Документи издадени на извесна Катерина, ќерка на Јаков и робинка од Черкезија, биле откриени во Државниот архив во Фиренца. Документите фрлаат нова светлина врз потеклото на мајката на познатиот пронаоѓач.
Истражувачите сметаат дека споменатиот документ се однесува на мајката на Леонардо да Винчи и претставува своевиден доказ дека таа била робинка од Кавказ, поточно од Черкезија, регион кој се наоѓа северно од Азовското Море и денес ѝ припаѓа на Русија.
Долго време се верувало дека мајката на Леонардо била робинка и често била опишувана како неписмена селанка. Новите докази покажуваат дека таа можеби воопшто не била таква, но дека не знаела да чита и пишува на фирентински јазик.
- Сосема случајно, пред неколку години беа откриени овие документи и почнав да ги проучувам за да докажам дека робинката по име Катерина не била мајка на Леонардо. Но, сите докази на крајот го покажуваа токму спротивното, особено документот за ослободување - вели Карло Вече, професор од Универзитетот во Неапол и експерт за ренесанса.
Интересно е што документите ги потпишал нотарот Пјеро да Винчи, поточно таткото на Леонардо, на 2 ноември 1452 година кога уметникот имал шест месеци, иако тој не бил сопственик на Катерина, туку одредена дама Гинерва. Од Комората објаснуваат дека сите податоци укажуваат дека таа била киднапирана во Черкезија и продадена во ропство, па од Константинопол пристигнала во Венеција, а потоа во Фиренца. Најверојатно Пјеро ја запознал додека таа служела во Палацо Кастелани, сега познат како музеј „Галилео Галилеј“. Набргу потоа забременила, а нејзиниот сопственик ја ослободил, по своја слободна волја или по убедување од таткото на Леонардо.
Леонардо да Винчи првите десет години од детството ги поминал со својата мајка, која го одгледала сама. Пјеро да Винчи не се оженил со неа затоа што бил принуден да земе жена од повисока класа, додека на Катерина ѝ бил пронајден соодветен сопруг кој ја прифатил нејзината ситуација. Во тогашните документи Леонардо се споменува како „внук на Пјеро да Винчи“, име што се користело во тоа време за вонбрачните деца.