X
 06.09.2019 Наука

Дојде крајот за пломбите?

Научници создадоа гел со чија помош забната глеѓ сама се регенерира. Овој изум би можел да ги спаси луѓето од одење на стоматолог (што за многумина е застрашувачко) и дупчењето на забите за да се стави пломба во нив.

Глеѓта е заштитен слој на забот. Нејзината дебелина и цврстина може да се намалат поради повторувачкото џвакање и лошата исхрана, што доведува до создавање кариес, кој мора да се поправи со пломби за да се спречи понатамошното оштетување на забот.

Со оглед на тоа дека пломбите се направени од туѓи материјали, како што се метал, порцелан и смола, тие често се разлабавуваат и тоа може да доведе до повторно создавање на кариес. За да го решат тој проблем, хемичарот Руиканг Танг и неговите колеги од Универзитетот во Џеѓанг, Кина, создале гел кој содржи калциум и фосфат, состојки на природната глеѓ, за да се обидат да ги поттикнат забите на самообновување.

Го третирале така што го нанесувале на веќе извадени човечки заби кои претходно ги оштетувале со киселина. Потоа забите ги ставале во сад со течност која ги имитира условите што постојат во нашите усти и таму ги држеле околу 48 часа.

Во текот на тој период гелот дејствувал на таков начин што стимулирал раст на нова глеѓ. Тој нов површински слој бил дебел околу 3 микрометри, што е околу 400 пати потенко од неоштетена глеѓ, но Танг смета дека гелот би требало да биде многу поефикасен ако се нанесува повеќе пати и дека во тој случај би можел да поттикне создавање на подебел слој на глеѓ.

Научниците моментално го тестираат гелот на глувци и се надеваат дека наскоро ќе можат клинички да го тестираат на луѓе.

- Мораме да бидеме сигурни дека хемикалиите во гелот се сигурни и дека новата глеѓ може да се формира во устата дури и кога луѓето јадат и пијат - истакна Танг.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука