Сите знаеме колку е важно да се одржува оралната хигиена и здравјето на забите. Тоа гарантира убава насмевка и спречува појава на некои други болести. Но, знаеме и дека штом ќе се појави шуплина на забот или тој пукне, тоа е почеток на крајот. Немаме резервен заб кој може да порасне и да го замени заболениот или оштетениот.
Меѓутоа, група јапонски научници работи на развој на лек кој би го стимулирал растот на забите. Како што е објавено, клиничкото тестирање на потенцијалниот лек за повторно растење на забите треба да започне во јули 2024 година. Доколку лекот се покаже успешен на овие тестови, би можел да се најде на пазарот до 2030 година.
За време на тестирањето, научниците од Медицинскиот истражувачки институт во болницата „Китано“ во Јапонија ќе се фокусираат на луѓето со анодонција, ретко генетско нарушување кое го спречува нормалното растење на млечните и трајните заби. Научниците сакаат прво да го тестираат лекот на најмладите пациенти, но веруваат дека од него би можеле да имаат корист и возрасните, како што се луѓето кои имаат проблеми со пародонталната болест.
Докторот Кацу Такахаши, директор на одделот за стоматологија и орална хирургија во болницата, работи на развој на лекови од неговите студентски денови. За време на неговото истражување, тој открил врска помеѓу специфичен ген (USAG-1) и бројот на заби кај глувците. Тие откриле дека има антитела кои можат безбедно да ја блокираат активноста на генот и да го стимулираат растот на забите. Следниот чекор е да се утврди дали истата хемиска реакција постои кај луѓето и дали може да се манипулира со неа.
Такахаши истакнува дека главната предност на оваа техника е тоа што може да го стимулира создавањето и растот на трета група заби кај возрасните, на сосема природен начин, без употреба на матични клетки. Лекот кој го блокира специфичниот ген кај глувците се покажал како многу ефикасен и може да биде револуционерно откритие во лекувањето на забните аномалии кај луѓето, според научниците.
Извор:
Zimo
Насловна фотографија: Pixabay