незрелите тератоми, чии клетки допрва треба да се развијат во повеќе видови ткиво, се оние што имаат најголем потенцијал да се развијат во рак.
Тeратомот кај 16-годишното девојче бил најден во јајчник. Тоа е место на кое кај жените често се појавува тератом. Кај мажите тератомот често се појавува во тестисите, а кај децата обично на опашната коска.
Но, зошто се заблести?
Не грижете се, тератомот може да развие заби, не со помош на црна магија, туку со помош на нормалната магија во вид на матични клетки кои се претвораат во јајце-клетка или во сперматозоид. Тие клетки се плурипотентни, како што наведуваат научниците, што значи дека може да создаваат различни видови клетки. Кога тие клетки ќе „здиват“, се појавува тератом.
Во 60-тите години на 20 век ембриологот Бари Пирс откри дека коренот на секој тератом е една таква клетка која создава постојан тек на нови и различни клетки што се акумулираат во маса. Во меѓувреме, сите други клетки во туморот имаат нормален клеточен живот и на крајот изумираат.
Тератомите не се толку страшни како што звучат. Тие се претежно бенигни и како што не треба да судите за книгата по корицата, така не треба да судите за туморот по неговите заби, коса и целосно развиени очни
јаболкца.